1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е национализацијата лек за недостигот од станови?

Давид Ел
20 април 2019

Политичари од сите партии спорат околу можноста за принуден откуп на станови на станбените концерни во Берлин. Национализацијата е скапа, а малку донесува, смета експертот Фолкер Ајхенер, кој предлага други мерки.

https://p.dw.com/p/3GVl1
Deutschland | Mieterprotest | Plakat
Фотографија: imago/C. Mang

Кога една постојана месечна давачка во рок од седум години поскапела за 71 процент, револтот е сосема разбирлив, посебно кога станува за толку голема ставка како станарината. Во Берлин се случи токму тоа, а со ова енормно покачување престолнината на Германија е на врвот на развојот, кој им е познат на сите станари во најголем дел од германските метрополи. Затоа, против трендот на викендот на протести не излегоа само берлинчани. Протестот од страна на организацијата „За станарините одлучува народот“ беше искористен за почеток на нејзината кампања за одржување референдум за- национализација на големите станбени концерни, како Дојче вонен АГ. Оттогаш ова барање ја бранува јавноста.

Всушност, иницијаторите имаат рок од половина година за да соберат 20.000 потписи, но само два дена по стартот на акцијата, тие собраа веќе 15.000 потписи. Значи, голема е веројатноста дека со ова барање наскоро ќе мора да се зафати Сенатот на Берлин. Барањето за референдум не е правно обврзувачко, што значи дека пратениците можат и да ги одбијат барањата на потписниците. Но, во секој случај расте притисокот за преземање ефикасни мерки против недостигот од станбен простор во големите градови.

Референдумската иницијатива – „дел од клиентилистичката политика"

Фолкер Ајхенер, професор по политички науки на факултетот во Диселдорф, е против бараната национализација. „Драгоцените ограничени јавни средства ќе бидат потрошени за вакви мерки, наместо да бидат употребени за поттик на новоградби“, вели тој за Дојче веле. Национализација на концернот Дојче вонен, смета Ајхенер, „ќе привилегира релативно мал број станари кај ова претпријатие. Од таа причина, сметам дека овде делумно станува збор за клиентелистичка политика.“

Со најголеми проблеми се соочени оние кои во моментов бараат стан, „а ним со ваква национализација не им се помага“, вели Ајхенер. Освен тоа, прашање е дали јавниот интерес има толкави димензии кои би можеле да го оправдаат принудниот откуп на станови. „Дури и ако барањето помине низ три или четири инстанци, сѐ до Сојузниот врховен суд, треба да се плаќаат отштети“, истакнува Ајхенер.

Тој критички гледа и на повторниот откуп на државните продадени станови, без законска принуда: „Станбениот фонд делумно повеќепати го промени сопственикот, а секојпат се остварени притоа разбирливо и дополнителни добивки. Ако сега се врши повторен откуп, тоа секако ќе биде по многу повисока цена од онаа кога становите биле продадени“.

Deutschland | Mieterprotest | Plakat
Десетици илјади луѓе протестираа против превисоките станарини во ГерманијаФотографија: imago/C. Mang

Во годините на преминот во новиот век, многу германски градови извршија приватизација на голем дел од своите комунални станови. Краткорочниот доток на пари сега се одмаздува. Само Берлин во текот на 15 години речиси го преполови фондот на станови во своја сопственост, потенцира Ајхенер: „Сегашните повици градот-покраина Берлин повторно да го надгради својот сопствен станбен фонд е очаен обид за извлекување на детето од бунарот во кој тој сам го фрлил".

Значи, наместо за повторен откуп, јавните средства често е подобро да бидат инвестирани за изградба на нови станови.

„Да се гради, гради, гради“

Германската влада не сака да чуе за национализација на крупните станбени фирми. Министерот за економија Петер Алтмајер предупредува дека и самата дебата ѝ наштетува на конјунктурата и на „интересите на милиони станари, зашто погодува на кочењето на градежната активност и ја обесхрабрува“. Одговорот на проблемите би бил „да се гради, гради, гради“, изјави портпарол на Министерството за внатрешни работи, кое истовремено е надлежно и за изградбата на станови. Дел од мерките усвоени во Коалициониот договор веќе се спроведуваат: за изградба на социјални станови, погодности за младите родители да се стекнат со покрив над главата и поттик на градежната активност во градовите се ставени на располагање преку 13 милијарди евра. 

Wohnungssuche
Очајна потрага по стан: оглас со награда за секој кој ќе укаже на стан со разумна киријаФотографија: picture alliance/Rolf Kremming

„Самата поткрепа на изградбата социјални станови би требало да овозможи четирикратно зголемување во однос на сегашното ниво“, вели Ајхенер. Градењето социјални станови беше намалено, што значи потребата беше многу поголема. Заради тоа државата поддржува приватни градежни проекти. За возврат, луѓето со мали примања преку посебна потврда можат таму да живеат посебно поволно во цврсто одреден временски период, што пак повратно влијае на намалување на станарините во целост.

Разноликост наместо кочница за цената на станарините

Во изминатиот легислатурен период Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и СПД веќе се обидоа во големите градови да го амортизираат порастот преку т.н. кочница за висината на станарините. Но, од оваа мерка на пазарот на кој владее хроничен недостиг на станови профитираа само побогатите, заклучува Ајхенер: „Станодавецот може сам да ги избира станарите кои за него носат најмал ризик“. Затоа, стан под кирија можеа најчесто да добијат државни службеници, а поретко работници или студенти.

Повеќе:

Дали политиката може да го спаси пазарот на недвижности?

Половина плата за станарина

Кој и под кои услови издава станови во германските градови, не е лесно да се пронајде. За таа цел компјутерскиот центар Коректив програмираше веб-страница во која станарите можат сами да ги внесат своите податоци. Резултатите од проектот „Кому припаѓа Хамбург?“ беа објавени во ноември, а во Берлин и во Диселдорф се во тек слични акции. Секој трет стан во Хамбург, според резултатите, е сопственост на градското станбено претпријатие САГА.

Локалните станодавци, според Фолкер Ајхенер, претставуваат добра алтернатива за профитски ориентираните понудувачи: „Против  лихварите на станбениот пазар во прва линија помага плуралистичка структура на станбени понудувачи, а второ –висок процент од јавно субвенционирани станови“.