1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Хрватска нелегално враќа мигранти од границата?

СН/ дв
17 декември 2018

Германскиот јавен сервис АРД објави видео-материјал врз чија основа го поставува прашањето: Дали Хрватска ги протерува мигрантите во БиХ преку „зелената граница“- значи нелегално. МВР на Хрватска уште се нема огласено.

https://p.dw.com/p/3AEPM
Screenshot tagesschau.de - Kroatien-Bosnien-Migranten
Фотографија: ARD

На трагата на приговорите кои невладините организации, а и самите мигранти, веќе неколку месеци ги имаат на работата на хрватската полиција по прашањето на третманот на лицата кои илегално ја преминуваат границата, новинарите на германскиот јавен сервис, АРД од студиото во Виена анализираа опсежен видео материјал снимен со скриена камера и истражуваа на лице место - во пограничниот предел меѓу БиХ и Хрватска.

Видеото на АРД (и на други медиуми) на располагање ѝ го стави невладината организација Мониторинг на граничното насилство. Станува збор за вкупно 132 снимки направени во различен временски период. АРД пишува дека на нив можат да се видат вкупно 54 „веројатно нелегални враќања на групи мигранти од Хрватска во Босна и Херцеговина“.

На снимките, како што пренесува АРД, меѓу другото можат да се видат и хрватски полицајци во близина на границата со БиХ - кои делумно и со употреба на сила (удари со нога, гумени палки) ги принудуваат мигрантите да се „постројат“. И тогаш по шумско патче се движат, веројатно кон „зелената граница“ во насока на БиХ.

Screenshot tagesschau.de - Kroatien-Bosnien-Migranten
Фотографија: ARD

Колективно и насилно враќање на мигрантите?

Во периодот септември-октомври 2018 година забележани се најмалку 386 лица, меѓу нив и жени и деца, како во придружба на вооружени припадници на МВР на Хрватска (регуларна полиција и специјални единица) одат по шумското патче, а нешто подоцна се гледа како полицајците сами се враќаат назад. На снимките не се гледа насилство врз мигрантите, за што хрватските полицајци се често обвинувани.

Повеќе:

-Дали Хрватска врши системско насилство врз бегалците?

-Инциденти на босанско-хрватската граница

АРД се сомнева дека станувало збор за принудно враќање на мигрантите во БиХ, или како што за телевизијата изјави Невен Цветковиќ од УНХЦР - за таканаречена „пушбек“ тактика, која ја прекршува повелбата на ОН за бегалците. Префрлувањето на мигрантите кои нелегално ја преминале границата регуларно се одвива преку официјалните гранични премини според договорот на дадените земји.

За тоа е потребно да се спроведе постапка, која писмено се документира, и на тие луѓе им се овозможува, доколку сакаат, да поднесат барање за азил или пак друг вид заштита.

МВР на Хрватска: „Работиме во согласност со важечкото право“

Министерството за внатрешни работи на Хрватска и самиот министер Давор Божиновиќ во последните месеци доследно повторуваат дека полицијата на Хрватска делува во согласност со важечкото право на ЕУ. Работата на припадниците на МВР на чување на надворешните граници на ЕУ пред неколку месеци, како што често нагласува министерот Божиновиќ, го пофалила и германската канцеларка Ангела Меркел.

На самите снимки, пишува АРД, не се гледа јасно каде одат мигрантите, но се изразува сомневање дека тие биле принудени да се вратат во БиХ. Германските новинари истражувале и од другата, босанската страна на границата. Станува збор за подрачјето во близина на граничниот премин Ужљебиќ.

Во материјалот кој го објави АРД, се слушаат и самите бегалци и мигранти. Пренесена е и една изјава на момче од Пакистан, кое вели дека хрватските полицајци на мигрантите им рекле дека „никој не смее да остане во Хрватска“, односно дека мора да се вратат во БиХ.

Screenshot tagesschau.de - Kroatien-Bosnien-Migranten
Фотографија: ARD

Хрватската влада ги отфрла приговорите

Хрватската влада во последните месеци во неколку наврати остро ги отфрли приговорите за наводно илегално постапување кон мигрантите, меѓу другото и од страна на Советот на Европа и на Хјуман Рајтс Воч.

Врз основа на снимките кои ги собрала организацијата Мониторинг на граничното насилство (кои ѝ биле анонимно доставени), АРД во својот прилог го поставува прашањето - дали е тоа вистина.

МВР на Хрватска сѐ уше не одговорило на прашањето на АРД за третманот на мигрантите на границата со БиХ.