1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Е, сега е капитулација.

28 јуни 2018

Шу знаеме, можеби на крај мудроста на Заев дека „ако не влеземе во ЕУ, ќе ја донесеме ЕУ овде” може да испадне визионерска. И за него болна. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/30Tzx
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Претходно изнесената надеж дека компензацијата (во лик на давање датум за почнување на преговорите со ЕУ и забрзано членство во НАТО) ќе го ублажи или рационализира чувството на капитулација по Договорот со Грција веќе му припаѓа на минатото. Но ова не е капитулација поради пораз од противникот, колку што е происход на домашните кратковидости дека веселата игра на глумење лудило може да трае вечно и без последици. Поразот од Брисел секако дека немаше да биде разбран и доживеан како капитулација, доколку претходните „победи” беа славени со троа повеќе скромност, а успесите со трошка повеќе самокритичност. Да не беа изглумените славења на лидерите, немаше да следат ни понижувачките пост-фестум деманти  дека „не е дадена согласност за пристапни преговори, туку условна препорака за почетни пристапни преговори доколку земјата ги изврши реформите”. Мизерен, но заслужен студен туш на атерирање во реалниот свет, во кој нема место за фејк-њуз „ќе не биде” прослави на порази.

Капитулацијата е навистина без загради и наводници, но сѐ уште не и безусловна. За жал, реакциите на опозицијата и спиновите на Владата по вестите од Брисел не приморуваат уште сега да предупредиме и најавиме дека капитулацијата од летото 2018 ќе финишира во безусловна капитулација на почетокот на летото 2019. Тоа е заклучокот од беспоштедната, агресивна и комично ступидна реакција на Владата на Заев (и онаа на Рама) кои во обид да фрлат прашина во очите на јавноста и да се спасат од лошите вести за нивните кабинети, сторија сѐ да не убедат дека ни во судниот час немаат сила и сериозност за сериозно да ги разберат шлаканиците од Европа. Со тоа потврдувајќи дека стравот од капитулациите на Владините кабинети за нив се пострашни од капитулациите на нивните земји. И тоа е пораката од вулгарно наказната расклештеност на владината ударна четворка со дигнати неронски палци, како потсетник до јавноста од кого тоа кутрата треба да очекува дека ќе се справи со условите за прогон и к-а-з-н-у-в-а-њ-е на крим-корупцијата во сопствените редови. Од друга страна пак, жално и суреално, ем неавредливо за логиката звучеа дрските и цинични повици „Дебакл!” од устите на опозицијата. Онаа иста опозиција чии политики на масовен криминал и корупција нѐ доведоа на работ на амбисот и ја создадоа подлогата за токму тој дебакл кој го препознаваат кај другите, никогаш во себеси.    

Рекапитулации на сопствените капитулации

Македонија не капитулира. Ова е капитулација на нејзините системски естаблишменти и рекапитулација на реалноста дека со СДСМ, ВМРО и ДУИ и режимократски закоравениот менталитет Aut Caesar Aut Nihil не може да добиеме ништо ново, освен константно плагијаторство во кој некогашната опозиција ги краде аргументите на некогашната власт - и обратно. И така, за 27 години СДСМ, ВМРО, ДУИ никогаш не капитулираа, за на сметка на тоа Македонија секоја година да доживува реанимација за бескрајни рекапитулации на сопствените капитулации. Сѐ што преостанува е радувањето на лудите и убедувањата на корумпираните дека за година дена ќе успееме да го постигнеме она што ниту СДСМ, ниту, ВМРО, ниту ДУИ не сакаа(т) ни да помислат да го направат децении по ред. Да се казнат себеси за другите да ја наградат Македонија.              

Европа не ни измисли услови по прашања кои немаат солидна подлога во реалноста и за кои ни се нема укажувано во минатото. Нашата поплака за неправедноста во давање препорака не е базирана врз успешноста на реформите, туку врз колапсот на очекувањата дека политичката формула (Договорот) ќе биде доволна компензација за немање никакви други резултати. Впрочем, замислете ја ситуацијата во која и препораките и преговорите ќе ги истеравме според досегашните критериуми на „примете нѐ или пропаднавме” и кое би било фајдето за граѓаните од таквите „успеси и победи” на нашите влади и рингишпил-партии. Дали тоа гледање низ прсти би го спречил егзодусот на младите или би ја зауздало корупцијата и непотизмот на власта? Секако дека не, па колку и да се силат домашните пропагатори на вистината во докажување на спротивното.       

Корпата од Европа за Македонија и Албанија е сепак долгорочно побенигната вест од новините кои се појавуваат на хоризонтот на Европа. Поедноставените читања на тие новини сѐ уште се сведуваат на линеарно разбирање на кризата во унијата како „крај на Меркел и доминацијата на Германија” сѐ до крах и распаѓање на самата ЕУ. Пропонентите на првата теорија ја потценуваат егзистенцијалната битност на Германија за останатите европски земји, дури и оние со најизразен антигермански сентимент. Додека пак љубителите на катаклизмичноста на втората теорија одбиваат да разберат дека судбински важната стратешка битност на ЕУ за земјите од Европа е неспоредливо и безразмерно поголема од тактички смислената емотивна омраза кон Евро-бриселството. Ниту Германија пропаѓа, ниту ЕУ се распаѓа. Промените, оние вистинските, се сепак многу подлабоки, тектонски, долгорочни и сосема неопходни. Фактот што догодина за судбинта на нашите преговори нема да решаваат ниту Хан, ниту Могерини, Јункер, Меркел и Борисов, се само површните причини за загриженост. Вклучувајќи ја и реалната можност подемот на популистите и еуро-лудизмот ширум Европа целосно да ја исфрли од колосек досегашната вообичаена траекторија на односите ЕУ-Балкан.          

Клучната промена која ќе се одрази врз Европа и врз нас е во изместувањето на интерпретацијата, разбирањето и односот кон демократијата. За разлика од англо-саксонскиот фокус врз слободата како столб на демократијата, францускиот пристап ја промовира еднаквоста како raison d'etre на демократијата. За разлика од национал-идентитетскиот "multi-kulti ist tot" поклич на Меркел наметнат врз Европа – и посебно Балканот -  според германска мерка, евро-ренесансната идеjа на Макрон инсистира на „европски суверенитет” како дел од „духот на народите” во кој нема место за „поделбите помеѓу Север и Југ, Исток и Запад”. Длабоки и суштински разлики во приодот, разлики кои целат кон надополнување низ балансирање, не кон исклучивост по цена на распаѓање. 

Други колумни од авторот:

Преспански Рамковен Договор

Арсен Вели, Erga Omnes За Сѐ!

НАТО во три брзини

Крај на една ера за ЕУ

Навестувањата за длабоките потреси ширум Европа веќе се најавени со одржувањето на иредентистичкот Самит на западна ЕУ без покани за сепаратистичкиот клуб на источна ЕУ, а по повод прашањето на миграцијата како „спор од епрувета”  низ кој се дефинираат улогите, силите и предигрите за претстојните европски избори. Втората, уште побитна иако не толку покриена новина, е најавата за раѓање на нов моќен блок во Унијата, овојпат предводена од Макрон. Имено, од него предводената En Marche движење/партија најави дека работи на создавање на заедничка предизборна коалиција со ним слични либерални, десно-од-центар партии од Европа, како што е Ciudados од Шпанија со кои „споделуваат заемни цели”. Една од наведените согласности е свеста за „пореметениот демократски баланс” поради кој е потребен „нов проект за посолидна Европа која ќе биде посвесна за потребите на нејзините граѓани”. Поедноставено, Макрон најавува остар курс на предизвикување на етаблираната доминација на Европската Народна Партија, со цел „да се постигне тоа што Макрон го направи во Франција”, каде што En Marche ги фрли во втор план старите и истрошени партии на естаблишментот, но и го сопре подемот на националистичкиот Национален Фронт на Ле Пен. Расположението на Европа, заситена од langsam-javash акомодираната лежерност на ЕПП секако оди во прилог на Макрон. Но предуслов за убедливата победа ќе биде очекуваното појавување на нов лидерски лик во Германија и тврдо опстојување врз реформскиот курс во ублажување на нееднаквоста помеѓу сѐ побогатите и сѐ посиромашните во Европа. А клучен предуслов за тоа е остриот рез со толеранцијата кон корупцијата.  

Во однос кон нас и останатите аспиранти за членство во ЕУ, клучната разлика е детерминирана од напуштањето на англо-саксонскиот политички мотив за проширувањето и приоретизирање на правниот реал-реформски условен аспект докажан низ конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата. За разлика од Германија во кој квалификацијата на реформска успешност беше симплицирано сведена на пост-Груевизам, за Франција мерилото за убедлива успешност се базира на прогрес-конкретноста во убедливо докажано и конкретно исполнување на стандардите. Наликува парадоксално, но емотивната аргументација на Берлин во прилог на балканското проширување и студената рационалност на Париз во претходно средување на Унијата се можеби најпрецизните симболични сигнали за крајот на една, и зачетокот на друга ера во еволуцијата на ЕУ. Поедноставено за нашите прилики кажано, надежта дека влезот во ЕУ ќе биде сличен на оној на Романија и Бугарија, базиран врз геополитички аргументи (од типот Договор-за-Преговор) заминува во минатото, отстапувајќи место на правно-санкциозно базираната „стандарди пред статус” заслужност за влез во клубот.

Визија

Оваа ниту мала ниту небитна дистинкција во приодот на Макрон секако е недоволна и преуранета за искажување безрезервно „Merci Monsieur Macron” од наша страна. Но доколку се опстои во категоричноста на барањата на Париз за справување со крим-корупцијата како болен, но судбински потребен предуслов за членство, секако заслужува барем едно „D'accord Monsieur President.” Во секој случај, пресудата ќе биде политичка. Политички логично е дека условите на крај ќе бидат сведени само на изговор за држење на Балканот надвор од ЕУ. Но исто така политички логично ќе биде и доколку низ тврдото инсистирање на расчистување со криминалот и корупцијата се расчистат и досегашните спони помеѓу овдешните криминогени политички естаблишменти и западноевропските кружоци во корумпираните и застарени елити. Во прв ред тоа се однесува на доминацијата на Европската народна партија и нејзините испостави како политичка, дипломатска и духовна кичма на овдешните крим-коруптократи. Уривањето на таа доминација може да има чудни, неочекувани и полезни реперкусии, доколку маршот на Макрон кон „старите и истрошени европски партии од дваесетиот век” се поклопи со заситеноста на домашната јавност од домашните потрошени троглави доминатори на пост-комунистичкото статус кво. Шу знаеме, можеби на крај мудроста на Заев дека „ако не влеземе во ЕУ, ќе ја донесеме ЕУ овде” може да испадне визионерска. И за него болна.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач