1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година по нападот во Ница сѐ уште има отворени прашања

Барбара Везел
14 јули 2017

Франција денеска, на Денот на републиката, се сеќава на жртвите од терористичкиот напад во Ница. Минатото лето теророрист влета со камион во толпата што славеше. 86 луѓе беа убиени.

https://p.dw.com/p/2gWNL
Frankreich Nizza Jahrestag Anschlag
Фотографија: picture-alliance/Maxppp/F. Fernandes

Годинава нема празничен огномет на променадата, како што е вообичаено кога се слави францускиот национален празник. Со богослужба и комеморација со претседателот Емануел Макрон и вечерен концерт ќе биде заокружена комеморативната програмата во спомен на настраданите.

Пред една година, Мохамед Лахуаеџ Булел, роден во Тунис, со камион влета во толпата што славеше на познатата променада во Ница. Атентатот траеше неколку минити, а однесе 86 жртви, меѓу кои и многу деца. Мотивот за овој акт на лудило не се расветли до крај. И роднините на жртвите и преживеаните сметаат дека претходната влада во Париз е одговорна поради потфрлање на безбедносните мерки.

Жртвите

Поголемиот дел од над 400 повредени се повторно добри, иако некои имаат трајни оштетувања. Меѓу десет и дваесет пациенти сѐ уште се на лекување, изјави за медиумите професор Паскал Боило од локалната универзитетска клиника

Над 3000 роднини и очевидци на терористичкиот напад сѐ уште имаат психијатриски третмани. Меѓу нив и многу деца кои полека го преработуваат шокот од настанот. Преживеаните раскажуваат за проблеми со спиење и панични напади. За многумина оваа годиншнина е прилика да се вратат повторно на познатата променада во Ница за да бидат дел од комеморативниот настан. Некои, пак, ја одбија поканата од претседателот. Софија Секо од здружението ФЕНВАК, кое ги застапува жртвите, објаснува: „Во изминативе недели имавме контакт со жртвите кои се подготвуваат да присуствуваат на комеморативниот настан. Зборувавме со 70 од нив, но тројца не сметаа дека средба со претседателот ќе им помогне."

Frankreich Gedenkstätte Terroranschlag in Nizza
Од неодамна големо срце на променадата во Ница потсетува на жртвите на минатогодишниот нападФотографија: picture-alliance/dpa/S. Kunigkeit

Бавна отштета

Како и по други терористички напади во Франција, проблеми има со бавното обесштетување на жртвите од страна на државата. Досега се исплатени само 25 од ветените 300 милиони. По поднесување на барањето се исплаќа аванс меѓу 2500 и 5000 евра, објаснува Софија Секо: „Пред да биде целосно исплатена отштетата, погодените мора да бидат повторно здрави или барем заздравени." Дури потоа може да се утврди сериозноста на трајното оштетување и да се утврди и сумата за отштета.

„Некои се среќни дека добиле воопшто некаков надомест, но за некои тоа е премалку. Не може животот на едно дете да се компензира со сума колку што чини еден автомобил", вели Секо. Во меѓувреме подобро функционира соработката со владата, иако одделот за контакт со жртвите е преселен на крај од градот и е потешко достапен за многумина. Многумина сѐ уште чекаат одговор дали нападот можел да се спречи ако биле преземени подобри безбедносни мерки или не. Судството и полицијата во Ница сѐ уште ја водат истрагата.

Frankreich Nizza Jahrestag Anschlag
Полиција ја обезбедува бината за комеморативната програмаФотографија: Reuters/E. Gaillard

Извештајот од истрагата

Француските безбедносни служби, пак, подготвија огромен фајл со документи. Извештајот за истрагата е напишан на 80.000 страници, вкучително и извештај од кривичната истрага, стотици изјави на сведоци, како и анализата од лаптопот и мобилниот телефон на напаѓачот. Ништо од пронајдените докази не укажува на тоа дека Мохамед Лахуаеџ Булел имал каков било контакт со структури на Исламската држава во Сирија или Ирак. И тоа и покрај тоа што група ја презеде одговорноста за нападот. Напаѓачот е случај на „саморадикализирано лице“, се заклучува во извештајот. Иако напаѓачот имал интерес за радикално-исламистички тези, се чини дека немал никаква поврзаност со ИД. Поради тоа што немал вакви контакти, не бил во визирот на безбедносните служби.

И по една година нема натамошни сознанија за позадината на нападот. Потрагата по вистинските мотиви завршува во празно, освен тоа дека напаѓачот покажал општа наклонетост кон тероризам. Неговиот убиствен напад беше прв ваков во Европа, при што еден терорист го исполни повикот на поранешниот портпарол на ИД, Мохамед Ал Аднани, кој во 2014 година ги охрабри сите поддржувачи да извршуваат терористички напади во Европа, нагласувајќи да користат моторни возила како оружје.

Frankreich Lastwagen-Anschlag in Nizza
Камионот со кој беше извршен нападот во Ница пред една годинаФотографија: Reuters/E. Gaillard

Против девет осомничени се води истрага за можна вмешаност во нападот. Тоа се локални контакти на напаѓачот, кои се обвинети за дела, како на пример, купување на оружје. Сепак, тука станува збор за криминални деликти без терористичка заднина.

Напаѓачот

Дури минатата недела судската медицина одобри телото на напаѓачот да биде испратено во Тунис, каде што ќе биде погребан. Нема официјално објаснување од француските власти за мистериозното одлагање. Во секој случај, со тоа се расчисти една шпекулација која се појави за време на изборната кампања дека напаѓачот е закопан на гробиштата во Ница, во близина на своите жртви.

Мохамед Лахуаеџ Булелзагина на 14 јули 2016 година од полициски истрел, со што беше спречен да продолжи да гази луѓе на булеварот во Ница.