1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доналд Трамп и Берни Сандерс - Москва ги сака и двајцата

Андреј Гурков
3 март 2020

Русија повторно се меша во американската предизборна кампања, го поддржува како актуелниот претседател Трамп, така и неговиот евентуален предизвикувач, Сандерс. Тоа воопшто не е контрадикторно, смета Андреј Гурков.

https://p.dw.com/p/3YnF7
Bildkombo Donald Trump und Bernie Sanders

Најновите вести за вмешување на Русија во предизборната кампања за претседателските избори на САД звучат збунувачки. Надлежните служби ги предупредија како актуелниот претседател и кандидат на Републиканската партија, Доналд Трамп, како и во моментов најизгледниот кандидат на Демократската партија, Берни Сандерс, дека Москва планира да ги поддржи во текот на кампањата.

Во прв момент тоа звучи контрадикторно: како Русија сака да влијае врз исходот на изборите, ако не може да се одлучи за еден кандидат? Но, тоа не е контрадикторност, туку двојна стратегија која Москва ја применува уште од 2016 година.

Кремљ типува на Трамп

Тогаш Кремљ сакаше по секоја цена да го види Доналд Трамп во Белата куќа. Со целни кампањи преку Фејсбук и други социјални мрежи, Москва генерираше стотици милиони пораки со јасна политичка цел.

Во завршната фаза на изборите во 2016 година, Русија се концентрираше на тоа да го уништи угледот на соперничката на Трамп, Хилари Клинтон, ширејќи лажни вести. Но, Москва беше против Клинтон и пред одлуката на Демократската партија, сопругата на бившиот американски претседател Бил Клинтон да учествува во трката. Во внатрепартиската битка за кандидатура кај Демократите, Москва го поддржуваше Берни Сандерс, сметајќи дека тој во споредба со Клинтон, е послаб противник за Трамп.

Кремљ и оваа година по секоја цена сака да го види Трамп како победник. Во тоа е уверен и можниот демократски кандидат Мајкл Блумберг, кој на еден предизборен собир изјави дека Москва го поддржува Сандерс бидејќи е уверена дека тој никогаш нема да биде во состојба да го победи Трамп. „Берни ќе загуби против Трамп“, истакна Блумберг.

Што и` се допаѓа на Москва кај Сандерс?

Пит Бутиџиџ, кој во меѓувреме се откажа од трката за кандидат на Демократите, знае зошто Сандерс нема изгледи против Трамп. „Сандерс во капитализмот гледа извор на сите зла и верува во револуција која би исклучила не само мнозинство од Американците, туку и мнозинство од поддржувачите на Демократите“, смета демократот од Охајо.

Gurkov Andrey Kommentarbild App
Андреј Гурков

Со други зборови, за многумина Американци, Сандерс е премногу лево позициониран од центарот. И затоа и` е занимлив на Москва. Со негова номинација за конкурент на Доналд Трамп, Русија со еден удар би убила две муви. Од една страна со тоа би се зголемиле шансите на Трамп за победа. Москва предвидува ситуација како онаа во Велика Британија, каде кандидатот на Лабуристите, Џереми Корбин во декември беше драстично поразен од Борис Џонсон, кој пак е сличен со Трамп.

Од друга страна пак, кандидатурата на Сандерс дополнително би го поларизирала американското општество, што секако значи наведување вода на воденицата на Москва. Во многубројни анализи на социјалните мрежи, видливо е дека Русија стои зад кампањи чија цел е што поголемо раслојување на американското општество: левица против десница, белци против црнци, христијани против муслимани.

Зошто Трамп?

Останува отворено прашање зошто политичките елити во Москва, кои со аплауз го поздравија изборот на Трамп во 2016 година, уште истрајуваат зад „својот човек“ во Вашингтон. Зашто, досегашната политика на Трамп во повеќе наврати е директно спротивна на руските интереси. Најдобар пример за тоа е борбата на Вашингтон против гасоводот Северен тек 2, кој на Путин дури му е и омилен проект.

Но, причините за опстојувањето на Москва на поддршката кон Трамп лежат можеби во надежта на Путин дека со својот американски колега ќе склопи геополитички „дил“ настрана од меѓународната заедница. Резултат на тој „дил“ би било конечно признавање на „проектот на столетието“ на Путин - анексијата на Крим, што би водело кон укинување на санкциите против Русија. Сепак, и без овој мотив, на Москва и` остануваат доволно причини за поддршка на Трамп, кој и во наредните четири години би работел на натамошно раслојување на Запад и НАТО.

Ако во некој случај, наспроти сите очекувања, сепак победи Сандерс, Москва може да се теши со неговите најави за намалување на американскиот воен буџет и реформа на НАТО, што пак од аспект на Кремљ, исто така би водело кон слабеење на Запад. Така погледнато, Русија не прави ништо погрешно кога ги поддржува истовремено и Трамп и Сандерс.