1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Да се сурфа или не, прашање е сега

Синоличка Трпкова
27 јули 2018

Има се’ помалку желба за реални активности, во реалниот свет, што бараат долготрајна посветеност и упорност. Наместо тоа, ако може се’ - набрзина и инстант! Животот се сели во друг универзум.

https://p.dw.com/p/32Bai
Sinolicka Trpkova, mazedonische Schauspielerin
Фотографија: S. Trpkova

Гледам како едно дете се обидува да се качи на даска за сурфање.  Ги користи сите трикови и сила за да застане и да го подигне едрото. Секој обид е се' понеуспешен зашто го совладува умор. На почеток ова изгледа забавно и наивно, но по извесно време забележувам само жилава упорност во намерата да застане и да се заплови на даската. Изгледа дека за него не постои сила што може да го спречи во таа намера - во еден обичен обид да се сурфа, со помош на сопствената умешност за рамнотежа. Кога гледаме луѓе што се експерти во тоа, воопшто не ни размислуваме како стигнале до таму. А колку всушност човек лесно може да се откаже од секакви предизвици, избирајќи полесен и пократок пат до брзо достижна цел! И детето можеше да најде утеха и да сурфа на својот ајфон или компјутер, на пример, но не го направи тоа. Додека го гледав се прашував од каде доаѓа таа упорност, да успее и да не се откаже. Го влечеше јажето од едрото без престан, на рацете сигурно му излегоа и плускавци, но не чув од него ниту глас ниту поплака во ниеден момент.

Deutschland Windsurf-Weltmeister Philip Köster
Фотографија: picture-alliance/HOCH ZWEI/J. Pollex

Не верувам во брз успех

Секој од нас има моменти кога решава да дигне раце од намерата да постигне одредена цел. Никој не сака да се мачи и губи енергија и време, доколку постои опција  за брз успех. Но за сурфање на вода, на пример, не постои краток пат. Тоа не може да се научи без долготрајна упорност и многу неуспешни обиди. Не постојат магични трикови за да се застане и балансира сопственото тело на даска, сурфајќи по брановите. Да се чувствува и користи ветрот во едрото, контролирано само од нас. Да се плови и да се држи контрола врз две природни и моќни сили – вода и ветер!

Не верувам во брз успех. Не верувам ниту во талент без работа. Го видовме сиот „сјај” на избирање полесен пат во капитализмот. Од вештачки и брзи подмладувања, лесни збогатувања, популарност стекнати преку измами и лаги. Во 21 век, дебелината стана поголем проблем одошто неухранетоста. Секоја маана лесно се средува - со фотошоп. Брзата храна, во комбинација со брзиот успех го уништува генетскиот материјал на човекот. Сиромаштијата на духот станува заразна болест не само кај нас, туку и во глобални рамки. Исчезнува интересот за барање на вистина надвор од екранот на телефонот или компјутерот. Но најстрашно од се' е дека исчезнува и интересот за знаење, и за континуиран и содржаен ангажман на човекот надвор од виртуелната сфера, па нека е тоа и совладување на спортска вештина. Има се’ помалку  желба за реални активности, во реалниот свет, што бараат долготрајна посветеност и упорност. Наместо тоа, ако може се' - набрзина и инстант! Животот се сели во друг универзум. Зошто некој воопшто би морал да сурфа на вода, кога со неколку клика лесно ќе може да сурфа на интернет?

Frau mit Kopfhörern in einer virtuellen Welt
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Младите често се правдаат дека вложувањето напор во реалниот свет е бадијала. Уште пострашна е и критичноста што некои ја имаат кон оние што од петни жили вложуваат време, енергија и ентузијазам да се качат на своите „даски” за сурфање - додека тие сами ништо немаат направено во животот.  Залепени пред екраните, младите стануваат малодушни и цинични, потсмешливи и иронични кон секој обид да се скрши виртуелното стакло и да се исчистат „срчите” со голи раце. Изминува работниот век на  „плускавците”. Но, виртуелното цунами не вреди ни пет пари без конкретна примена во реалноста. Нужноста да ги ставиме умот и рацете во употреба - гасне. Но на светот тие сеуште му требаат - заедно и сложно! Иако некому тоа не му е сеуште јасно.

Претходни колумни од авторката: 

Кон подобро општество

За злосторот на паланката

За (пре)пораката од нашите предци

Младите Холанѓани како пример

Неодамна средношколци од Холандија го чистеа ѓубрето во кругот на нашата болница, употребувајќи ги своите раце. Еден тукушто завршен средношколец од Холандија (по име Бојан), ќе ни го исчисти и ѓубрето од океаните. Му збоктисало на детето од пластиките во океаните и решило да измисли начин да ги исчисти. Го ставило студирањето во мирување и две години посветило на неговиот изум којшто станува реалност. Отпрвин идејата изгледала невозможна и неостварлива. Но неговата упорност и посветеност сега е финансирана со 320 милиони долари – за да се спаси планетава, од нашето ѓубре. Обата примери говорат за високата свест кај младите Холанѓани за реалниот свет, но и за нивниот директен и практичен ангажман во него.

Не дочекав да видам како завршија напорите на момчето сурфер и дали успеа како во приказните со среќен крај, да се качи на даската и да заплови кон хоризонтот. Но сеуште го гледам малечкото и жилаво тело како неуморно се јази на даската, повторно и повторно. Воопшто не се сомневам дека неговата упорност и издржливост ќе го следат и во сите негови идни, сериозни битки во животот. Овие особини се вредни за восхит и почит, и тие се најсигурниот патоказ кон нечиј успех. Зашто без нив, поразот ни останува како единствена опција!