1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекордно одобрување кај Европејците за ЕУ

СН/ агенции
24 мај 2018

За апатија не може да стане ни збор: Европската унија во моментов ужива најголема популарност во последниве 35 години, вели најновата анкета. Оваа значителна промена во мислењето на граѓаните на ЕУ се должи на Брегзит.

https://p.dw.com/p/2yEmK
Symbolbild: Eurobarometer
Фотографија: picture-alliance/A. Alain

Пред неколку години само малкумина би очекувале вакво нешто: одобрувањето на граѓаните од земјите од ЕУ за Унијата во 2018 година достигна рекордно ниво. Повеќе од две третини од граѓаните на ЕУ и 75 проценти од Германците веруваат дека нивните земји имаат полза од членството во ЕУ. Ова произлегува од последното истражување на јавното мислење „Евробарометар“, објавено во Брисел. Тоа е највисока вредност во Европа од 1983 година наваму. За потребите на истражувањето, според Европската комисија, редовно се интервјуираат околу 1.000 луѓе во секоја земја членка.

Повеќе:

-Што е и како работи Евробарометар?

-Германците позитивни кон ЕУ

На почетокот на евро-финансиската криза во 2010 година вредноста ширум ЕУ беше значително пониска. Само 53 проценти од луѓето тогаш сметаа дека членството на нивната земја во ЕУ е корисно. И за време на бегалската криза во 2015 и 2016 година, одобрувањето за ЕУ беше споредливо пониско.

Symbolbild: Eurobarometer
Фотографија: picture-alliance/J. Carstensen

Брегзит доведе до „повик за будење“

Покрај тоа, според истражувањето, бројот на оние кои веруваат дека нивниот глас вреди нешто во ЕУ (48 проценти) го надминува бројот на скептици (46 отсто). Ваквиот развој започна во втората половина на 2016 година, по референдумот на Британците за напуштање на ЕУ. Тоа беше како „повик за будење“ во рамките на ЕУ, се вели во истражувањето. Во Германија, дури 72 проценти од испитаниците веруваат дека нивниот збор има тежина во Европа.

Сепак, сè уште има скептицизам во поглед на севкупниот политички развој во Европа. Само 32 проценти од испитаниците се убедени дека работите се движат во вистинска насока (Германија: 38 проценти). Меѓутоа, во споредба со претходните години, и кај ова прашање очигледен е благ тренд на пораст.