1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците масовно затајуваат данок

8 мај 2011

Финансиски стручњаци од ЕУ, ЕЦБ и ММФ ја разгледуваат грчката програма за штедење, пред да ја одобрат новата рата од финансиската помош, во висина од 12 милијарди евра. Стручњаците во Грција ги лоцираат проблемите.

https://p.dw.com/p/119Mi
Грција се справува со должничката кризаФотографија: fotolia

Бројките зборуваат за себе: Во 2011 година грчките даночни обврзници ќе затајат 30 милијарди евра. Тоа се многу повеќе пари, отколку што грчката влада планираше да заштеди во изминатите 12 месеци и да ја спаси земјата од банкрот. Со оглед на недоволните приходи од данок, но и поради погрешните статистики, грчкиот државен дефицит за 2010 неколку пати растеше. На министерот за финансии Јоргос Папаконстантину, откако не успеа да ги реализира плановите за штедење, сега му останува само уште да им објави војна на затајувачите на данок.

Потребна е политичка волја и совест на граѓаните

Борбата против затајување на данок е пред се’ прашање на политичка волја, смета Јанис Стурнарас професор по економија на универзитетот во Атина. „Со проверка на даночните пријави и банкарските податоци Управата за јавни приходи уште денес би можела да ги пронајде затајувачите на данок, само ако сакаат. Освен ова, повеќе од 70 проценти од оние кои работат самостојно речиси да не плаќаат данок. Имено тешко може да се поверува дека многумина лекари, адвокати или сметководители заработуваат помалку од износот ослободен од данок, 12 илјади евра годишно“, вели Стурнарас.

Finanzkrise Griechenland 2011_3
Фотографија: fotolia/DW

Ако секој жител совесно плаќа данок, грчкиот буџет би имал дури суфицит, барем на хартија. Затоа и шефот на ММФ, Доминик Штрос Кан бара од грчката влада да го спречи затајувањето данок. Меѓутоа стопанството скептично гледа кон министерството за финансии и се жали на противречности во грчката даночна политика. Иако од почетокот на кризата континуирано растат даноците на промет и додадена вредност, приходите се се’ помали, оти рецесијата и зголемувањето на даноците ја гушат конјунктурата.

Приватизацијата е решение?

Берзанскиот експерт Бабис Ангелетопулос, смета дека решението не е во повисоки даноци туку во приватизацијата: „Само на тој начин грчката влада би можела да ги увери финансиските пазари дека ќе ги исполни обврските кон партнерите во еврозоната. Освен ова во кризни времиња, земјата секако не би можела да издржи толку голем државен апарат.“

Професорот Стурнарас инаку е против репрограмирање на грчкиот долг, затоа што грчките банки немаат капитал, а социјалните фондови би претрпеле штети во висина од милијарди. Тој смета дека Грција треба консеквентно да ја спроведува програмата за реформа и да ја забрза приватизацијата. На тој начин не само што во државната каса ќе се влеат повеќе пари, туку ќе се поттикне растот на стопанството, појаснува професорот Стурнарас.

Автор: Јанис Пападимитриу/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска