1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Два процеси и еден пркос

Тони Поповски
1 мај 2021

Имаме два и повеќе, суштински и поврзани процеси кои треба сензибилно да се управуваат без оглед на попатни, оправдани, делумно оправдани или неоправдани пркосења. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/3sp6g
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Фотографија: privat

Темата е дуална. Се однесува на два суштински процеси, реформата на јавната администрација и одржувањето стабилни меѓуетнички односи, чие спроведување предизвика индивидуална но гласна реакција, а потоа и непријатно ехо во јавноста. 

Темата е поврзана со оправданите очекувања за компетентна јавна служба, но и со оправданоста и целисходноста на рамковните вработувања како оперативен одраз на правичната застапеност на заедниците во државната управа. Компетентна јавна управа е од секојдневен интерес за сите етнички заедници, а долгорочен интерес е ефикасно спроведување на општествениот договор кој би требало да гарантира мирен етнички соживот и просперитет. 

Меѓуетничките односи не само кај нас, се кревки и ранливи. Комплексен предизвик е да се најде резултанта на етнички интереси, права и обврски, и да се управуваат поврзани ризици. Неснаоѓање во овој домен, за цена има таложење фрустрации, а не ретко и лични и колективни трагедии. Снаоѓање во овој домен, подразбира умешно и транспарентно водење на процеси кои не смеат да резултираат со меѓуетнички недоразбирања и тензии. 

Квадратура на меѓуетничкиот круг

Колку и да е оваа тема сензитивна, подобро е да се разговара за неа отколку со едно разрешување да се смести под политичкиот таписон. Потиснувањето води кон имплозија, а потоа во експлозија. Второво го имаме искусено, со сите последици. 

Меѓуетничкиот круг има квадратура во македонската политиката, а со тоа и периметар на ризици. Државата е унитарна, а политичкиот систем е нам својствена, атипична парламентарна демократија, доминантно репрезентативна и каузално партитократска. Системот генерира фрустрации, а неопходен ни е колективен ентузијазам и еволуција кон подобро. Четири од најсилните пет партии се етноцентрични, резултирајќи со коктел демократија, современа и „племенско" консензуална, пра или протодемократија. Нашава, би била типична парламентарна демократија доколку најсилните партии се граѓански односно сеетнички, но поради околностите и пристапот не успеавме да ги создадеме, со по некој обид, а со тоа и исклучок. Близу до утопија е дека сите партии ќе станат граѓански но уште од денес можат да го унапредат поведението и да бидат посензибилни кон другата етничка заедница. 

Фокус на квалитетно водење процеси наспроти реторички фокус на цели

Реформата на јавната администрација за цел има да се зголеми квалитетот на јавните услуги, да се рационализираат непродуктивните јавни расходи и да се елиминира корупцијата, клиентелизмот и кронизмот. Низ департизација на јавниот сектор се превенира заробување на државата. Рамковните вработувања низ распределување по институции мора да се реализираат почитувајќи ги начелата на стручност и етика на јавната служба. Во спротивно, како што забележавме, се генерираат недоразбирања кои ги продлабочуваат фрустрациите. Ова не е едноставен процес и очигледно бара потемелни подготовки за да се спроведе без да предизвика колективна нервоза, жешка полемика и реакции во јавноста. 

Одржувањето стабилни меѓуетнички односи од своја страна изискува внимателно и паралелно водење на низа засебни процеси, дел актуелни во моментов, а дел подзаборавени, барем во јавноста. 

-претходни колумни: Големиот театар и малата сцена

Во периметарот на актуелни ризични процеси, иако само дома пролонгиран, се издвојува Пописот. Од неопходна граѓанска статистичка операција примарно фокусирана на резидентното население, бидејќи со него се поврзани најголем дел од јавните политики и услуги, но и на нерезидентно население поради спецификите на државата и нагласените миграции, сепак дозволивме Пописот во почетната фаза да се претвори во дијаспорна етноолимпијада. Онака фокусирани на етничко пребројување, може само да се надеваме дека попишувањето нема да резултира со дисторзија на проценти и консеквентно нарушување на статиката на политичкиот систем. Мој личен впечаток е дека штетата поради спротивставените амбиции за повисоки бројки и проценти е направена, но последиците можеме да ги намалиме. Од таа причина, за добро на сите, дома и надвор сите треба да се попишеме. 

Децентрализацијата и рамномерниот регионален развој се енергизирани од Рамковниот договор, но во суштина се надетнички бидејќи ги доближуваат егзистенцијалните услуги до сите корисници. Оттаму произлегува нивниот универзален квалитет и вредност. Двата процеси заслужуваат безрезервна практична поддршка наспроти реторика и континуирани предрасуди.  

Интегрираното (интеретничко) основно и средно образование е во делокруг на локалната самоуправа и претставува суштински процес на создавање долгорочен и одржлив темел на нашиот заеднички дом. Ефективна навигација на овој процес наложува потреба од посилна интеракција на учениците од различни етнички заедници и обезбедување многу поголема застапеност на интеркултурното образование во наставните и воннаставните активности. Сепак, евидентен е пркос, поизразен кај родителите отколку кај учениците, без оглед на етничката припадност. Истовремено, повеќето политички партии се „мудро“ тивки за овој чувствителен, но егзистенцијален процес. 

На интегрираното образование се надоврзува потребата од негување на културата на сите етнички заедници, но низ остварување синергија на културни програми и понуда, наспроти програми за една етничка публика. Понатаму, стимулирање на спортски друштва и клубови со етнички мешовит состав. Спортот треба да спојува а не да предизвикува конфликти, за жал и со човечки жртви. Кој мисли спротивно нека биде искрен кон себе и нека се присети на еуфоричниот ефект кој го предизвика пласманот на нашата интеретничка фудбалска репрезентација на Европското првенство, ефект кој не приближи многу повеќе едни со други и трети, отколку било која програма, план и политика во изминативе три декади. 

Има низа болни теми кои не оптоваруваат, теми кои се многу тешки за објективна и рационална дигестија,  а притоа носиме фрустрации од блиското но и подалечно минато. Болните теми мора да се адресираат и апсорбираат низ Комисиите  за односи меѓу заедниците кои се формирани во над 20 општини. Дали функционираат овие тела? Каква поддршка и внимание добиваат? На ниво на држава имаме Комитет за односи меѓу заедниците како постојано работно тело на Собранието. Кога последен пат е свикан и со каква агенда и заклучоци? 

Имаме Устав, соодветна нормативна и институционална рамка, пропишани стандарди и тековни политики, партиципативни тела, барем на хартија, но дали сите ние, а особено тие што предводат, предводеле или се со амбиција да предводат, правиме доволно? 

Имаме два и повеќе, суштински и поврзани процеси кои треба сензибилно да се управуваат без оглед на попатни, оправдани, делумно оправдани или неоправдани пркосења. 

Тони Поповски е архитект и политиколог, и прв Министер за животна средина.