1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Nachrichten Wirtschaft

2 ноември 2010

Избор од стопански вести: Трговскиот гигант „Метро“ од Диселдорф постигна голем скок на добивката во третиот квартал од годинава; Американскиот производител на автомобили „Џенерал моторс“, ќе се враќа на берзата.

https://p.dw.com/p/PwKd
Фотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе од половината, односно 56 проценти од менаџерите од германски претпријатија, опфатени со анкета на „Ханделсблат“, се изјаснија за засилено и олеснето доселување во земјата. Како што денеска (02.11.2010) објавува весникот, тие сметаат дека насочено доселување е важен инструмент за избегнување недостиг од стручни кадри на пазарот на работна сила.

Трговскиот гигант „Метро“ од Диселдорф постигна голем скок на добивката во третиот квартал од годинава, благодарение на доброто одвивање на бизнисот и постигнатите заштеди. Скокот изнесува 80 проценти, односно 170 милиони евра, соопшти претпријатието денеска. Приходот во периодот од јули до септември изнесува 16,3 милијарди евра. „Во сите региони чувствуваме значително динамизирање на бизнисот“, изјави Екард Кордес, шеф на концернот „Метро“.

Добрите зделки со генерички лекови во САД придонесоа германскиот концерн за лекови и медицинска опрема „Фрезениус“ во првите девет месеци од годинава да ја зголеми добивката за 19 проценти и таа изнесува 1,8 милијарди евра. „Фрезениус“ оствари приход од 11,8 милијарди, што претставува пораст од 13 проценти. За целата година концернот од Бад Хомбург очекува пораст на добивката за 20 проценти, а на приходот за осум до девет насто.

General Motors Zentrale in Detroit GM Opel
Фотографија: AP

Американскиот производител на автомобили „Џенерал моторс“, кој во моментов е во државна сопственост, ќе се враќа на берзата и ќе пушти во продажба матични акции во вредност од околу десет милијарди долари и приоритетни акции во вредност од три милијарди, пренесува агенцијата Ројтерс. Со тоа сопственичкиот удел на американската влада ќе падне од сегашните 60,8 на 43,3 проценти.

Американските власти за надзор над берзите водат истрага против инвестиционата банка ГП Морган Чејс, известува интернет-порталот „ПроПублика“, специјализиран за истражувачко новинарство. Властите проверуваат дали банката на соодветен начин ги информирала клиентите за начинот на составување на финансиските продукти поврзани со зделки со хипотекарни кредити. Зделките потекнуваат од 2007 година и во нив, наводно, банката соработувала со хеџ-фонд, кој потоа се обложил на загуба на тој финансиски продукт.

Автор: Ролф Венкел/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска