1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот парламент сака преговори со Македонија

21 јануари 2012

Европскиот парламент ја поддржува Македонија во нејзината намера за што побрзо приклучување кон ЕУ. Во извештајот за напредокот на Македонија за 2011 година, Ричард Хауит бара конкретен датум за преговори.

https://p.dw.com/p/13nbE
Ричард Хауит: Мнозинството во ЕП е за почеток на преговориФотографија: picture-alliance/dpa

„Денешниот статус кво не е задоволувачки“, изјави британскиот европратеник и известувач за Македонија Ричард Хауит за Дојче веле. Приклучувањето на земјата е во интерес на Велика Британија, на целата Европска унија и на Грција, вели тој. Според него, компромис во спорот околу името е важен, но сега е дојден моментот за напредок во преговорите за приклучување во ЕУ.

Британскиот европратеник не прогнозира дали спорот со името ќе биде надминат. „Преговорите иницирани од ОН се во тек и решението на спорот за името не е во надлежност на ЕУ“, објаснува тој. Но, Европа сепак има одговорност да бара од двете страни постигнување компромис.

Хауит не потрошил ни збор за атинскиот поглед, се лутат грчките европратеници

Грчките европолитичари се на мислење дека сега не би било паметно да се одредува датум за преговори. „Спротивната страна смета дека времето работи за неа“, вели европратеникот од редовите на Неа Демократија, Јоргос Кумуцакос. Поради тие причини, како што додава тој, „Скопје има интерес да ги одолговлекува преговорите и да ги торпедира постојано со нови провокации, како со именувањето на аеродромот во Скопје во ’Александар Велики’“.

Maria Eleni Koppa
Мариа Елени Копа: Извештајот е неодмеренФотографија: Sozialdemokratische Fraktion im Europäischen Parlament

Грчките европарламентарци се лути пред се‘ поради тоа што британскиот известувач Хауит не потрошил ниту збор за атинскиот поглед на изјавите на политичката класа во Скопје. „Извештајот е неодмерен и ние, се разбира, ќе направиме обид за извесни промени во текстот“, објаснува политичарката за надворешна политика од редовите на ПАСОК, Мариa Eлени Копа.

Известувачот Ричард Хауит има поинаков став. „Се разбира, очекувам опширни коментари од страна на грчките колеги, тоа е дел од демократијата каква што се негува во Европскиот парламент“, вели тој, додавајќи дека ќе ги прими до знаење постоечките разлики во мислењата и тоа ќе го почитува, но од друга страна, јасно е дека мнозинството во Европскиот парламент е за почеток на преговори.

Околу извештајот на Хауит во Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент се дебатира опширно. Дебата и конечно прифаќање на пленарна седница на ЕП во Стразбур се очекуваат кон средината на март. Тоа, меѓутоа, не е обврзувачки за шефовите на држави и влади на 27-те земји членки на ЕУ.

Автор: Јанис Пападимитриу / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александар Методијев

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема