1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кремљ во балканскиот ќорсокак

Константин Егерт
24 јули 2018

Грција и Македонија реагираат на обидот на Москва да предизвика немири поради компромисот на двете земји. Кремљ одговара со пропаганда. За фијаското на руската политика на Балканот пишува Константин фон Егерт

https://p.dw.com/p/31yne
Russland Griechenland Tsipras bei Putin
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zemlianichenko

Грците се обидуваа со сите сили и направија сè што можеа. Кога владата на Алексис Ципрас одлучи да протера двајца руски дипломати и да им забрани влез на двајца други, официјалната изјава на грчкиот министер за надворешни работи зрачеше со мир - ние во Атина ова го сметаме за изолиран инцидент и тој не смее да има влијание врз односите со Москва.
Грчките дипломати во исто време потсетија: Грција беше една од ретките земји која одби да ги протера руските дипломати во знак на солидарност со Обединетото Кралство по труењето на поранешниот агент Скрипал.

Како Грците го „навредија“ Путин
Притоа, грчката влада и порача на Москва: "Не сме задоволни со вашите обиди да се мешате во процесот на нормализација на односите со Македонија. Не ни се допаѓа кога вашите агенти се обидуваат да ги купат нашите функционери и епископи, вклучително и преку Империјалното палестинско православно друштво. Подготвени сме да заборавиме дека се обидувате да влијаете врз нашата внатрешна и надворешна политика“.
Но, одговорот од Москва ги шокираше дури и традиционално русофилски настроените Грци. Најпрво, руското Министерство за надворешни работи обвини дека Атина, протерувајќи ги руските дипломати, дејствувала по наредба на Вашингтон. Потоа официјалниот претставник на министерството Марија Захарова креативно ја доразви оваа линија. Таа им вети на православните браќа "сериозни последици". Сепак, од Москва се уште не е протеран ниту еден Грк - но како што велат во Москва, за тоа постои една многу едноставна причина: грчката амбасада нема ниту еден шпион под својот дипломатски кров.
Грците се налутија и возвратија со уште едно писмо. Овојпат во извонредно срочениот одговор, Русија беше обвинета за недостаток на почит кон суверенитетот на Грција и на општоприфатените норми на дипломатијата. Грчкото Министерство за надворешни работи, всушност, ја повлече својата претходна мирољубива изјава. Сфативме дека вашата агенција работи под директна наредба на Кремљ, се наведува во вториот текст. Тоа беше демонстративен напад врз Владимир Путин.

Поддршка за националистите
Руско-македонскиот скандал се совпадна со руско-грчкиот конфликт. Рускиот бизнисмен со грчко потекло Иван Савиди беше осомничен од македонското МВР дека со 300 илјади евра ги финансирал противниците на договорот со Грција за преименување на поранешната југословенска република во "Северна Република Македонија". Според пишувањата во грчкиот печат, руските агенти се обидувале да и дадат поддршка на истата националистичка публика, само од другата страна на границата.
Сето тоа се покажа бескорисно - Атина и Скопје се согласија за ново име за Македонија. Потоа, Грција ја  повлече блокадата за пристапувањето на соседната земја во Алијансата. Македонија доби официјална покана да го започне процесот на пристапување во НАТО на последниот самит на сојузниците во Брисел во средината на јули. Со други зборови, Македонците го поминаа истиот пат како и Црногорците. Во 2016 година, Москва исто така се обиде да го спречи нивниот влез во Алијансата и организираше државен удар. Судењето на осомничените за овој случај сѐ уште трае.
Од време на време се појавуваат и нови сензационални детали, како на пример, за можната вмешаност во неуспешниот државен удар на Рамзан Кадиров. Тој, според сведоците на обвинителството, му испратил пари на муфтијата на Црна Гора да организира муслимански протести против НАТО. Доколку им верувате на претставниците на Москва, таму немало пуч, туку провокација од Алијансата (читај - САД, бидејќи НАТО "игра по нивната музика"), со цел да се привлечат несреќните Црногорци во Северноатлантскиот пакт.
Фамозното „вашингтонско свирче“ некогаш беше симбол на импотенцијата и глупоста на советската пропаганда. Денес, судејќи според руското МНР и државната телевизија, Американците свират во Ерихонската трупа по чии тонови не играат само предавничките балкански народи. Не, по тие ноти игра и Германија, предводена од Ангела Меркел и воопшто целата ЕУ, вклучувајќи ја и Тереза Меј со нејзината влада.

Griechenland Namensstreit mit Mazedonien Protest
Протести во Грција против договорот за иметоФотографија: Reuters/A. Avramidis
von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт е руски новинар и колумнист на руската редакција на Дојче веле

Стрип на глупости
Целата приказна со Меркел е истрел во празно. Доналд Трамп- кој по сила на функцијата ја поседува Ерихонската трупа- верува дека Меркел игра по музиката на московската балалајка бидејќи се согласува со изградбата на Северен тек 2 и дава премалку пари за одбраната. Како кон тоа се однесува официјална Москва засега не е познато. Изгледа дека Меркел ќе мора да признае дека е двоен агент и на ЦИА и на КГБ.
Но, без иронија: политиката на Москва на Балканот е бесконечен стрип на глупости, ароганција и историско незнаење. Во тој стрип Владимир Путин има улога на руски император (можеби Александар Трети, денес омилен во Москва, а можда и Николај Втори).
Во тоа сценарио, Балканот е територија населена со прости селани кои му се молат на рускиот цар како заштитник и чувар на верата пред католичките еретици од Виена и мухамеданците на цариградскиот султан. И така и се случува, по наредба од Петроград (или денес Москва). Непослушните ќе бидат казнети- како во 1903 кога заговорниците со поддршка на Русија го убија српскиот крал Александар Обреновиќ.
Оваа слика на светот, благо речено, не е баш хармонична и стара е најмалку еден и пол век. По Втората светска војна таа и сосема престана да ја одразува реалност- доволно е да се потсети на растојанието кое Титова Југославија го држеше во однос на Советскиот сојуз.
По крвавиот распад, вклучувањето на поранешните југословенски републики во ЕУ и НАТО- иако второто не важи за Србија- стана главна цел на елитите на балканските држави кои не сакаа реприза на војните од 90-те со етничкото чистење и колоните бегалци. Доколку се воопшто подготвени да го „продадат“ својот суверенитет, секако не се подготвени да ѝ го продадат на Москва.

Mazedonien Protesten in Bitola
Протести во Битола против промена на иметоФотографија: Getty Images/AFP/M. Zlatevska

Култивација на националисти
Европејците и Американците, секако, тоа го гледаат како позитивен развој (никој не е луд да плаче по беузмните балкански националисти), но веќе ја немаат привлечноста која ја имаа. Со оглед дека од новите членки во догледно време не би имало финансиска, економска и социјална корист, гласачкото тело во државите на ЕУ и НАТО не се баш одушевени со приемот на нови земји.
Во сите изминати години, Москва во регионот систематски култивираше националисти, опскурни ликови, конспиратори и едноставни бандити. Ги купуваа, им ласкаа, им шепотеа... Сѐ под мантрата на словенското братство, православниот идентитет и борбата против „одвратните западни вредности“. Истото, освен делот за словенството, важи и за традиционално левичарската и антиамериканска Грција.
Судејќи по „брилијантните“ резултати, играта на историска реконструкција очигледно ја одведе руската политика во ќорсокак. Кога Црна Гора радосно воведува санкции против Кремљ, а грчкото министерство на господата од Црвениот плоштад им дели лекции за суверенитет- можеби е време Москва да ја преиспита својата политика?
Но, не треба да се очекува самокритика во Москва. Далеку полесно е сѐ да се објасни со интриги на Вашингтон и неговата агентка Меркел одошто себеси да си признаете дека долгорочните успеси не доаѓаат доколку целата стратегија се состои од варварска дрскост измешана со безграничен цинизам и потпирање врз корупција во меѓународните односи.