1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Деца-војници: оружје наместо детство

Петер Хиле / Ж.А.14 февруари 2016

Околу 250.000 девојчиња и момчиња во светот се принудени да се борат. Тие се злоупотребувани, убиваат и умираат. Нив ги ангажираат бунтовниците, но ги има и во владини армии - ви претставуваме еден тажен преглед.

https://p.dw.com/p/1HuEz
Фотографија: picture alliance/Tone Koene

Авганистан - воен херој со 12 години

Васил Ахмад умре од два куршума во главата. Талибанските борци го нападнаа 12-годишното момче на почетокот на февруари на пат кон училиштето. Планирано убиство на едно дете. Деталите: Васил Ахмад беше познат воен херој во борбата против талибанците и позираше во полициска униформа. Зашто, во Авганистан оружје в раце на децата не им даваат насила не само талибанците и другите радикални групи, туку и авганистанската полиција ги има во своите редови. Владата во Кабул покажа желба да ја запре таа пракса, вели активистот против детски воен ангажман од хуманитарната организација „Тер де Зом“, но тоа е уште само декларативно.

Сирија - деца во униформи се секојдневна глетка

Не само т.н. Исламска држава, туку и Слободната сириска армија и милициите кои се борат на страната на владата, како Хезболах, според наводите на ОН, имаат деца-војници во своите редови. Нивната регрутација во Сирија во меѓувреме е секојдневие, констатираат ОН во својот најнов извештај за темата. „И курдските групи исто така ангажираат деца во борбите“, истакнува активистот за детски права Ралф Вилингер, дополнувајќи дека некои тоа го прават отворено, а некои прикриено, користејќи ги децата како шпиони или лекарски помошници, што е исто толку опасно.

Afghanistan IS Kindersoldaten Ausbildung
Исламска држава врши обука на деца за борбиФотографија: picture alliance/dpa/G. Habibi

Ирак - бегството како последна шанса

Посебно драматична за децата е состојбата во Ирак, каде војната трае уште од 2003 година. „Колку подолго трае конфликтот, толку потешко им е на децата од одредена возраст да се извлечат од воен ангажман“, вели Ралф Вилингер. Единствена можност понекогаш останува напуштањето на земјата. Во последно време силно порасна бројот на деца-војници, зашто Исламска држава масовно регрутира деца.

Јемен - соседите мешаат свои прсти

Околу една третина од борците во Јемен се деца. Тие употребуваат и опасни автоматски оружја, меѓу другото и произведени во Германија. Зашто, Саудиска Арабија, која е замешана во борбите, таму изврши масивно делење на оружје, иако е тоа спротивно на важечките договори за вооружување. Вилингер истакнува: „Неразбирливо е што не се влечат консеквенци и натамошно се снабдува со германско оружје земја која ги крши договорите и не ги почитува човековите права.“

Сомалија - „младината“ регтрутира деца

И сомалиската армија продолжува со регрутирање деца, армија која Западот ја поддржува во борбата против бунтовниците. „Надвор од секаков разум е што се прогледува низ прсти, дури делумно се организираат и заеднички маневри“, вели Вилингер. Информации на ОН велат дека на страната на исламистичките бунтовници, на пример Ал-Шабаб милицијата, која според сопствени наводи ја презентира „младината“, се борат околу 1000 деца.

Südsudan Kindsoldaten
Деца-војници во Јужен СуданФотографија: picture-alliance/dpa/AA/S. Bol

Јужен Судан - 16.000 деца-војници

„Јас претходно никогаш не сум држел оружје в раце. Но, уште на денот кога нѐ заробија, ни покажаа како се користи оружје. Така почнавме да се бориме. Во првата акција беа убиени седум деца“, раскажува едно 17-годишно момче, бивш војник, во разговор со претставници на организацијата Хјуман рајтс воч. Во Јужен Судан, во рок од две години завојуваните страни присилно регрутирале најмалку 16.000 деца.

Судан - зборови, ама не и дела

Одделни бунтовнички групи постојано потпишуваат договори за неангажирање деца во борбите. Но, децата и натаму мора да пукаат, првенствено во регионот Дарфур, а деца-војници според ОН има и во редовите на владината војска.

Централноафриканска Република - војници поради смртен страв

Често децата едноставно се киднапирани и принудени да водат живот на борци. „Се разбира, тоа се прави и со намамувања и ветувања, со нудење пари, мобилни телефони“. Кога децата еднаш ќе бидат привлечени, веќе нема враќање. Напуштањето на борбените единици е санкционирано со смртна казна.

Демократска Република Конго - командант во затвор

Десет различни групи во Демократска Република Конго се наведени во актуелниот извештај на ОН како регрутирачи на деца. Во источниот дел на земјата со децении се водат борби меѓу одделни бунтовнички групи околу драгоцените суровини. Во поглед на казнувањето на одговорните, експертите гледаат напредок: „Свеста дека регрутирањето деца е воено злосторство расте“, вели Вилингер. Меѓународниот суд во Ден Хаг веќе донесе пресуди, на пример против поранешниот милициски лидер Томас Лубанга поради ангажирање деца-војници. Тој е во затвор во Конго од декември 2015 година.

Nigeria Demonstration Bring Back Our Girls in Chibok
Демонстрации против Боко Харам во НигеријаФотографија: Reuters/A. Akinleye

Нигерија - сексуални робови и атентатори-самоубијци

Терористичката исламистичка секта Боко Харам стана меѓународно позната посебно по киднапирањето на девојките од Чибок. ОН веќе со години ја обвинуваат Боко Харам за злоупотреба на деца како сексуални робови. Од 2014 година Боко Харам регрутира и деца за војници ,или ги употребува како жив заштитен штит. Се‘ почесто деца се и во улога на атентатори-самоубијци.

Колумбија - ФАРК најави откажување

Најголемата колумбиска герилска група ФАРК оваа недела најави дека ќе се откаже од користењето деца-војници во своите редови. Со тоа се цели на забрзување на мировниот процес со владата во над 50 години долгиот конфликт. „Единствено, ФАРК тврди дека имала во свои редови само мал број 15-годишници, а тоа е погрешно“, вели Вилингер.

Kolumbien Alltag im Lager der FARC
Герилците на ФАРК во КолумбијаФотографија: picture alliance/AP Photo/R. Abd

Според ОН, вооружените групи во многу други конфликтни региони во светот веројатно исто така користат деца, на пример во Либија или палестинските области. Дури и во западните демократии 17-годишници се во униформа и користат огнено оружје. Дури и во Германија постојат регрути на обука во Бундесверот со 17 години, како што покажа одговорот на прашање од пратеничката група на Левицата во Бундестагот. Активистот за детски права Ралф Вилингер потенцира: „Важно е Германија да ја преземе улогата на пример на која самата полага право“. Мора да се каже меѓутоа и тоа дека неполнолетните од Бундесверот не смеат да бидат ангажирани во стражи или во странски мисии, каде би морале да употребат оружје.