1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деактивирана бомба, Берлин одблокиран

ЖА
20 април 2018

Бомба заостаната од Втората светска војна, пронајдена близу главната железничка станица во Берлин, е успешно деактивирана. На тоа претходеше евакуација на десетина илјади луѓе, како и прекин на железничкиот сообраќај.

https://p.dw.com/p/2wOk6
Berlin vor Entschärfung einer Fliegerbombe aus dem Zweiten Weltkrieg
Фотографија: picture-alliance/dpa/Polizei Berlin

Деактивирањето на неексплодирана британска бомба од Втората светска војна, тешка 500 килограми, а пронајдена покрај главната железничка станица во Берлин, денеска (20.04) парализираше дел од центарот на германската престолнина.

„Бомбата е успешно деактивирана, со контролирана експлозија е уништена запалката настрана од бомбата“, соопшти полицијата.

Deutschland Berlin Entschärfung einer Fliegerbombe aus dem Zweiten Weltkrieg
Фотографија: picture-alliance/dpa

За време на акцијата од безбедносни причини беше евакуирана околината во радиус од 800 метри, засегнати беа десетина илјади луѓе, а беше блокирана и железничката станица, поради што дојде до застој и во регионалниот и железничкиот сообраќај на долги релации. Од Германската железница изјавија дека ситуација со вакви размери досега не доживеале.

Во зоната на евакуација се наоѓаа меѓу другото и болници, старечки домови, државни служби и амбасади. Надлежните власти акцијата ја планираа со денови однапред, во неа беа вклучени стотици полицајци, како и пожарникари и здравствени работници за пружање прва помош. Полицајците со часови вршеа проверка дали се целосно испразнети објектите во загрозената зона, пред да дадат зелено светло за почеток на деактивирањето на бомбата. Целата акција, како што официјално е соопштено преку Твитер, протекла мирно и хармонично.

Deutschland Bombenentschärfung in Berlin
Пожарникари и служби за прва помош во блокираната зона пред деактивирањето на бомбатаФотографија: Reuters/A. Schmidt

Берлин за време на Втората светска војна често беше цел на воздушни напади. Во околу 380 бомбашки напади до 1945. година, Американците, Британците и Русите според проценките на историчарите, фрлиле врз градот преку 45.000 тони експлозив. Првенствено при поголеми градежни работи постојано се наидува на заостанати неексплодирани бомби од времето на војната. Градската управа за заштита на животната средина претпоставува дека под земја во германскиот главен град сѐ уште се наоѓаат околу 3.000 бомби, гранати и остатоци од муниција.