1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

Три минути за голема гордост

20 мај 2019

Ако нашата песна го обедини европското жири, тажно е да не ги обедини нашите сограѓани низ светот. Коментар на Катерина Блажевска.

https://p.dw.com/p/3IlGi
Israel Eurovision Song Contest 2019 in Tel Aviv | Tamara Todevska aus Nordmazedonien
Фотографија: Reuters/R. Zvulun

Бидна и тоа. Се покажа дека кога имате добар производ, Папата не е единствениот кој со неговата посета може да ја стави земјата на мапата на светот. Тоа ѝ успеа на Тамара Тодевска во три минути - со длабока емоција, моќен вокал, одлична песна и квалитетен авторски тим.

Секако, најголемиот дел од успехот ѝ припаѓа на Тамара, која е една од ретките на македонската музичка сцена надарена и со невообичаена харизма, елоквентност, непосредност, комуникативност, духовитост, снаодливост, умешност да даде максимум во секоја ситуација, со еден збор - „џамбас“ девојка на македонската естрада.

Со право е дочекана како морален победник, кој во еден период доминираше на првото место со голем број дванаесетки од гласовите на жирито, па финалното осмо место не го засени нејзиниот успех во домашната јавност. Колку граѓаните се жедни за успех се покажа овој викенд, кој експресно се претвори во своевидна Тамараманија, дури и кај оние кои немаат навика да следат Евросонг. И како и во секоја слична прилика, имаше и многу патетика, и многумина кои сакаа да чепнат од нејзиниот успех, што е редовен дел од овдешниот фолклор. Имаше и многумина кои им се налутија на нашите во дијспората што се поскржавеле и ја минирале победата, која со гласовите од публиката за првпат ќе беше толку блиску на дофат.

Не треба генерално да им се лутиме на нашите сограѓани во странство. Не се тоа куп луѓе собрани пред тв-приемник на едно место. Нашата дијаспора е во Европа, но и во САД и Австралија, каде и временската разлика има удел врз можноста да се следи Евросонг.

Но, не ги оправдувам оние кои имале можност да гласаат, а не го сториле тоа во знак на одмазда или протест за новото име на државата. Дали тоа би значело и дека поради новото име повеќе нема да доаѓаат во родната земја? Се сомневам. Секој има право на грешка, имаат и тие. Но, кога држат лекции дека „дијаспората е еден од чуварите на македонскиот идентитет“, се надевам дека не пледираат на ексклузивност. Барем не повеќе од нас, кои овде го живееме нашето македонско секојдневие со сите негови подеми и падови, имање или немање, но сепак свои на своето. И треба да разберат дека македонскиот идентитет ниту е загрозен, ниту може да се брани со одговори во кои доминираат евтини политизации. Ако нашата песна го обедини европското жири, тажно е да не ги обедини нашите сограѓани низ светот. Уште потажни се оправдувањата, на пример, од Македонскиот национален совет, дека „со години наназад фестивалот веќе не бил она што бил на почетокот“. Демек, тие се занимавале со рејтингот на фестивалот, а не со македонскиот настап. Ете, и тоа е дел од реалната слика за нас, каде и да сме. И тоа е еден од доказите дека успешно сме го зачувале идентитетот - особено оној дел од него што нѐ тера да се караме, дури и тогаш кога имаме причини барем еден ден да бидеме радосни. Но, ништо не е изгубено. Овие епизоди се дел од нашето зреење и растење. „Proud“ беше песна за сите нас. Оние кои сѐ уште не ја сфатиле амбасадорската моќ на музиката, песната, пораката, треба да разберат дека гордоста е меѓу најсилните анкери на идентитетот.