1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган сака да се ослободи од сириските бегалци

Даниел Хајнрих
12 септември 2019

Турскиот претседател Ердоган се заканува со откажување од бегалскиот договор со ЕУ. Причината лежи во внатрешната политика: во Анкара тонот кон бегалците станува сѐ посуров. Турција ни самата веќе не ги сака бегалците.

https://p.dw.com/p/3PSk2
Griechisch-türkische Grenze
Фотографија: picture-alliance/ANA-MPA/N. Arvanitidis

Фактички, со изјавата дека Турција би била принудена „да ги отвори своите врати“, доколку од ЕУ не добие поддршка во згрижувањето на бегалците и создавањето „безбедносна“ зона во северна Сирија, турскиот претседател Ердоган не упати закана.

Барањето на Ердоган се темели на т.н. Договор за бегалците од март 2016 година, со кој ЕУ ѝ  вети на Турција исплата на шест милијарди евра во неколку години, заради згрижување на сириските бегалци. Според Европската комисија, досега се уплатени 2,4 милијарди евра, преостануваат уште 3,4 милијарди. Во силен контраст со грубите тонови од Анкара, во Европската комисија во Брисел се реагира опуштено: „Веруваме во продолжување на работата со нашиот турски партнер во добра меѓусебна доверба“, се вели во писменото соопштение за медиумите.

Враќање на бегалците во Сирија

И Кристијан Бракел, раководител на Фондацијата Хајнрих Бел во Истанбул, не верува дека Ердоган вистински ќе се откаже од договорот со ЕУ. За тоа едноставно има „малку подобри опции“, вели Бракел за Дојче веле. Експертот за Турција вистинските проблеми за односот кон бегалците во Турција ги гледа на друга страна. Во изминатите недели и месеци депортациите на бегалци од Турција во нивните матични земји рапидно пораснаа. Во случаи на бегалци од граѓанската војна во Сирија, беа депортирани дури и луѓе од воените региони, како Идлиб.

Türkei Grenzmauer zu Syrien
Турција подигна ѕид на границата кон СиријаФотографија: picture-alliance/AA/R. Aydogan

Во Анкара не се негира дека околу 320.000 сириски бегалци во Турција во меѓувреме се вратени во нивната татковина. Но, турските власти зборуваат за „доброволни повратници“. Кристијан Бракел се сомнева во тврдењето. Постои цела низа уверливи извештаи на луѓе кои се пријавиле во полициска станица заради продолжување на дозволата за престој. „Таму им е побарано потпишување на документ со кој потврдуваат ’доброволно враќање’. Под закана со телесно насилство, јасно им е ставено до знаење дека нема да се толерира никакво противречење. Под вакви околности, тешко може да се зборува за ’доброволно враќање’“, истакнува Бракел.

Турција со специјална улога во бегалската политика

Ваквиот однос кон бегалците на прв поглед изненадува. И турскиот претседател Ердоган и членови на неговата владејачка партија АКП секогаш одново ја истакнуваат подготвеноста за помош на турската влада. Политичарката на АКП, Фатма Сахин, од 2014 година градоначалник на градот Газиантеп на границата со Сирија, во разговор со Дојче веле есента 2017 година изјави: „Со години се обидуваме да им помогнеме на измачените луѓе од Сирија. Овде постои традиција за помагање, таква е нашата култура. Ако соседот гладува, тогаш треба да му помогнеш. Мислам дека со нашето однесување станавме пример за целиот свет. Ние се претворивме во совеста на светот.“

Повеќе: 

На Турците им се смачува од бегалците?

Битка за Идлиб - битка за Сирија

Бегалскиот договор на ЕУ и Турција во опасност?

Турција вистински има посебна улога во поглед на сириските бегалци. Преку 6,3 милиони луѓе мораа да ја напуштат Сирија и побараа засолниште во соседните држави. Половина од нив прими Турција. 

Опасност од нови бегалски бранови

Но, во многу места испари почетната еуфорија кон новодојденците. Долги години толерираната пракса, на пример - Сиријците кои не се регистрирани во Истанбул сепак да живеат во милионската метропола, веќе не се прифаќа, засегнатите бегалци мора да го напуштат градот.

Syrien Türkei Grenzübergang Bab al-Hawa Proteste
Сиријци на границата демонстрираат барајќи влез во ТурцијаФотографија: AFP/A. Watad

Заднината на променетата реторика на Ердоган, Кристијан Бракел ја гледа и во загубата на метрополата на Босфор на последните локални избори летоска: „АКП доживеа пораз посебно во општините каде живеат многу бегалци. Иако претходно тие беа упоришта на АКП, на изборите партијата овојпат беше строго казнета.“

Вина, според експертот, има и напнатата економска ситуација. „Одбивноста кон бегалците, сеедно дали во форма на отворен расизам или насилство, бележи голем пораст. Изменетата реторика е јасен обид за повторно стекнување контрола над ситуацијата.“

Можната тежина на ситуацијата станува јасна ако се фрли поглед кон Сирија. Во изминатите недели борбите за последната бунтовничка поголема област Идлиб, која граничи со Турција, повторно ескалираа. Во регионот живеат околу три милиони бегалци. Доколку тамошната ситуација дополнително се заострува, и овие луѓе би можеле да се обидат да влезат во Турција. Владата во Анкара веќе реагираше и за идниот понеделник најави самит посветен на Сирија со рускиот претседател Владимир Путин и иранскиот претседател Рохани.