1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа во бегство од рускиот гас

Барбара Везел
2 мај 2022

Прекинот на испораката на гас за Полска и за Бугарија ги принуди и другите членки на ЕУ гасот од Русија што поскоро да го заменат со увоз од други земји. До каде се стигнати во тие напори и кои се пречките?

https://p.dw.com/p/4AcXq
Колку земјите од ЕУ се подготвени за целосен прекин на снабдувањето со руски гас?
Колку земјите од ЕУ се подготвени за целосен прекин на снабдувањето со руски гас?Фотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/picture alliance

Ако не се промени ништо и ако Москва опстои на плаќање на рускиот гас во рубљи, тогаш лесно може да се случи и други земји од ЕУ повеќе да не добиваат руски гас. Дотолку повеќе: денеска, понеделник (2.5.) ЕУ ќе разгледува, дали плаќањето преку банката на Газпром во евра, која секако со провизија тоа го претвора во рубљи, исто така, е прекршување на санкциите воведени против Русија. Ако членките на ЕУ се согласат дека е така, тогаш практично веќе никој нема ни да смее да купува руски гас. Во колкава мерка членките на ЕУ се воопшто подготвени за криза од такви размери?

Италија

Според волумененот од околу 11,4 милијарди кубни метри гас, колку што увезе во 2021 година, Италија е на второто место меѓу европските купувачи на руски гас. До средината на наредната година на тоа би требало да му дојде крајот, но веќе во наредните месеци увозот на гас од Русија би требало да се преполови. Веќе се склучени договори со Ангола, Република Конго и со Алжир, а Италија е споена и на Трансмедитеранскиот гасовод по кој доаѓа гас од северна Африка. Рим бара и други понудувачи како што се Катар, Мозамбик и Азербејџан.

Повеќе: Русија го запира гасот за Бугарија и Полска

Освен тоа, Италија се повикува на драстично штедење на енергија. „Сакаме мир или клима уреди?“, ги праша премиерот Марио Драги своите сограѓани. Владата усвои и уредба според која разладувањето и во јавните простори наредното лето смее да се постави на најмалку 25 Целзиусови степени, а греењето наредната зима на 19 степени. Како што пресмета владата, така би можело да се заштедат до 4 милијарди кубни метри гас годишно.

Гасоводи за руски гас кон земјите од ЕУ
Гасоводи за руски гас кон земјите од ЕУ

Грција

Атина сака во најбрзо време да стане центар за снабдување со гас за цел Балкан. Таа амбиција ја има веќе подолго време и всушност изворно тоа беше желба да се намали нејзината зависност од гас кој минува преку Турција, но сега тоа е средство против увозот од Русија. Во тоа би требало да послужи Трансјадранскиот гасовод, сѐ уште незавршеното спојување на одводот за Бугарија и новиот одвод за С. Македонија.

Грција досега покриваше околу 30 отсто од својата потрошувачка на гас од Русија, иако тоа не е многу - околу 1,6 милијарди кубни метри годишно. Веќе годинава две третини од овој увоз би требало да бидат заменети со алтернатива како што е гас од Азербејџан. Во малку подолг рок земјата сака да истражи можни наоѓалишта на природен гас во сопствените територијални води, за да биде енергетски понезависна.

Исто така, Грција веќе како прва ѝ понуди помош на Бугарија: практично веднаш може да се испорача гас кој во течна форма пристигнува во некое грчко пристаниште и да се сврти насоката на гасот низ гасоводот Турски тек, преку кој руски гас пристигнува во Грција, Турција и во Бугарија. Итно се работи на завршување на поврзницата меѓу Грција и Бугарија и таа би требало да биде готова до јуни. Тоа најверојатно сега конечно треба да успее: овој гасовод се гради веќе 11 години.

Грчкиот премиер Мицотакис и екс-премиерот на Бугарија Борисов договорија изградба на заеднички ЛНГ-Терминал во Александруполис
Грчкиот премиер Мицотакис и екс-премиерот на Бугарија Борисов договорија изградба на заеднички ЛНГ-Терминал во АлександруполисФотографија: ANE/picture alliance

Полска

Исто како и Бугарија од Грција, така и Полска своите потреби прво би ги покривала од соседните земји. На состанокот на министрите за енергија на ЕУ, во понеделник, би требало да се договори солидарно решение. Веќе во наредните месеци Полска би можела да добива гас од Литванија преку гасоводот кој е речиси завршен, а според уредбата за итна помош во ЕУ и ако итно ѝ е потребно, гас би можело да пристигнува и од Германија. Тоа всушност би било прилично бизарно, бидејќи добар дел од гасот во Германија сѐ уште пристигнува од Русија. 

Повеќе: ЕУ: Побрзо ослободување од зависноста од рускиот гас

Но, складиштата на гас во Полска се речиси три четвртини полни, а владата во Варшава подготвена го дочекува конфликтот: уште на крајот на април Полска би требало да стане независна од гасот од Русија, рече премиерот Матеуш Моравјецки. „Благодарејќи на нашата внимателност не може да нѐ загрозат со уцена.“  Полска во прв ред се потпира изградбата на Балтичкиот гасовод преку кој од ноември треба да пристигнува гас од Норвешка и од каде во иднина ќе пристигнува најголемиот дел од гасот за Полска.

Дистрибитувна станица за природен гас во Густоржин во Полска
Дистрибитувна станица за природен гас во Густоржин во ПолскаФотографија: Wojciech Kardas/Agencja Gazeta/REUTERS

Унгарија

Пресретливоста на унгарскиот премиер кон Кремљ дури и кога целата Унија е нозе, во добар дел е заснована на фактот дека земјата е речиси целосно зависна од гасот и нафтата од Русија. Оваа пресретливост оди толку далеку што Виктор Орбан во тоа не гледа никаков проблем и  Будимпешта упорно ги одбива санкциите на ЕУ против Русија во областа на енергенсите.

Франција

Ова земја далеку од Русија покрива само 20 отсто од својата потрошувачка со руски гас, па поради тоа и францускиот претседател е поддржувач на најостри санкции за рускиот извоз на енергенси. Но, 20 насто и не е ни толку малку, а веќе со децении само се зборува за гасоводот од Шпанија од каде би можел да пристигнува гас од Алжир или во течна состојба од шпанските ЛНГ- терминали.

Дали спасот е во Казахстан?

Литванија

Поради цела низа причини на земјата рускиот гас одамна ѝ е трн в око и како прва членка од ЕУ Литванија веќе целосно престана да купува гас од Русија. Оттогаш земјата се снабдува со течен гас, пред сѐ од Норвешка кој пристигнува до пловечкиот ЛНГ-терминал кај Клаипеда. Капацитетите на терминалот се значително поголеми отколку потрошувачката во земјата , така што може да ги снабдува и соседните држави, вели тамошната влада.

Германија

И покрај долгогодишните предупредувања од ЕУ и од САД, Германија е најголемиот увозник на руски енергенси и е под огромен притисок од почетокот на војната во Украина. Министерот за економија Роберт Хабек во повеќе наврати изјавуваше дека откажувањето од рускиот гас не е можно пред 2024 година. Во Германија нема ниту еден ЛНГ-терминал за испораки на течен гас. Во однос на увозот на нафта, од друга страна, германската влада се придвижи и во меѓувреме порача дека во брз рок може да се согласи на такво ембарго .