1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратеници бараат враќање на опозицијата во парламентот

БГ/макфакс12 февруари 2013

Група европратеници кои претстојуваат во Скопје побараа од опозицијата да се врати во парламентот и да се поддржи евроатлантскиот пат на земјата

https://p.dw.com/p/17cpH
Фотографија: Reuters

Опозицијата да се врати во Собранието, а внатрешните проблеми не треба да станат пречка за постигнувањето на националните цели, каква што е интеграцијата во Европската унија е пораката што европарламентарците Јержи Бузек (EПП, Полска), Туне Келам (EПП, Естонија), Мирослав Миколашик (EПП, Словачка) и Ласло Токес (EПП, Романија) ја упатија по средбата со министерот за надворешни работи Никола Попоски, одржана во Скопје.

„Демократијата значи постојан дијалог меѓу власта и опозицијата. Таков дијалог треба да се одвива во Собранието, како многу важна демократска институција. Од гледна точка на демократски стандарди, отсуството на опозицијата во Собранието е нешто невообичаено, неприфатливо. Бидејќи во вашата земја генералната поддршка за пристапување во ЕУ е многу висока, мислам дека и власта и опозицијата се одговорни за такво важно прашање, односно да се погрижат за високиот стандард на демократија“, изјави Бузек .

Порака за враќање на опозицијата во Собранието и воспоставување на институционален дијалог со власта побараа и неговите колеги европратеници. „Парламентот е институција на демократијата и не може да биде блокирана. Како поранешни комунистички граѓани многу добро знаеме дека само во диктатурата недостасуваше дијалог. Ни треба дијалог, наместо балкански војни. За нас е чест да бидеме тука и да придонесеме за мирно надминување на проблемите во пристапувањето на Република Македонија“, рече европратеникот Токес.

Jerzy Busek neuer Präsident des EU Parlaments
Јержи БузекФотографија: AP

„Опозицијата, на некој начин, креира ситуација во која вашата земја Македонија не може да ги отвори поглавјата (од преговорите). Ова е нешто што политичарите од опозицијата треба да го разберат“, рече Миколашик.

„Македонија сега има прозорец на шанса да почне преговори и да се ослободи од овие пречки. Но, главното прашање е вашето внатрешно единство. Мислам дека Собранието е избрано за да има дебати. Кога членовите на Собранието одбиваат да продолжат со дебатата и решаваат да го бојкотираат, не е добро за земјата, не е добро за имиџот на земјата. Мислам дека внатрешните проблеми никогаш не треба да станат пречка за вашето национално единство и вашите национални цели“, рече Келам.