1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во клинч за резолуцијата

ДТЗ
7 јули 2021

Партиите место да се обединат околу државните интереси и резолуцијата во преговорите со Бугарија, меѓусебно се обвинуваат дека прашањето добива етничка димензија.

https://p.dw.com/p/3wAOU
Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Место обединување околу државните интереси во спорот со Бугарија и исцртување на црвените линии во преговорите околу идентитетот и јазикот, Резолуцијата којашто ја предложи опозицијата доведе до несогласувања и обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Албанскиот блок со резерва го прифати документот, кој го поддржа владејачката СДСМ, како и уште неколку помали партии од коалицијата и најави дека нема така лесно да оди усвојувањето на Резолуцијата во парламентот. 

Процесот да почне од нула

Владејачката партија од албанскиот блок - ДУИ, преку министерот за надворешни работи Бујар Османи, по вчерашното одбивање на Резолуцијата испрати пораката дека таа треба да биде производ од сите, а не наметната од некоја политичка партија. „Постигнавме етнички консензус. Никогаш државата не била вака едногласна. Најголемата грешка што може да ја направиме сега, од една државна позиција која има кредибилитет пред светот, некој сега да ја претвори повторно во етничка“, рече Османи за „Утрински брифинг“. 

Bujar Osmani
ДУИ е на ставот дека овој процес треба да почне од нула, да седнат политичките партии консензуално, а не да биде наметната од една партија, вели Бујар Османи.Фотографија: Anila Shuka/DW

ДУИ е на ставот дека овој процес „треба да почне од нула, да седнат политичките партии консензуално, а не да биде наметната од една партија“.

„Жалам што тој човек што ја даде таа изјава, дека резолуцијата е штетна за Македонија, сè уште е министер за надворешни работи“, возврати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на Османи. Тој ја повика владејачката партија ДУИ да застане зад интересите на Македонците, со тоа што од неа бара да ја поддржи Резолуцијата за црвените линии во спорот со Бугарија. Мицкоски во интервју за „Вечер“, вели дека не треба да се гледаат интересите на соседите од другите држави, туку политичките лидери треба да се залагаат за интересите на сопствената држава. 

-повеќе на темата: ДУИ вели „не“ за Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии со Бугарија

„Наместо да ги гледаме нашите лични интереси и интересите на соседите од другите држави, да ги гледаме интересите на соседите тука внатре, во нашата Македонија, тоа се интересите на мнозинскиот, македонскиот народ“, вели Мицкоски. Тој очекува, како што вели. „ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонците како мнозинска заедница“. „Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава“, додава лидерот на опозициската партија. 

Усогласување на текстот

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, претходно рече дека е потребно усогласување на текстот на резолуцијата меѓу сите парламентарни партии за да се осигура дека тоа не му наштетува чекорењето кон ЕУ. „Не треба да правиме нешто што ќе биде спротивно на ЕУ-интеграцијата. ДУИ смета дека јазичниот, историскиот и културниот идентитет не е прашање за дискусија и не е прашање за политичко договарање“, рече Адеми. 

-повеќе на темата: Африм Гаши: Очекувам резолуција и за промена на формулацијата за албанскиот јазик во Уставот!

Со слична изјава во јавноста излезе и вицепремиерот Артан Груби. Тој за „Плусинфо“ вели дека ништо не им пречи во Резолуцијата, туку бараат текстот да биде усогласен со сите парламентарни партии, што е претходна пракса за усвојување вакви документи. „Ништо не ни пречи, ја поддржуваме. ДУИ веќе 20 години ги застапува интересите на Албанците, Македонците и на сите граѓани и затоа денес сме во НАТО и на чекор до ЕУ. Бараме само текстот да биде усогласен со сите парламентарни партии, што е претходна пракса при усвојување вакви резолуции и да не претставува дополнителна пречка во билатералниот спор“, вели Групи. Според него,  идентитетот, јазикот, културата и историјата се неспорни и не можат да бидат дел од спор во 21 век. 

Nordmazedonien Wahlen Hristijan Mickoski VMRO-DPMNE Partei
Најдоцна до петок ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ќе ја поднесе резолуцијата за евроинтеграцискиот пат на земјата и одредување на црвените линии.Фотографија: Petr Stojanovski

Резолуцијата веќе ја прифатија СДСМ, ЛДП, Демократскиот сојуз и ДОМ. Алијансата за Албанците допрва ќе гради партиски став. Најдоцна до петок ВМРО-ДПМНЕ до Собранието ќе ја поднесе резолуцијата за евроинтеграцискиот пат на земјата и одредување на црвените линии. 

-повеќе на темата: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе се обединат за јазикот и идентитетот

„Укажуваме на недозволивоста и неприфатливоста за екслузивно присвојување на историјата идентитетот, традициите, без оглед на тоа од каде доаѓа“, изјави на прес-конфереција пратеникот Тимчо Муцунски. Партијата смета дека резолуцијата треба да биде прифатена со консензус на сите пратеници затоа што тоа е еден долг кон граѓаните. 

„Содржината е целосно избалансирана и како таква може да биде од голема помош за Владата во спроведување на нашиот надворешно политички приоритет, затоа што содржината е добра намера и со позитивен контекст којшто може да помогне во натамошно градење на добрососедските односи на рамноправен и принципиелна основа и во прилог на забрзување на нашите евроинтеграциски процеси“, смета Муцунски