1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Државни непријатели во униформа

Ханс Пфајфер
18 септември 2020

По најновиот скандал со десен екстремизам во германската полиција, реакциите не покажуваат дека политичарите и полицијата сериозно ја сфаќаат димензијата на катастрофата, оценува Ханс Пфајфер.

https://p.dw.com/p/3iekw
Symbolbild NRW-Polizisten
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gentsch

Да си го замислиме следново сценарио: Министерот за внатрешни работи на најнаселената германска покраина излегува пред новинарите. Има да соопшти шокантна информација - откриена е голема мрежа екстремисти во редовите на полицијата. Суспендирани се 29 мажи и жени. И, сите 29 се приврзаници на терористичката мрежа „Исламска држава“. Во нивната чет-група разменувале исламистичка нехумана пропаганда која го слави насилството. И тоа без да бидат откриени цели осум години. Уште претходно германската полиција ќе беше во ударните медиумски вести затоа што во многу служби имало симпатизери на ИД, кои, според полициски истражувања, испраќале закани со убиство на свои противници. Ужасно сценарио, кое за среќа не се случи, но кое кај полицијата со право ќе предизвикаше темелен потрес.

Deutsche Welle Pfeifer Hans Portrait
Ханс ПфајферФотографија: DW/B. Geilert

Десноекстремни полицајци не се осамени случаи

Во реалноста, екстремизмот кај полицијата не е исламистички, туку се работи за десни екстремисти. 29-те суспендирани мажи и жени, членови на чет-група, разменувале слики од Хитлер и ужасно расистичко хушкање, и тоа од 2012 година до денес. Стравично сценарио, само што ова сценарио, за жал, е многу реално.

И сега? Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија не размислува за оставка, највисокиот во хиерархијата заштитник на безбедноста, сојузниот министер за внатрешни работи, не излегува со изјава, туку остава министерството да зборува за „срамота“. Најголемиот полициски синдикат ГдП очигледно размислува за фудбал во време на корона, а шефот на секогаш за напад расположениот Германски полициски синдикат се кара околу велосипедските патеки во Берлин, младите социјалисти и мудрува околу смислата за прием на бегалци од Грција. Се случи нешто?

И покрај сиот страв и заложбите за искрено расчистување на случајот, политиката останува вчудовидувачки нетрогната од тоа дека листата со десноекстремни мрежи и поединци во Бундесверот и полицијата е се’ подолга. Тие сите или разменувале слики од Хитлер, нацистички симболи, закани со убиства, расистичко подбуцнување или дури собирале оружје и муниција.

И, само за разјаснување: овие „државни служители“ тоа не го прават од протест против бегалците или канцеларката Меркел. Не, тие се приврзаници на расистичкиот Хитлеров фашизам и убиствата на милиони Евреи, Синти и Роми, политички противници и лица со хендикеп. Тие се државни непријатели во униформа!

Досега пропаднаа сите сериозни обиди за откривање на структурата и обемот на расизмот и десниот екстремизам во редовите на германската полиција. Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер само што отфрли спроведување на студија за расистички предрасуди и тенденции во редовите на полицијата.

Нема крик од страна на општеството

Притоа, прашањето за димензиите на десниот екстремизам кај полицијата не е неважно, но е сепак второстепено. Зашто, секој одделен случај ја поткопува довербата на граѓаните во безбедносните служби. На кого да му се обрати човек кој е соочен со закана од неонацисти, кој е расистички навредуван? На полицијата? И тоа без сомнеж? Тешко.

Тоа што полицијата толку рутински се однесува кон катастрофалните вести од безбедносниот апарат, на крајот на краиштата може да има само една причина, а тоа е дека нема сериозна емпатија, нема сочувство со оние кои страдаат поради ваквите десноестремни случаи во полицијата. А, тоа се пред се’ бегалците, луѓето со мигрантско потекло во Германија, луѓето со друга боја на кожата и противниците на десниот екстремизам. Солидарноста на општеството со овој дел од себеси, кој е голем, останува бледа. Страшно е што крикот на полицијата во врска со злото во своите редови е уште поблед.