1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меѓу прагматизам и разочарување

6 јули 2021

Процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан практично замре. Во регионот, ова доведува до фрустрација. Сепак, во последно време има мали, но корисни чекори на напредок, коментира Аделхајд Фајлке.

https://p.dw.com/p/3w4yv
Deutschland | Virtueller Westbalkan Gipfel | PK Angela Merkel
Фотографија: Nenad Kreizer/DW

Берлинскиот процес за Западен Балкан е несомнено една од најголемите германски надворешнополитички иницијативи кои се тесно поврзани со името и личниот ангажман на Ангела Меркел. Седум години од неговиот почеток, и речиси на крајот на ерата на Меркел, самитот се врати на местото од каде што потекнува.

Но, прагматичната трезвеност на процесот, исто така симболизирана од Ангела Меркел, се повлече пред отрезнувањето кое долго време владее на Западен Балкан кога станува збор за очекувањата за проширувањето на ЕУ. Интеграциските процеси со години се заглавени - од една страна, затоа што секогаш одново во Брисел има  вета и блокади; а од друга страна, затоа што нема значителен напредок во самите земји од Западен Балкан.

Со заминувањето на Ангела Меркел, постои страв дека ќе исчезне поттурнувачката сила со која Германија и канцеларката лично се залагаа за шесте земји од Западен Балкан во ЕУ во претходните години, како и за европската перспектива во тие земји. Не само што би било пожелно, туку би било и во интерес на Германија и на ЕУ, доколку Берлин продолжи да биде, не само како искрен посредник ,туку со сета своја надворешнополитичка сила и локомотива на регионална соработка, и доколку продолжи да се залага за европската перспектива на Западен Балкан.

Нема вистинска пристапна перспектива?

Билансот од Берлинскиот процес е слаб, доколку по 7 години се очекуваа голем напредок и регионална соработка. Едвај и да има напредок во помирувањето и во меѓусебното политичко признавање. А сепак, има многу конкретни успеси во централните прашања кои директно ги засегаат луѓето во овие земји и го трасираат патот на нормализирање во регионот: на пример, иницијативата која ги поврзува младите од регионот- РИКО, укинување на наплатата за роаминг од 1 јули и подготовките за создавање заеднички регионален пазар. Овој проект до 2024 година на Западен Балкан би требало да му ги овозможи четирите основни слободи врз кои е изградена ЕУ: слободен проток на луѓе, стока, услуги и капитал.

Feilcke Adelheid Kommentarbild App
Аделхајд Фајлке, авторка на коментарот

Повеќе:

-Балканското наследство на Ангела Меркел

-Меркел ги гледа балканските држави како идни членки на ЕУ

-Последното рандеву на Меркел со Западниот Балкан

Тоа е перспектива која можеби е пореална отколку интеграцијата на регионот во ЕУ. На Западен Балкан секако многумина веќе не веруваат дека ЕУ навистина ги сака. Бидејќи, и кога државите ќе ги извршат своите домашни задачи, ЕУ им го одрекува она што го ветила: пристапниот процес на Србија и на Црна Гора со години стагнира, С. Македонија и Албанија досега не започнаа пристапни приговори, на Косово како на единствена земја постојано ѝ се одлага визна либерализација. А, Босна и Херцеговина, покрај Косово, е најдалеку од каква било конкретна перспектива за пристапување.

ЕУ е на пат да ја прокоцка својата улога на ориентациона точка и перспектива за регионот. Избледе ветувањето од Солун. Неодамна, за време на набавката на вакцини, овие земји се чуствуваа оставени на цедило. Други играчи се пред вратите: Турција, Русија, Кина, но и САД.

Infografik EU Beitrittskandidaten Westbalkan DE
Државите од Западен Балкан- кандидати за членство во ЕУ

Мали напредоци, наместо голем пробив

Сѐ додека ЕУ самата го попречува патот на проширувањето на Западен Балкан преку блокадите на одделни членки, иницијативите од Берлинискиот процес ќе бидат поважни од кога било. Тие на неможноста да се постигне голем политички напредок на ниво на ЕУ ѝ спротивставуваат политика на мали чекори. Мали чекори на вистинскиот пат на поблиска регионална соработка која на долг рок создава олеснувања во секојдневниот живот и нормалност во мирно соседство, таму каде досега доминираа националистички раздвојувања.

Додека сјајот на ЕУ е сѐ послаб на Западен Балкан, ангажманот на одделни држави во ЕУ и институции кои се вклучени во Берлинскиот процес би можел да биде блескав светилник. Сите партии кои имаат кандидати во трката за наследник на Ангела Меркел официјално го поддржуваат интеграцискиот процес на Западен Балкан. Но, потребно е повеќе за да се надмине разочарувањето во регионот: Меркел тука со трезвен прагматизам започна формат на кој под идната германска влада ќе му биде потребно продолжение, обнова и зајакнување. Тој тоа го заслужува.