1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на Европа

9 мај 2010

Пред 60 години, на денешен ден, тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман предложи германската и француската челична индустрија да работат заеднички.

https://p.dw.com/p/NJhu
Роберт ШуманФотографија: picture-alliance / akg-images

Тоа беше првиот чекор кон формирањето на Европската заедница за челик и јаглен, од која подоцна се формираше најпрво, Европската економска заедница во 1957 година, а 8 години подоцна и Европската заедница.

Минаа пет години од крајот на Втората светска војна, а тогашната Сојузна Република Германија се‘ уште го немаше прославено ниту својот прв роденден. Германско-француските односи беа обременти со недоверба: Дали Германија, повторно, како и по завршувањето на Првата светска војна, ќе и‘ се врати на националистичката мегаломанија и ќе претставува закана за своите соседи? Или пак, стравовиите на војната и убиствата ќе бидат заменети со демократски сили кои ќе работат на помирување?

„Европа треба да престане да биде бојно поле на кое спротивставените сили крварат до смрт. Од таквото скапо платено искуство, сакаме да откриеме нови патишта кои засекогаш ќе не водат кон обединета и слободна Европа“, рече Роберт Шуман, пионерот на помирувањето, кој се чувствуваше како дома и во Германија, Луксембург и Франција, и ги преживеа двете светски војни. Шуман беше роден како Германец. Живееше, студираше и работеше во Луксембург, Бон, Минхен, Берлин, Стразбур и Мец.

Откако по Првата светска војна, покраината Алзас Лорен и‘ беше вратена на Франција од Германија, Шуман зема француско државјанство и ја почна политичката кариера во Франција. И покрај тоа што францускиот го говореше со акцент, набрзо по Втората светска војна стана премиер, а подоцна и министер за надворешни работи. Од таа позиција и ја поттикна иницијативата за промена на лицето на Европа засекогаш.

„Француската влада предлага германската и француската индустрија на челик и јаглен да се спојат во заедничка управа“, рече Шуман.

Flash-Galerie Timeline EU-Verträge
Францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман на 9 мај 1950 година во неговата славна изјава предлага Заедница за јаглен и челикФотографија: Europäisches Parlament

Зајакнување на врските - прва цел

Со предлогот за соработка меѓу Германија и Франција, кој беше отворен и за другите држави, Шуман сакаше да воспостави континуирана соработка и да ги зајакне врските меѓу двете, некогаш непријателски држави. Во канцеларот Конрад Аденауер тој пронајде партнер на германската страна кој го посакуваше истото.

„Челикот и железото во изминатите децении и векови одиграа важна улога во меѓусебните борби на луѓето од Европа, бидејќи сето оружје и беше правено од челик и железо. Сега, железото и челикот треба да ги поврзат луѓето во едно заедништво.“

Презентацијата на Шумановиот план според многумина беше зачетникот на Европската заедница, бидејќи во декларацијата тој јасно ја предвиде и идната интеграција на земјите членки. Неговата убеденост дека тоа ќе води кон подлабока и поширока Унија беше јасна.

„Овој предлог ќе биде темел за една идна Европска федерација, која е неопходна за обезбедувањето на мирот“, убеден бее Шуман.

Unterzeichung der Montanunion
Договорот за Европска заедница за јаглен и челик беше потпишан на 18 април 1951 година во француското министерство за надворешни работиФотографија: dpa

Напорите на Шуман беа наградени

Сепак, на почетокот на 50-те години времето не беше созреано за долгорочниот план на Шуман. Две години подоцна, тој поднесе оставка на местото шеф на дипломатијата, откако увиде дека не може да ја оствари својата идеја. Беа потребни уште 7 години, за европските држави да прифатат поблиска поврзаност преку Римските договори. Но, напорите на Шуман беа наградени. Тој стана првиот претседател на Европскиот парламент.

Тоа беше почетокот на една напредно организирање, кое денес прерасна во Европската унија со 27 земји-членки и речиси половина милијарда граѓани.

Автор: Фабијан Шмит/ Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска