1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Ескалација во Идлиб: Се заканува ли нов бегалски бран?

Карин Сенц | СН/агенции
28 февруари 2020

Ситуацијата во северна Сирија драматично ескалираше. Во воздушен напад на сириската армија загинаа 33 турски војници. Турција возврати со одмазднички напади и се закани оти ќе ги отвори границите кон Европа за бегалците.

https://p.dw.com/p/3Yb0q
Türkisches Militär in Syrien - 27. Feb. 2020
Фотографија: Getty Images/A. Tammawi

На границата меѓу Сирија и Турција илјадници бегалци чекаат да влезат во земјата. Но во Турција веќе има 3,6 милиони сириски бегалци. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во повеќе наврати се закануваше дека ќе ги отвори границите кон Европа за бегалците. Овојпат тоа навистина би можело да се случи со оглед на ескалацијата на насилството во регионот Идлиб во Сирија. Имено, турските телевизии емитуваа во живо како бегалците на гумени бродови тргнуваат од егејското крајбрежје на Турција на пат кон грчкиот остров Лезбос. И никој не ги спречуваше во тоа. Репортер на  новинската агенција ИХА, пак,  известуваше рано изутрина од прифатниот логор Ајдин на егејското крајбрежје. „ Бегалците самостојно тргнуваат на пат. Во кампот во моментов има три автобуси полни со бегалци, кои наскоро ќе тргнат на пат“.  Во Турција се шират гласини дека владитет неколку часа нема да ги запираат бегалците дојдени на границата со Грција. Наводно тоа било одлучено на кризната седница по смртоносните напади врз турските војници во регионот Идлиб во изминатата ноќ.

Karte Grenzbebiet Syrien Türkei bei Idlib - EN

Официјална потврда за вакво нешто, владата досега не издала. Еден нејзин портпарол изјави само дека Турција не би можела да го издржи притисокот на нов бран на бегалци од Сирија и оти Европската унија треба да ѝ помогне на Турција. Анкара исто така на помош го повика и НАТО. Со право, вели Гирај Сајнур Дерман, од универзитетот Мармара во Истанбул: „ Мора сите да се придржуваат до правилата на играта. Тоа важи за Русија, но и за САД и за НАТО, кои се обврзани да помогнат. А не само да потсетуваат на својата поддршка, кога станува збор да ги држат подалеку од себе брановите на бегалци“, вели Дерман. 

Повеќе:

-Турција контра Русија: натпревар за превласт во Сирија

-Договорот за бегалци меѓу ЕУ и Турција загрозен?

-Страдањето на луѓето во Идлиб

НАТО денеска одржа вонреден состанок  поради ескалацијата во Идлиб и генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг ги осуди нападите врз турските војници во Идлиб во изминатата ноќ во кои загинаа 33 припадници на турската армија. Таа во Идлиб се бори на страната на сириските бунтовници против војската на режимот, поддржана пак од Русија.

Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар кој веднаш се отпатува на турско-сириската граница објави дека Турција возвратила со воздушни одмазднички напади врз 200 цели на сирискиот режим.

Всушност Русија и Турција пред подолго време постигнаа договор за прекин на огнот во регионот на Идлиб, од пред неполна година, меѓутоа таму се одвива офанзива на силите лојални на претседателот Башар ал-Асад. Анкара и Москва во изминатите месеци успеваа секогаш одново да се договорат за ново примирје. Многумина се скептични дека овојпат тоа ќе биде возможно.

Syrien Notunterkunft in Idlib
Фотографија: picture-alliance/AA/H. Harrat

Поради борбите во Идлиб сѐ повеќе луѓе притискаат на турската граница, која меѓутоа е затворена- засега. Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган постојано предупредуваше од нов бегалски бран, кој би можел од Сирија да навлезе во Турција. И секогаш одново се закануваше дека ќе ги отвори границите кон Европа.

По најновите гласини Европската унија ѝ порача на Анкара оти очекува таа да ги почитува своите обврски преземени според договорот за бегалците постигнат во 2016 година. Портпаролот на ЕУ, Петер Стано на денешната средба со новинарите истакна: „Од наша гледна точка договорот и натаму важи и очекуваме Турција да ги почитува своите обврски“.

Новинските агенции јавуваат дека десетици бегалци веќе чекаат кај Пазаркуле на турската страна од копнената граница кон Грција. Претставници на грчката полиција исто така потврдија дека десетици луѓе се собрани на турската страна на границата со Грција и извикуваат барања за отворање на границата. Дополнителни припадници на грчката полиција и на воените погранични патроли се распоредени денеска на грчката страна од границата за да спречат преминување на мигрантит, кои немаат дозвола.