1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Руско ласерско оружје: мит или вистина?

24 мај 2022

Москва тврди дека погодува украински дронови со помош на ново ласерско оружје кое е брзо, прецизно и нечујно. На Запад се сомневаат дека Русија навистина располага со такви ласери, додека Зеленски му се исмева на Кремљ.

https://p.dw.com/p/4BkXr
Руски ласерски систем Пересвет
Руски ласерски систем ПересветФотографија: Mil.ru/Wikipedia

Чудесното ласерско оружје се вика Задира и за пет секунди како на шега издупчило украински дрон и тоа на далечина од 5 километри. Тоа минатата недела на пресконференција го соопшти рускиот вицепремиер Јуриј Борисов.

Агенцијата Ројтерс потсетува на руски балистички систем кој исто така вклучува ласерско оружје наречено “Пересвет”, според средновековниот борец монах. Тој ласер наводно може да “заслепи” и сателити кои кружат на 1500 километри од Земјата.

„Ако Пересвет заслепува, оваа нова генерација ласерско оружје доведува до физичко уништување на метата - топлотно уништување, односно горење“, рече Борисов.

Но, бројни стручњаци изразуваат сомнежи дека Русија употребува вакво оружје.

Symbolbild I Laserwaffe
Фотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Што се ласерски оружја?

Ласерски оружја произведуваат сноп концентрирано светло на висока температура. Некои од нив може да избушат дупка во дебел челик за само неколку секунди.

Зракот патува со брзина на светлината, има голем дострел и може метата да ја погоди прецизно во милиметар. Уште една предност набоиштето е што ласерите се безмалку нечујни.

Повеќе: Како да препознаете лажно видео за воен успех во војната во Украина

Уште поважно од тоа е што се евтини бидејќи нема муниција.

ТНО, холандска истражувачка организација која работи на ласерско оружје, вели дека секој ласерски удар чини сѐвкупно еден долар. Затоа ласерите се сон на многу војски.

Американците објавија дека тестирале такво оружје минатото лето. Во април годинава израелскиот премиер Нафтали Бенет на Твитер објави дека неговата војска успешно тестира “прв светски” ласерски систем кој може да урнива беспилотни летала, ракети и гранати.

На оружјето работат и бројни други земји, како Франција, Велика Британија и Кина.

Храбри украински жени ги поддржуваат борците од првата линија

„Неколку земји ја истражуваат технологијата и користат вакви оружја. Русија би можела да биде една од нив“, вели Мартен Лерцер, портпарол на компанијата ТНО. „Сепак ние не знаеме во која фаза е тоа бидејќи таквите проекти се водат доверливо”, додава тој за ДВ.

Набрзо по руската објава, едно американско официјално лице од Пентагон на брифинг за новинари рече дека САД до сега не виделе ниту еден доказ за тврдењето дека Русите користат ласерско оружје на украинските боишта.

Со ласер против дроновите?

Доколку руската Задира навистина функционира, би можела да биде од голема помош против украинските дронови кои им претставуваа голем проблем на Русите.

Во Москва е речено дека со ласерите може да се оневозможат сателитите, како и воените камери и детектори.

Познато е дека ласерските зраци можат трајно да ослепат луѓе. Такви напади врз живи мети се забранети со меѓународни конвенции.

Земјите на НАТО ја снабдуваат Украина со дронови
Земјите на НАТО ја снабдуваат Украина со дроновиФотографија: AeroVironment/abaca/picture alliance

Пензионираниот американски генерал Мик Рајан за весникот “Вашингтон пост” рече дека руските тврдења не треба да се сфаќаат пресериозно. Како што наведува, Кремљ често знаел да ја преувеличува силата на сопствената армија во јавноста.

Слично се изјасни и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој на Твитер објави дека руските приказни за ласерот “укажуваат на комплетна пропаст на инвазијата” и дека Кремљ е “уплашен да признае катастрофални грешки на највисокиот државен и воен врв”.

Зеленски ги исмејува руските лидери што бараат „чудесно оружје”, алудирајќи на пропагандата на нацистичка Германија. Нацистите постојано зборувале дека имаат “вундервафе” (чудесно оружје) кое би ја одлучило војната - а, тоа се покажало како чиста пропаганда.