1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Драма во ЦСУ: Зехофер понудил оставка

ЕМФ /агенции
1 јули 2018

Хорст Зехофер има намера да се повлече од функцијата министер за внатрешни работи на Германија и од лидерската позиција во својата Христијанско-социјална унија (ЦСУ).

https://p.dw.com/p/30eCX
Horst Seehofer
Фотографија: Reuters/M.Rehle

Намерата за повлекување од двете функции Хорст Зехофер ја соопштил вечерва на средбата на раководството на ЦСУ во Минхен, јавуваат агенциите. Според неименувани учесници на седницата, во моментов се прават напори за Зехофер да се премисли и да ја промени одлуката за оставка.

Повеќе: ЕУ-самит: долг пат до (некаква) согласност

Се тврди дека Зехофер како причина за својата понуда се повлекување ја навел недоволната поддршка од редовите на ЦСУ. На седницата која траеше повеќе од седум часа и на која се расправаше за консеквенциите од судирот околу азилот со Христијанско-демократската унија на Меркел, тој не добил едногласна поддршка од своите сопартијци, која му била неопходна во судирот со Меркел. Зехофер и мнозинството негови сопартијци се изјасниле „против“ заклучоците од самитот на ЕУ и „за“ унилатерални постапки на Германија. Претходно, Зехофер се закани дека ќе ги враќа назад бегалците од германската граница кои веќе биле регистрирани во друга земја на ЕУ.

Sondersitzung CSU-Vorstand
Седницата на раководството на ЦСУ траеше повеќе од седум часаФотографија: picture-alliance/S.Babbar

Хорст Зехофер е министер за внатрешни работи во новата голема коалиција на Меркел околу 100 дена. Тој е шеф на Христијанско-социјалната унија од 2008 година.

Повеќе:Десните популисти во Европа го сечат стеблото на кое седиме сите

ЦДУ со поддршка за Меркел

Врвот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Меркел непосредно по веста за понудата на Зехофер да се повлече од функциите ја потенцираше својата поддршка за европскиот курс на канцеларката по прашањата на миграцијата. Еднострани постапки на враќање мигранти од германската граница би биле погрешен сигнал до европските партнери, изјави генералната секретарка на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер доцна вечерва во Берлин.

Повеќе:Најголемите владини кризи во Германија

Канцеларката Ангела Меркел претходно, во интервју за вториот канал на германската телевизија - ЗДФ, стави јасно до знаење дека е уверена оти заклучоците кои околу мигрантите ги донесоа шефовите на држави или влади на самитот во Брисел пред два дена се „практично се’ она што ние го заклучивме (...) со еднакво дејство“. Меркел додаде дека е тоа нејзин личен став и дека „ЦСУ тоа, се разбира, мора да го одлучи за себе“.