1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дафи доминираше на „БРИТ авордс“ 2009

АФП/Т.Т.19 февруари 2009

Сезоната на доделување музички награди продолжува - по „Греми“, во Лондон беа доделени британските музички награди, на само неколку дена пред германските музички награди ЕХО. Кој се радуваше во Лондон?

https://p.dw.com/p/GxJg
Тешко е да се додржат - Дафи со трите статуеткиФотографија: AP

Соул-пејачката Дафи освои три награди на Британските музички награди во Лондон, одржани во средата вечер, а на најважната вечер за британската музичка индустрија триумфираа и американските рокери „Кингс оф Лион“.

Дафи беше блиску до солзи додека ја примаше наградата за најдобар британски албум на соло-изведувач за деби-плочата „Рокфери“, што стана најпродаван албум од дебитант во минатата година, а на Дафи и` донесе и „Греми“ награда на почетокот од февруари: „По пет години во музиката, не можам да ви опишам колку ми значи оваа награда. Бескрајно ви благодарам“, рече 24 годишната пејачка од Велс.

Кани Вест и Кети Пери најуспешни на меѓународната сцена

Katy Perry
Кети Пери, од анонимна до супер-стар - ова беше нејзина годинаФотографија: AP

Што се однесува до другите добитници, инди-составот „Елбоу“ доби награда за најдобра британска група, победувајќи ги конкурентите „Колдплеј“. Интересно е тоа што „Елбоу“ настапуваат како предгрупа на северно-американската турнеја на „Колпдплеј“. Поранешниот фронтмен на „Д Џем“, Пол Велер, се закити со наградата за најдобар британски машки изведувач. Раперот Кани Вест ја освои титулата за најдобар пејач, додека според Британците, во изминатава година на меѓународната сцена најдобра пејачка била Кети Пери.

„Пет шоп бојс“ наградени за нивниот придонес

Brit Awards 2009 Pet Shop Boys
Екстраваганти како и секогаш - „Пет шоп бојс“ на врачувањето на наградатаФотографија: AP

Поп-бендот „Грлс Алауд“ го имаа најголемиот хит за 2008 година. Синглот „The Promisse“ беше изгласан за најдобар од страна на публиката, која присуствуваше на доделувањето на наградите во Лондон. Девојките од бендот настапија и во живо на манифестацијата, а на сцената се појавија и „Кингс оф Лион“ и воскреснатите „Тејк дет“.

Наградата за извонреден придонес кон афирмацијата на британската музика оваа година отиде во рацете на култниот состав „Пет шоп бојс“.

Британските музички награди, или „Брит авордс“ се доделуваат на само неколку дена, пред официјалното врачување на статуетките на Германската фоно-академија, т.н. „Ехо награди“. За номинираните и очекувањата, прочитајте во текстот подолу.