1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Го подобри ли Орбан кризниот менаџмент против коронавирусот?

8 април 2020

Со закон за вонредни ситуации, Виктор Орбан може да владее со декрети на неодредено време. Претседателот на ДЈИЕ, Мануел Сарацин предупредува на опасноста од трајно укинување на поделбата на власта во Унгарија.

https://p.dw.com/p/3acUF
Ungarn Premierminister Viktor Orban
Фотографија: picture-alliance/AP/MTI/Z. Mathe

Дојче веле: Минатата недела унгарскиот парламент усвои т.н. закон за вонредни ситуации, кој на премиерот Виктор Орбан му дава широки овластувања. Тој сега може практично да владее преку декрети. Дали е тоа крај на демократијата во Унгарија или неопходен чекор во време на корона-криза?

Мануел Сарацин: Необично е што овластувањата не се временски ограничени, а истовремено парламентот поради ситуацијата со коронавирусот можеби нема да може да заседава. Тоа значи дека за унгарската влада би било можно да работи трајно со тој закон без парламентарна контрола. Доколку Орбанпродолжи да владее така, тоа навистина би можело да значи трајна суспензија на поделбата на власта во Унгарија.

Зборувате во условен начин. Стравувате ли дека актуелната криза е изговор за трајно воспоставување такви промени?

Всушност, јас поаѓам од тоа дека господин Орбан порано или подоцна ќе се врати кон досегашниот стил на свое владеење. Во сегашната или во претходната состојба, земјата веќе во одредена мерка е демократија на неалтернативност, конструирана неалтернативност во насока на Фидес, така што воопшто не гледам потреба зошто сега би требало да се воведува формална, под наводници, диктатура. Истовремено, се разбира, можеби ова време без контрола и јавна расправа тој ќе го користи за воведување одредени рестриктивни мерки, како што е на пример прашањето за слободно известување за заразата.

Зарем ЕУ не би требало конечно да преземе поостри мерки, но и да стигне предупредување од страна на Германија?

Прво мислам дека е важно внимателно да се посматра во која мерка тие исклучително драконски овластувања и мерки кои ги доби господин Орбан, наводно за борба против пандемијата, навистина и ќе водат кон поефикасна борба против заразата. Врз основа на досегашните вести кои ги добивав од Унгарија, се гледа дека има многу малку тестирања и дека народот е лошо информиран. Има и многу нејасностии поврзани со тоа каква е всушност ситуацијата... Тоа значи дека прстот треба да се брцне во раната. Дури и тие драконски мерки очигледно не придонесуваат вистински кон поефикасна борба против коронавирусот во Унгарија. Мислам дека тоа најмногу ги интересира луѓето во Унгарија, покрај нивната демократија.

Што треба да се преземе сега за засилување на европските вредности?

Како прво мислам дека не е во интерес на ЕУ да се зборува само за владеењето на правото во Унгарија, туку и да се види колку е таму успешна борбата против коронавирусот. Второ, мислам дека би требало да постои еден европски пакет, за Европската комисија да може критички да преиспита колку се националните мерки во борбата против пандемијата во согласност со европското право и европските вредности од член 2 од Договорот за ЕУ. Тогаш би можело да се утврди дали спроведените мерки во Унгарија навистина се поопсежни отколку во други земји и дали се поефикасни. Тогаш би можело од оваа ситуација да се научи нешто!

Manuel Sarrazin, MdB Bündnis90/Die Grünen
Претседателот на Друштвото за југоисточна Европа, Мануел Сарацин Фотографија: DW/A. Feilcke

Унгарија не е единствена земја во која гледаме се‘ поголемо концентрирање на моќта околу една личност, сеедно дали станува збор за премиер или претседател, и дека коронавирусот се користи за тоа да се легитимира, за моќта да биде уште повеќе монополизирана...

Во последните години постои тренд моделот на силни лидери, под наводници, се‘ повеќе да се доживува како некој бид прибежиште на стабилност, безбедност и напредок и дека либералната демократија во целиот регион е под голем притисок. И мислам дека оваа криза им е добредојдена на одредени кругови за уште еднаш да ја нагласат таквата слика и да се свртат кон други стилови на владеење, какви што глобално постојат, повеќе отколку што европскиот пример фактички наложува. Мораме да бидеме многу претпазливи за со пристапот каков што го имаме во Германија, но и во други земји од ЕУ, да не поттикнуваме такви работи! Затоа е многу важно да се види дали германскиот Бундестаг и натаму е во состојба да работи и дали овластувањата кои ги доби сојузната влада се временски изречно ограничени.

Какви препораки како претседател на Друштвото за Југоисточна Европа имате до германските политичари во врска со случувањата на подрачјето на југоисточна Европа?

Пред се‘ мислам дека е многу важно политичарите во Германија сега да не се грижат само за „нашата криза“, туку со отворени очи да ги следат процесите и развоите во регионот. Тоа се однесува на акутната борба против короната, како и на тоа какви политички случувања произлегуваат од кризата. Важно е и Германија нешто да забележи, дали во Германија се дискутира за тоа и секако – со каков тон. И кај акутната борба бротив коронавирусот е важно германската влада и ЕУ да се спремни со инфраструктура, но и со финансиска помош да бидат присутни во регионот. Според мое мислење, тоа е најважното што може да го направиме. Кога станува збор за Унгарија, важно е да се најдат критички и јасни зборови, но во разговорот со Унгарија да не се заборави да се каже дека нам ни е важно против оваа криза во Унгарија да се води ефикасна борба, зашто е опасност за тамошните луѓе. Не смее да ни се случи со Орбан сега да се однесуваме како ЕУ да не води сметка за здравјето на луѓето во Унгарија, туку исклучиво за, под наводници, формални прашања. Тоа не е така. Во никој случај не смееме да дозволиме да се создаде таков впечаток. Затоа е важно да се зборува за две работи: за кризниот менаџмент на унгарската влада во однос на корона-кризата, но исто така и за овие многу, многу загрижувачки овластувања кои парламентот му ги даде на господин Орбан.

Мануел Сарацин, пратеник на Партијата на зелените во Бундестагот, е претседател на Друштвото за југоисточна Европа. Тоа е најважна германска институција која ги советува политичарите во врска со теми од југоисточна Европа.