1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Димитров во ФАЦ: Нашата цел е патот

БГ
18 јуни 2019

Во колумна за весникот Франкфуртер алгемајне цајтунг, шефот на македонската дипломатија Димитров пред германската јавност го изложува македонскиот случај и објаснува зошто земјата заслужува да започне преговори со ЕУ

https://p.dw.com/p/3KcSn
NATO-Staaten unterzeichnen Beitrittsprotokoll mit der künftigen Republik Nordmazedonien
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Walschaerts

Офанзивата на македонските политичари во германските медиуми продолжува и денеска со колумна на министерот за надворешни работи Никола Димитров за ФАЦ. Откако вчера Димитров и премиерот Зоран Заев имаа одвоени интервјуа во два високо тиражни германски весници, шефот на дипломатијата денеска уште еднаш, овојпат преку личен осврт, пледира за приближување на земјата кон ЕУ.

„Европската комисија по десетти пат препорача отворање на преговорите за пристап со Северна Македонија. Тоа е признание на големиот напредок што го направивме. Тоа треба да се признае. Успешните приказни се ретки во Европа. Ние немаме луксуз да ги игнорираме. ЕУ сега има одлична можност да ги зајакне својата потпора и својот кредибилитет. Позитивна одлука за почеток на преговорите за членство со Северна Македонија ќе испрати сигнал дека ЕУ наградува храбри, решителни и тешки чекори кон помирување и напредок. Во спротивно, ЕУ ќе испрати сигнал на слабост кон Балканот. Дополнително, отфрлањето од ЕУ ќе ја наруши веродостојноста на проевропските сили во Северна Македонија и во целиот регион. 
Националистичките, популистичките и авторитарните тенденции ќе зајакнат. Тоа би било обесхрабрувачко и за оние кои се обидуваат да ги решат другите билатерални конфликти во регионот“, пишува Димитров.

Шефот на дипломатијата натаму наведува дека шансата за приближување кон ЕУ била поттик за спроведување на клучни реформи во делот на борбата против корупцијата и зајакнување на владеењето на правото и слободата на медиумите во земјата.

„Динамичен и веродостоен курс за проширувањето на ЕУ е предуслов за амбициозните реформи. 
Тоа не значи дека ние го гледаме членството во ЕУ како цел сам по себе. Ние добро разбираме дека денес или утре нема да станеме членки на ЕУ. Хрватска преговараше повеќе од седум години пред да се придружи. Но, самиот почеток на преговорите го гледаме како најдобар патоказ за постигнување на нашата цел, да станеме стабилна европска демократија. Почетокот на разговорите ќе ја најави следната фаза од нашата домашна трансформација“. 
„Обединета Европа навистина не може да се нарече обединета ако го исклучи Балканот. Процесот на проширување не смее да биде попречен од внатрешниот развој на ЕУ или обратно - овие процеси треба да се надополнуваат еден со друг. Достигнувањата на Северна Македонија треба да бидат наградени како пример за регионот. Носителите на политички одлуки треба да помогнат овие достигнувања да станат неповратни“, пишува Димитров за ФАЦ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема