1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конгресот по вторпат му изгласа импичмент на Доналд Трамп

БГ /АП
13 јануари 2021

На помалку од една недела пред заминувањето од функцијата, Доналд Трамп стана првиот американски претседател во историјата кому Претставничкиот дом по вторпат му изгласал отповикување. Конечна е одлуката на Сенатот.

https://p.dw.com/p/3nsyf
USA Texas | Donald Trump
Фотографија: Alex Brandon/AP/picture alliance

Мнозинството во американскиот Конгрес вечерва по вторпат му изгласа отповикување на Доналд Трамп во последните денови од неговото претседателствување со земјата, обвинувајќи го за поттикнување востание откако негови насилни поддржувачи упаднаа во Конгресот минатата недела.

Расправата за тоа дали Трамп предизвикал бунт се водеше токму во салата која минатата недела мораше да биде евакуирана откако поддржувачите на Трамп упаднаа во Конгресот. Исходот од гласањето во Конгресот значи дека ќе следува судење во Сенатот, каде е потребно дво-третинско мнозинство за да му се пресуди на Трамп.

Извесно е дека Сенатот нема набрзо да прифати дискусија за обвинувањата кон Трамп, откако лидерот на Републиканците Мич Меконел соопшти дека нема да дозволи одржување итна седница. Тоа значи дека седницата за импичмент на Трамп би се одржала по инаугурацијата на Џо Бајден за претседател на 20 јануари.

„Претседателот на САД го предизвика овој бунт, вооружено востание против нашата заедничка држава“, порача спикерот на Конгресот, Ненси Пелоси.

„Тој мора да замине. Тој е јасна и актуелна опасност за нацијата која сите ја сакаме“, рече демократката. 

-повеќе на темата: „Најлошиот претседател на САД на сите времиња“

Импичментот за Трамп го поддржаа и најмалку 10 републиканци во Конгресот. Повеќето сепак беа против постапката образложувајќи дека избрзаниот импичмент ќе го блокира процесот на помирување и заздравување на земјата по поделбите предизвикани од Трамп.

USA I Washington I Kapitol I Nationalgardisten
Стотици припадници на Националната гарда на САД се стационирани во Конгресот по минатонеделниот упадФотографија: J. Scott Applewhite /AP/picture-alliance

„Импичментот за претседателот во толку кратка временска рамка ќе биде грешка“, рече републиканскиот конгресмен Кевин Мекарти.

„Тоа не значи дека претседателот не е виновен. Претседателот има одговорност за нападот врз Конгресот од толпата насилници“, рече водечкиот републиканец во Конгресот.

Импичментот беше фокусиран на само еден член од обвинувањето- дека Трамп поттикнувал востание- а како клучен доказ беше земен говорот на Трамп пред неговите поддржувачи пред упадот во Конгресот во кој загинаа пет лица. Во говорот, Трамп ги повторуваше лажните тврдења дека изборите биле манипулирани и ги повикуваше поддржувачите да маршираат кон Конгресот каде во тие моменти се одржуваше седница за потврда на изборната победа на Џо Бајден.

Ниту еден американски претседател во историјата не бил исфрлен од функцијата преку импичмент. Тројца- Трамп во 2019, Бил Клинтон во 1998 и Ендрју Џонсон во 1868 година биле прогласувани за виновни од Конгресот, но ослободувани од Сенатот.
За да помине импичментот во Сенатот потребно е дво-третинско мнозинство, што значи дека најмалку 17 републикански сенатори ќе треба да им се приклучат на демократите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема