1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дигиталната приватност како илузија?

21 март 2018

Исходот на изборите за претседател во САД, а можеби и референдумот за Брегзит, па и други околности во земјите каде Кембриџ Аналитика ги продавала своите услуги, денес без оваа злоупотреба би биле далеку поразлични.

https://p.dw.com/p/2ugwD
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Додека се натпреваруваме кои вести се поважни, дека умрел последниот бел носорог (што практично значи дека видот е на изумирање доколку не се применат некои вештачки генетски методи), или дека љубовните писма кои си ги разменија Македонија и Грција во последните денови нѐ носат поблиску или подалеку до заклучница во спорот со името, вистинската приказна е онаа на Кембриџ Аналитика и Фејсбук.  Во еден од најголемите скандали со злоупотребата на лични податоци досега, во кој без малку 50 милиони корисници се најдоа злоупотребени во цели на политичка комуникација, се кријат многу прашања кои можат да ја редефинираат поставеноста на социјалните мрежи, политиките за приватност, па и начинот на кој размислуваме за нашиот дигитален идентитет.

Најнапред зошто е ова толку голем скандал? Прво, зашто вклучува многу луѓе. Ова е без преседан најмасовната злоупотреба на лични податоци во историјата на социјалните мрежи. Оттаму, последиците, за кои допрва се истражува, можат да покажат дека самиот волумен на злоупотреби на системот бил огромен, што имплицира и огромни влијанија и последици од ваквата манипулација.  Да направиме една конзервативна претпоставка:  (а) дека податоците се користени во цели на политички кампањи (ова Кембриџ Аналитика и самите го признаваат), таргетирани да влијаат на политичката определба, и (б) дека напорите на компанијата во микротаргетирањето и „премислувањето” на определбите на нивните „пациенти” биле високи 80% неуспешни, што е практично невозможно низок процент на ефикасност. Тоа во превод значи дека, само во САД, околу 10 милиони гласачи својата политичка определба ја направиле делумно или целосно врз основа на информациите и напорите на Кембриџ Аналитика. 

Ова е толку голема бројка што директно нѐ води до втората причина за големината на овој скандал: сериозноста на последиците. Ако се претпоставките точни (а вистинските бројки можат да излезат многу поголеми) тогаш логично е да се претпостави дека исходот на изборите за претседател во САД, а можеби и референдумот за Брегзит, па и други околности во земјите каде Кембриџ Аналитика ги продавала своите услуги, денес без оваа злоупотреба би биле далеку поразлични. Оттаму, последиците се дотолку посериозни зашто имплицираат дека без ваквата масовна малверзација, светот денес најверојатно би бил многу поразлично место, отворајќи серија прашања за слободното политичко одлучување, за можните стратешки надворешни влијанија (на пример на Русија) во домашните политички текови во земјите од западниот блок, и слично. 

Facebook Tool - Transparenz über den Einfluss von Internet Research Agency
Фотографија: picture alliance/NurPhoto/J. Arriens

Суштински прашања за дигиталниот идентитет

Понатаму, фактот што во скандалот е вклучена токму Фејсбук, која е редовно во првите 10 најголеми компании во светот, што прави последиците од вакви поместувања да можат реално да имаат и големо економско влијание.  На крајот, скандалот е голем и важен зашто отвора многу суштински прашања за нашиот дигитален идентитет, регулацијата на социјалните медиуми и интернет присутноста, приватноста и можните правци во кои ова поле ќе се развива.  Имајќи предвид дека барем 50% од најголемите светски компании се на еден или друг начин поврзани со дигитални податоци и корисници (Apple, Microsoft, Facebook, Google, Alibaba, Amazon и слично), како и дека во наредните 15 години, над 90% од светската популација ќе биде онлајн, самите теоретски последици од начинот на кој сме присутни на интернет ќе имаат фундаментално значење за развојот на човековото општество воопшто.

Други колумни на авторот: 

Во кругот триаголник

Неколку скокотливи предлози

ЕУ тренира строгост

Јазикот на глувите

Скоро сите онлајн платформи и сајтови собираат податоци за своите корисници на еден или на друг начин.  Клучното филозофско прашање е дали за безбедноста на тие податоци, имајќи предвид дека ние самите се „приклучуваме” и се согласуваме на условите за користење, се одговорност на дигиталните платформи, или на самите корисници? Фејсбук отсекогаш тврдел дека нивниот софтвер е само платформа, и дека конечно, корисниците се оние кои се одговорни за нивните податоци, однесување, и начинот на користење на таквата платформа, како и дека целосната функционалност на платформата е невозможна без барем делумно собирање и користење на основни податоци за корисниците, кои потоа се користат во рамки на сајтот за „подобрување на корисничкото искуство”. Оттаму, би рекле од компаниите, ние нудиме производ или услуга кој не може да функционира без заднинска обработка на податоци. Луѓето имаат избор: прифатете го сервисот со тие услови, или не се приклучувајте – имплицирајќи дека корисниците треба да бидат свесни и одговорни за сопственото дигитално присуство. Со други зборови, најголем дел од социјалните медиуми намерно имаат однос дека не се одговорни за користењето на податоците. Тие велат: ние го направивме патот, но како возите по него е ваша сопствена одговорност. 

Facebook-App auf Smartphone
Фотографија: Imago/Zumapress/J. Arriens

Чија е одговорноста

Прашањето е, дали е возможно големите социјални компании да бидат целосно исклучени од одговорност за безбедноста на корисничките податоци, дури и ако корисниците имплицитно се согласиле на тоа.  На пример, корисниците на апликацијата на Кембриџ Аналитика сами се согласиле да учествуваат во проект кој ги користи нивните податоци, дури и биле платени за тоа, така што тешко е да се аргументира дека тие „не знаеле” дека ги продаваат нивниот дигитален профил на аналитичка компанија.  Од друга страна, би рекле некои, дали согласноста е доволна?  Најголем дел од социјалните мрежи можат да добијат согласност за користење на податоци од корисниците, но таквата дозвола не е универзална, односно, тоа не значи дека, во случајов, Фејсбук е целосно исклучен од грижата за тоа како тие податоци се користат, особено доколку, како што е случај со Кембриџ Аналитика, тие се злоупотребени во „мрачни” цели, дури и ако е тоа без знаење или согласност на Фејсбук. Поентата е дека корисниците ги споделуваат нивните дигитални профили врз основа на доверба во социјалните мрежи дека истите нема да бидат предмет на злоупотреба, и ако тоа се случи, на корисниците нема да им биде многу важно кој е виновен. Едноставно ќе се исклучат, па компанијата, со загуби од повеќе десетици милијарди долари за последните неколку дена, нека „си ја крши главата” кој е виновен.

Другата страна на приказната е уште покомплицирана. Наједноставниот одговор е регулацијата на интернет просторот, но тука има повеќе проблеми. Првиот е дали таа е возможна, односно како некој суд во, Франција, на пример, ќе го регулира користењето на социјална мрежа која нема никакво физичко присуство во земјата, па со тоа, ни било каква можност за директна јурисдикција врз нејзините практики. Второто прашање е дали регулацијата би направила социјалните мрежи да станат здодевни и комплицирани: ако за да се приклучите на социјална мрежа треба да поминете безбедносна проверка од 30 минути, плус ако за секое можно споделување на податоците треба ваша експлицитна согласност (што е важечката регулација во моментов), мрежите ќе станат безначајни и мртви, а со тоа дигиталната агора реално ќе изгуби. Социјалните мрежи се по дефиниција токму споделување на лични информации и преференции, и без тоа, тие ја губат смислата на своето постоење. На крајот, дали е воопшто возможно социјалните мрежи да се направат idiot-proof: да станат толку заштитени што споделувањето на приватни податоци ќе биде невозможно? Би рекол не, зашто секогаш ќе се најде некој кој за дигитален сервис е подготвен да жртвува информации од својот дигитален профил, па така, дали дигиталната приватност е всушност секако само илузија?