1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавгаџиите и антихеројот во ДУИ

27 мај 2021

Судбините на двата клана засебно и ДУИ севкупно се одбележани од тешката сенка на Асани и неможноста да се продре, освои и обезбеди она што тој го понесе со себе кога ја напушти политиката. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3u14R
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Во неговото последно телевизиско интервју Бујар Османи оцени дека Албанците во Македонија се политички најзрели од сите Албанци во регионот и тоа го имаат докажано повеќепати во последните децении. Оценка во која има доволна доза вистина, дотолку повеќе што токму Албанците во Македонија се први во регионот според парламентарното искуство, слободни избори и транзицијата од комунизмот во демократски систем. Поради што често се има случувано сонародниците од Албанија и Косово да црпат искуства од постапките на овдешните сонародници – а не обратно, како што често се замислува. Ненаметливоста и скромноста на Албанците од Македонија во нивните придонеси кон сонародниците уште повеќе влијаела да се стекне почитта и уважувањето од политичките претставници од Тирана, Приштина, Улцињ, Прешево.

Сѐ на сѐ, во оценката на Османи нема ништо контрадикторно и спорно, освен ако под „политичка зрелост” не подразбира делување на партиите, особено неговата. Бидејќи, во крајна основа еволуциите на Албанците се помалку рефлекс на делувањето на нивните партии, а повеќе ефект на нивното историско и современо искуство, вкотвеноста во реалното и отпорноста кон фалш-идеализмот, како и перпетуалната отвореност кон промените, кои во огромен дел се заслуга на менталитетот на Албанците, и многу помалку заслуга на политичките партии. По таа линија на размислување, политичките партии на Албанците се повеќе следбеници и кочничари, отколку промотори, двигатели и водилки на промените кои се случуваат во албанското општество.

Опортунизмот на албанските партии во разбирање и прифаќање на таа фина дискрепанција е длабинската причина за сегашната умртвеност на партиите среде сѐ поживата дебата во албанското општество. Поедноставено, причината за таа умртвеност лежи во свеста на обичните Албанци дека промените за кои даваа придонес не се ниту остварени ниту завршени, додека пак нивните партии сѐ уште се заглавени во изборно-калкулантскиот ментален склоп од изборите во 2016 година. Во тој судир помеѓу еволутивната социологија на општеството и револутивната догма на партиите, губитници се сите оние кои стремат повторно да ја приватизираат претставителноста на Албанците.

Личи, ама не е

Најлесно препознатливата илустрација на тој судир е тековната оперета на кавги во рамките на Демократската унија за интеграција, со посебен акцент врз познатите актери Меџити и Беџети контра Груби и Османи. Скраја убеденоста кај Албанците дека станува збор за фингирана кавга за дефокусирање од опозицијата (која ќе трае до еден месец пред избори), да си претпоставиме дека сепак станува збор за вистински конфликт. Првичната премиса за подлогата на таквиот судир е дека станува збор за судир помеѓу класично-командантските структури (Меџити, Беџети) и реформско-модерните млади сили (Груби, Османи). Така личи, ама така баш и не е.  

За да се разбере апсурдноста на дефинирањето на групацијата Груби како модерна, урбана, реформска, напредна, прво треба да се констатира апсурдноста на дефинирањето на Меџити-Беџети како крило на старата командантска камарила. Во реалноста, групацијата Меџити-Беџети не е ништо повеќе од финален дестилат на бескрајни брутални чистки на нивните ривали со далеку поголем, покредибилен командантски багаж. Тие, заедно со нивниот spiritus movens Муса Џафери, се интерпретатори, а не инспиратори на духот на командантското крило во ДУИ. 

Колку и да се трудат да бидат различни и поинакви, нивните опоненти Груби-Османи споделуваат повеќе сличност со противниците отколку што сакаат да признаат. Токму поради истоветниот модел на брутална елиминација на ривалите од т.н. цивилни структури на партијата. Нивниот сегашен пробив е повеќе резултат на самозалажувачката принуденост на Али Ахмети во нив да препознава современост во споредба со Меџити-Беџети, отколку на вистинска и реална убеденост дека тие се факторот на современа различност врз која би се граделе долгорочно одржливи политики на ДУИ. 

Други колумни од авторот:

Пред Босна, пред Палестина, пред Израел

Последниот излез од вакуумот

Пак тој!

„Чаирска тврдина“

Таквата doppelganger-штина на двете скарани структури во ДУИ е непотполна за разбирање доколку не се земе предвид чудниот преплет на околности од самиот зачеток на конфликтот. Околностите на тој зачеток се навидум збунувачки, бидејќи сите именувани фактори – Меџити, Груби, Османи - се всушност дел на истата генерациско-школско-маалска-мангупска и политички шверцерска групација, на која треба да им се додадат и Мухамед Зеќири, Ермира Мехмети, покојниот Енвер Малиќи и неколку други ликови. Групација изградена врз логиката „чаирска тврдина” за спречување на каков било продор на кој било ривал кој може да ја загрози нивната доминација. И како што бива со секоја тврдина, опасноста ќе никне од сопствени пазуви. Првично преку сеопштата согласност и соработка на Меџити, Османи, Мехмети, Зеќири, Малиќи за превентивно форсирање на Артан Груби во партиските структури. За потоа острицата на ножот во нивни раце да се сврти кон Османи, следено од свилените гајтани за Мехмети и на крај до директниот судир помеѓу Груби и Османи. Во оваа приказна за чаирската тврдина, едонставно, нема херои, нема невини жртви и чесни ликови, исто како што и нема заговор и комплот во кој секој од нив поединечно не учествувал во некаква Брутовштина на забивања ножеви во грб.

Но затоа има еден антихерој.

Во идните истории на ДУИ како пресвртна точка за судбината на таа партија нема да бидат спомнувани ниту заминувањата на банални ликови како Рафиз Алити и неговите штанц-професорчиња, ниту пак падот на Хазби Лика, Муса Џафери или Ермира Мехмети. Вистинската пресвртница е демисијата – за некои доброволна, за други присилна – на Бекир Асани, вистинскиот претставник на командантското крило и факторот во позадина на победите на цивилистите. Едноставно, Aсани е генерално човекот зад чие име секој од наведените се има скриено барем двапати во тек на патот кон Собранието, Владата и богатството, како и во спречување на падот во немилоста на незадоволните. Затоа, сегашната приземна, здодевна, банална, вулгарна кавга помеѓу двете групации во ДУИ е помалку (воопшто!) резултат на „концептуални разлики” а повеќе нусефект на медиумско парадерство поради тенкото влијание на теренот како последица на вакуумот во практикувањето на реална моќ. Меџити без Асани, подеднакво како и Груби без Асани и Малиќи, се принудени на катадневна гласност во добивање трошки од она што Асани со молк и сила им го обезбедуваше токму поради имиџот на отпадник од системот без желба да биде прифатен од системот. Поради што токму Асани беше тивкиот ривал на Ахмети по влијание, како единствените два лика во ДУИ без службени државни функции. 

Тешка сенка

Бекир Асани не е олицетворение на Робин Худ, добродушен бруталец и несфатена жртва, маченички падната за општо добро, но е сепак илустрација за реал-политиката во нашите партии од кои сите се оградуваат јавно и снисходливо зависат потајно. И во овој час, судбините на двата клана засебно и ДУИ севкупно се одбележани од тешката сенка на Асани и неможноста да се продре, освои и обезбеди она што тој го понесе со себе кога ја напушти политиката. Отсуството на таа подлога кај двата клана денес се демонстрира преку тешко видливата за око, но лесно забележлива за инстинктот промена во односот на засегнатите лица кон членството и гласачите. Поминати се времињата кога сликањето со Меџити, Груби беше чест вредна на фалење по социјални мрежи. Дојдено е времето кога Меџити и Груби се принудени да трчкараат од овој до оној политички неутрален јавен лик, во надеж да се дрпне троа од растечкото неопределено гласачко тело. Таквите поведенија се индикатор дека епохата на извозна популарност е заменета со времето на увоз на популарноста која катадневно се рони токму поради расчекорот помеѓу закоравениот менталитет во ДУИ и надминатите стеги во албанското општество.  

Како што укажувавме во предизборните анализи минатата година, дел од успехот на ДУИ се должи на генерациската еволуција и изместените приоритети во албанското општество. За жал, таа полетна предизборна надеж згасна во постизборните цинични рикверци на интегристите кон калта на опортунизмот. За што вината провизорно паѓа врз Груби и Меџити, но суштински, реално вината е кај Али Ахмети и неговата зависност од владеење преку предизвикување постојан раздор меѓу суб-квалитетот кој самиот го селектира, промовира и фаворизира во Скопје и Тетово, останувајќи самозадоволен со јавањето врз инерцијата на навиката и предвидливоста на гласачите.

Која сепак ќе продолжи да му обезбедува доминација во албанското општество, благодарение на контраријанската логика, архаична програма и контрадикторна политика на опозицијата. Така илустративно дефинирана преку Таравари-логиката „ќе коалицираме со трошките и ковчињата од гоштевката на ДУИ”. Албанската опозиција сѐ уште е некадарна да разбере дека албанското општество не сака нивните претставници да ги копираат и имитираат моделите на други етнички заедници или странски популистички мега-звезди. Уште помалку сака смислата на опозицијата да се базира ексклузивно врз пораз на ДУИ, а не врз победа на еволутивноста на албанското општество. Зададени во безглав натпревар за приклучување кон системот – обемно критикуван од нив и обилно презрен од сопствените гласачи - опозициските лидери на Албанците не најдоа сила и интерес да ја пополнат празнината на бунтовништво против системот како матрица која доминира кај албанските гласачи. Прашање на време е кога и таа празнина – повторно! – ќе ја пополнат интегристите.  

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач