1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Датум за почеток на преговорите со ЕУ е од животна важност за Србија“

Ивица Петровиќ/ Симе Недевски20 мај 2013

Германскиот министер за надворешни работи, Вестервеле во Белград нагласи дека европската перспектива е важна за младите генерации во Србија, додека премиерот на Србија, Дачиќ, рече оти од Германија „очекува датум“.

https://p.dw.com/p/18b3c
Фотографија: picture-alliance/dpa

Посетата на германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле е охрабрување Србија да продолжи да оди по патот на европска интеграција, изјави по средбата со германскиот министер српскиот премиер, Ивица Дачиќ: „Јас оваа посета ја сфаќам и ја сметам за охрабрување, како и еден вид поддршка на она што српската влада го направи изминатите неколку месеци донесувајќи одлуки кои не беа лесни, но кои беа во највисок државен и национален интерес за целата држава и целиот српски народ.“

Дачиќ: Србија и Германија имаат парадоксални односи

Премиерот Дачиќ нагласи дека за Србија е од животна важност да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, бидејќи Србија се наоѓа во историско заостанување и одложувањето на таа одлука може да има катстрофални последици за земјата. Во таа насока Дачиќ рече дека за донесување на таа одлука е важна имплементација на договорот со Приштина: „Затоа очекувам за тоа да биде свесна и Приштина. И очекувам оти ЕУ, односно Кетрин Ештон, ќе вложи максимални напори тој план на имплементација да биде прифатлив за двете страни, без поставување на некои нови прашања кои не беа дел од договорот.“

Српскиот премиер оцени дека Србија и Германија имаат парадокслани врски. „Од една страна Германија е наш најголем надворешно-трговски партнер, а од друга страна изминатите години во политичките односи имавме разни пречки во врските“, рече Дачиќ.

Guido Westerwelle zu Besuch bei Premierminister Ivica Dacic in Belgrad Serbien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле исто така нагласи дека неговата посета е гест за охрабрување на Србија. Србија може многу добро да и донесе на Европа, како што и Европа може да биде добра за Србија, кажа Вестервеле: „Договорот од 19. април со полно право може да се нарече историски договор, и сега станува збор за тоа да биде усвоен план за негова примена, и да бидат видливи првите конкретни чекори кон имплементација на тој план и договор.“

Се чекаат резултатите за примената на договорот

На прашањето што и е суштински понудено на српската влада за да и се олесни донесувањето на такво решение, министерот Вестервеле одговори дека европската перспектива е важна за младите генерации во Србија, бидејќи таа ќе значи нови инвестиции и отворање на нови работни места. Вестервеле напомена дека не се пружаат историски можности секој ден, и оти тие поради тоа мораат да се искористат: „Секако не можам да ја прејудицирам одлуката на шефовите на држави или на влади на европските земји, или одлуката на Бундестагот. Но, доколку тука се донесат вистински одлуки, и доколку се видливи опипливи резултати на имплементација на тој план, тогаш можам да биде ипратен позитивен сигнал на нашиот парламент- Бундестагот.“

Премиерот Дачиќ истакна дека договорот за планот за имплементација има некои временски рокови, но оти некои работи не можат брзо да се завршат, и тоа пред донесување на одлука за датумот: „Неопходно е да се усогласиме и да донесеме план за имплементација, и она што е предвидено со тој план на имплементација да се направи во првите неколку недели до донесувањето на одлуката на Советот на ЕУ за тоа навистина да се оствари и да биде видливо на теренот. Тоа е суштината.“