1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Денеска одлука - дали ќе има нови 30 дена вонредна состојба

16 април 2020

Владата до шефот на државата достави предлог во кој се аргументира дека за успешно справување со коронавирусот е потребна вонредна состојба.

https://p.dw.com/p/3ayqZ
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Денеска напладне во Кабинетот на шефот на државата ќе се одржи нова седница на Советот за безбедност. Покрај постојаните членови на Советот, на седницата ќе присуствуваат и вицепремиерот задолжен за европски прашања и Национален координатор за странска помош, Бујар Османи, и министерот за здравство, Венко Филипче. 

Денеска истекува 30-дневната вонредна состојба на територијата на целата држава, која беше прогласена со одлука на претседателот Стево Пендаровски на 18-ти март годинава, заради заштита и справување со последиците од ширењето на вирусот Ковид-19. Бидејќи до денес не се престанати причините поради кои беше донесена таа одлука, Владата на нејзината 41-ва седница одржана на 14-ти април донесе заклучок до претседателот да достави извештај за сите досега преземени активности, но и предлог со кој се аргументира дека за успешно справување со коронавирусот е потребна вонредна состојба.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Sicherheitsrat
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Пред два дена претседателот навести дека одлуката ќе биде во насока да се прогласат нови триесет денови вонредна состојба.

Повеќе:

-Северна Македонија ја очекува првата „илјадарка“ во пандемијата

-Уште 6 починати и 54 новозаразени, извесно продолжување на вонредната состојба

-Вонредната состојба истекува, што понатаму?

„Мислам дека шансите се извесни или големи да се прогласат нови 30 дена вонредна состојба, бидејќи и опкружувањето околу нас, но и внатрешните состојби кои не ескалираат меѓутоа сѐ уште не се значително редуцирани, побаруваат ваков ангажман од сите институции и ваков тип на состојба“, рече Пендаровски.

Nord-Mazedonien Ausnahmezustand wegen Coronavirus ausgerufen | Stevo Pendarovski
Фотографија: Büro des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Три критериуми

Во најголемиот број земји во Европа и регионот и натаму продолжуваат претходно вооведени рестриктивни мерки или вонредни состојби, со оглед дека во многу од нив пикот на заразата со Ковид -19 се очекува во втората половина на април и почетокот на мај. Од Светската здравствена организација (СЗО) предупредија дека прераното укинување на мерките за изолација во земјите погодени од коронавирусот би можело да предизвика фатално враќање на пандемијата. Оттаму препорачуваат земјите кои имаат намера да ги ублажат преземените вонредни мерки, прво да почекаат најмалку две недели за да можат добро да ги проценат ефектите од таквата одлука.

Европската комисија (ЕК) разви и објави три критериуми за укинување на карантините во ЕУ, но без да наведува можен датум за тоа. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера ги презентираше критеруимите, чие исполнување води кон укинување на изолацијата.

Првиот е епидемиолошки критериум, кој треба да потврди дека ширењето на болеста значително се намалило во текот на долг временски период, а тоа може да се докаже со постојан пад на нови инфекции и хоспитализации. Вториот критериум е постоењето на доволен капацитет на здравствениот систем. Во него спаѓаат стапката на вработеност во единиците за интензивна нега, соодветен број болнички кревети, пристап до лекови потребни во одделите за интензивна нега за кои постои непосреден ризик од недостиг (антибиотици, анестетици, лекарства за реанимација и мускулни релаксанти), опрема (респиратори, заштитна опрема), итна медицинска помош и доволно кадровски ресурси со соодветни вештини.

Третиот критериум е постоење на доволен потенцијал на системот за контрола на болестите и контактите на заразените лица.

„Особено се потребни пошроки можности за тестирање, за да се открие заболувањето и распространетоста на вирусот, заедно со можноста за следење на контактите и карантинот во случај на повторно појавување и натамошно ширење на инфекциите. Ќе бидат неопходни можности за откривање на антитела, за да се следи процентот на населението кое успешно го надминало Ковид-19 и веројатно се стекнало со имунитет “, се вели во документот на ЕК.

Донаторска конференција

Европската унија ќе организира донаторска видео-конференција на 4 мај за да собере средства за борба против коронавирусот, особено за собирање средства за развој на вакцината, најави вчера претседателката на ЕК.

„На 4 мај ќе одржиме донаторска конференција за да собереме помош за борба против коронавирусот. Ова ќе биде прва ваква конференција во историјата“, рече таа.

„Мора да создадеме вакцина. Тоа е светска задача, а кога вакцината ќе биде создадена, таа мора да биде еднакво достапна за сите земји во светот. За да се помогне тој процес, неопходно е финансирање и донаторска конференција која ќе го пополни финсискиот недостиг во оваа област. Ние работиме во тесна соработка со Светската здравствена организација и со другите меѓународни партнери, и се надеваме дека нашата иницијатива ќе биде поддржана од сите земји“, порача претседателката на Европската Комисија.