1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчка криза: „Детето мора да ја научи лекцијата“

8 јуни 2011

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле во писмо до колегите од ЕУ предупредува дека на Грција и’ се заканува нерегулиран банкрот. Печатот на германски јазик пишува за лекциите што мора да ги научи Грција.

https://p.dw.com/p/11WzR

Министерот за финансии Волфганг Шојбле, заедно со канцеларот Ангела Меркел, денеска (08.06) ќе ги информираат членовите на пратеничките групи од владината коалиција за мерките за помош на презадолжената балканска земја, а се предвидува в петок (10.06) министерот да даде и владина изјава пред сите пратеници на Бундестагот. Потоа парламентот треба да се изјасни за владиниот предлог за натамошна финансиска помош на Грција. Грчката криза е истовремено и криза на ЕУ, како и на еврозоната, па е постојано присутна тема и во печатот на германски јазик. Од денешните написи ги издвојуваме следниве коментари.

Предлозите на партиите од владината коалиција во Германија за решавање на грчката криза „ТАЦ“ од Берлин ги карактеризира како „расчекор меѓу желбите и можностите“. Во коментарот со наслов „Еден банкрот ќе биде позлатен“ читаме:

„Кај некои пратеници и натаму е омилена идејата дека Грците едноставно би можеле да го продадат нивниот наводно огромен државен имот. Но, дури и приврзениците на сеопфатната приватизација почнуваат да сфаќаат дека веројатно ќе биде тешко да се најдат купувачи за честопати руинираните грчки државни претпријатија. Кој сака да купи железница која прави загуби изразени во милијарди?“

За идејата на некои пратеници од владиниот блок да се издадат хартии од вредност засновани врз грчкиот државен имот, во коментарот се вели: „Теориски идејата е заводлива: од недвижности би настанал мобилен капитал, намалувањето на долговите би можело да започне. Но, овој навидум генијален предлог, практично се сопнува на еден прост детал: кој сака недвижнини да понуди преку хартии од вредност, мора претходно да ги процени. Притоа, повторно би се појавил проблемот, дека за инвеститорите не е атрактивно стопанство во криза - значи, за грчкиот државен имот хартиите од вредност можат да имаат само багателна цена.

Некои либерали и политичари на Унијата согледаа дека ни приватизацијата сама по себе не е решение. Нивната најнова идеја е дека би можело да се игра на ’доброволно‘ репрограмирање: банките да ги заменат грчките државни обврзници за хартии од вредност со подолг рок на отплата - значи, да гарантираат одложување на отплатата на грчкиот долг. Но, зошто банките би го сториле тоа? ’Доброволно‘ никој не прокнижува загуби“, коментира „Тац“ од Берлин.

„Грција може да смета дека ќе биде спасена, поради тоа мора да добие лекција“, смета „Ди пресе“ од Виена во коментарот со наслов „Тато ќе ја среди работата“. Во него се вели:

„За да ја објасниме грчката дилема, да направиме едноставна споредба. Тоа е како ќерката да дојде дома со сметка од 2 илјади евра направена со нејзиниот мобилен телефон. Таа може да смета на тоа дека тато ќе ја среди работата. Само, како да се спречи тоа да не се повтори и наредниот месец? Ќе и‘ се наложи да изврши работи кои не и‘ причинуваат задоволство, со надеж дека ќе си ја научи лекцијата.

Грција може да смета на тоа дека државите на ЕУ ќе и’ ги решат финансиските проблеми. Ако ја остават да падне, тоа би можело да има фатални последици не само врз другите земји (Шпанија, Португалија, Ирска, Италија), туку и врз еврото. Поради тоа отпорот на Словачка е само театарски грмеж.

И покрај тоа, Грција за спасувањето мора и да страда - со масовно приватизирање и со стриктен пакет мерки за штедење. Инаку, детето никогаш нема да ја научи лекцијата“, заклучува „Ди пресе“ од Виена.

Извор: ТАЦ, Ди Пресе

Обработка: Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска