1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција ги става бегалците под надзор

Јанис Пападимитриу
28 ноември 2019

Грчката влада најави поостар курс кон мигрантите и бегалците. Во рекордно време треба да се постават нови кампови за депортација, а барањата за азил ќе се обработуваат многу побрзо.

https://p.dw.com/p/3TsaV
Lesbos Flüchtlingslager Moria 13
Фотографија: InfoMigrants/Aasim Saleem

За Јорго Станцос нема компромис. По најавата на владата во Атина за затворање на безнадежно преполните кампови за регистрација на бегалци во источниот Егеј и отворање на нови затворени кампови за повеќе илјади лица, градоначалникот на островот Самос се заканува со консеквенции – целиот градски совет ќе даде оставка доколку владата инсистира на најавените планови, предупредува Станцос. Поранешниот социјалист претходно го поддржуваше поостриот курс на новата конзервативна влада. Што се смени? Всушност ништо, вели заменик градоначалникот Јорго Дионису во разговор за ДВ. Во приницип, на Самос се согласни со владиниот предлог за поставување затворени кампови. Но „ние сме против тоа да треба да продолжиме да сместуваме 5000 новодојдени бегалци. Време е нашиот остров да се олабави," бара тој.

Недалеку од градското собрание бегалците и мигрантите во центарот за регистрација Вати се заглавени во мизерни околности. Околу 700 лица требаше да бидат сместени во поранешната касарна, а сега таму има околу 5000. Поголемиот дел се од Авганистан, Ирак или субсахарска Африка. Кампот „пука по шавови“. Цели семејства се сместени во шатори, речиси без пристап до санитарни јазли.

Griechenland l Migranten auf Lesbos - Migranten feiern den Transfer
Бегалците на Лезбос неодамна се радуваа на преместувањето на копноФотографија: DW/D. Tosidis

Преку ден новодојденците се шетаат низ центарот на главниот град на островот. Таму веќе се зборува за втора Мориа – алузија на озлогласениот бегалски камп Мориа од соседниот остров Лезбос. Заменик градоначалникот Дионису вели дека би било подобро доколку новодојдените бегалци не се шетаат така слободно, туку да бидат под надзор во затворен камп. „Во спротивно би била загрозена безбедноста на нашите граѓани, па и на новодојдените бегалци," стравува тој.

„Безбедност“ како високо добро

„Луѓето мора повторно да се чувствуваат безбедно“ – ова сѐ почесто се слуша од новата конзервативна влада. Премиерот Мицотакис доста поентираше на ова и во изборната кампања. Добрата вест гласи – преполните кампови како Мориа на Лезбос или Вати на Самос треба да се затворат. Ќе се прават нови затворени кампови на островите во источниот Егеј. Според грчките медиуми, вакви кампови се планираат и на копно. Ова е надополнување на ветувањето на новата грчка влада дека и барањата за азил ќе се обработуваат побрзо. За разлика од досегашната практика, овие лица нема со години да седат во отворените кампови додека не им се одлучи барањето за азил. Одбиените баратели на азил ќе се праќаат во затворени центри за депортација, а оттаму назад во соседна Турција.

Самос: без опасност за туристите

Деталите сѐ уште не се познати. Претставници на Амнести интернешнал и УНХЦР се прилично воздржани. Атинските политичари се расправаат околу смислата на новата бегалска политика. Затворени кампови нема да го решат проблемот, туку ќе создадат нови, смета Костас Арванитис, европарламентарец од опозициската левичарска партија Сириза. Овде станува збор за нешто сосема друго, верува овој политичар. „Недалеку од мојата викендичка во Лаврион, во близина на Атина, има камп со 290 бегалци. Овие луѓе секојдневно се на пазар, нивните деца одат на училиште и ние немаме никаков проблем со тоа, ниту со нив“, вели Арванитис за ДВ.

Griechenland Moria Flüchtlingslager auf Lesbos
Бегалскиот камп Мориа на Лезбос треба да биде затворенФотографија: Infomigrants/A. Jawad

Но, веројатно ситуацијата не би била иста кога во Лаврион не би биле 290, туку неколку илјади бегалци низ улиците. Секако пренатрупаниот камп од Мориа нема добри услови, смета Арванитис. Но, пристапот на оваа влада покажува дека конзервативците немаат концепт за справување со бегалската криза. Конечно, бројот на новодојдени бегалци по промената на власта во Атина не е намален, туку напротив зголемен, се жали политичарот од левицата.

Повеќе: 

Доброволно враќање во Сирија или преку Грција до богата Европа?

Дали на Грција и` се заканува нова бегалска драма?

Бегалците страдаат поради лошиот договор

Бегалската политика како најголем проблем 

Политичарката Елиза Возенберг од конзервативците не сака да ги остави работите вака. „Зголемениот број на новодојдени бегалци нема никаква врска со новата влада, туку со фактот дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги пропушта бегалците и мигрантите кон Европа“, вели оваа правничка за ДВ. И поранешната левоорентирана влада е исто така одговорна за актуелната ситуација, поради тоа што водеше политика на отворени врати, смета Возенберг. Но, сега е време безбедноста на граѓаните во Грција да биде во фокусот на бегалската политика – особено што бројот на бегалци продолжува да расте. „Минатата недела регистриравме дневно по 400 новодојдени бегалци во истиочниот Егеј. Каде води тоа?“, прашува конзервативната европарламентарка.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат поддршка за поостар курс во однос на бегалците. Според последната анкета во атинскиот весник „То Вима“ околу 33% од испитаниците сметаат дека во моментов бегалската и миграциската политика е проблем број 1 во Грција. Само 28% сметаат дека економската политика во земјата е најважниот проблем, а само 14% се загрижени поради големата невработеност во земјата.