1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го губи кредибилитетот, а С. Македонија волјата и надежта

Марина Максимовиќ
20 јуни 2019

Заклучоците на Советот на ЕУ се уште еден во низата сигнали дека политиката на проширување на ЕУ е во проблеми. ЕУ е на пат да го загуби кредибилитетот, а Западниот Балкан надежта во проширување.

https://p.dw.com/p/3KkQV
Belgien Brüssel Statue "Europa" vor Europaparlament
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker

ЕУ повторно ја одложи препораката за почеток на пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија. Овојпат изговорот беше од „техничка природа“, бидејќи Советот на ЕУ, како што се наведува во заклучоците, „има на располагање ограничено време за такво важно прашање“.

Се чини дека седницата на Бундестагот кој мора да се изјасни за ова прашање, а кој ќе расправа дури во септември, и послужи како дополнително оправдување, во прв ред на Франција, која од доаѓањето на Макрон се залага за стратегијата „прво внатрешни реформи, па потоа проширување“.

„Повторното одложување на одлуката за Албанија и С. Македонија е големо разочарување и студен туш за Скопје и Тирана. Тоа е лош сигнал кој можеби и може да се проголта, доколку во октомври има позитивна одлука. Доколку ја нема, тогаш можеме да ја прогласиме за мртва политиката на проширување, бидејќи и онака е веќе болна и на смртна постела“, вели Александра Штиглмајер од Европската иницијатива за стабилност.

ЕУ без кредибилитет, Балканот - без надеж

По овогодинешниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите во процесот на проширување и особено по заклучоците на Советот на ЕУ за проширувањето, С. Македонија и во помала мерка Албанија останаа со надеж во октомври 2019.

Во Центарот за европска политика во Брисел објаснуваат дека до оваа ситуација доаѓа во „лош момент“ поради европските избори, но и поради очигледната „национализација на проширувањето“.

„Гледаме дека земјите-членки раководат со ова досие веќе извесно време и дека и покрај ставот на Европската комисија понекогаш притискаат кочница, без таквата одлука да биде втемелена во вистинскиот напредок на земјите во процесот на проширувањето“, вели Корина Стратулат од Центарот за европска политика.

Во разговор за ДВ, Стратулат објаснува дека таквите одлуки често се иницирани од внатрешните политики на земјите-членки и дека носат опасност од подривање на кредибилитетот на целата ЕУ во процесот на проширување.
„Секако дека реформите во земјите од Западниот Балкан не се спроведуваат поради процесот на проширување, туку поради добробитта на сопствениот народ, но тоа е и дел од процесот кој има јасни чекори. Не можете да барате резултати од тие земји, доколку вие самите не одговорите на тие резултати. Тоа го поставува прашањето, колку е вашиот ангажман сериозен“, вели Стратулат.

EU Außenministertreffen in Luxemburg
Од последниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ во ЛуксембургФотографија: Imago Images/photothek/F. Gärtner

Практична соработка наместо техникалии

Доколку ЕУ го загуби кредибилитетот во регионот, на што тогаш ќе се базира нејзината трансформативна моќ и влијание. Од друга страна, доколку земјите од Западниот Балкан ја загубат надежта во процесот на проширување тогаш ќе се свртат на друга страна.

„Тогаш ќе се отвори вратата за Русија, Кина, Турција. ЕУ ќе го загуби Западниот Балкан, а регионот ќе го загуби светилникот кој го водеше во реформите и политиките. А тоа е катастрофална слика“, предупредува Александра Штиглмајер.

Според неа, земјите-членки на ЕУ во процесот на проширување внесуваат скепса која има повеќе врска со нивната домашна политика одошто со регионот и дека заборавиле на вредностите и причините за ангажманот на Балканот.

„Потребно е во наредниот период да се помести фокусот од процес кој подразбира техникалии, услови и датуми и да се фокусираме на соработка преку која ќе сфатиме зошто го правиме ова. Заедно да работиме на практични работи кои се од интерес и за ЕУ и за регионот како што се: финансиско-економски прашања, миграции, безбедност, геополитичка стабилност, борба против тероризмот, демографија, клима. Разбирањето колку сме си потребни едни на други, дека сите сме во истиот брод и весламе на иста страна, може да ја заживее љубовта и да се прелее и на процесот на проширување“, заклучува Корина Стратулат.

Иднината на процесот на проширување многу ќе зависи од способноста на ЕУ и на Западниот Балкан да сфатат дека не се работи за „нас“ и за „нив“, дека сите имаме иста цел и дека стратегијата „прво реформи“ подразбира и решавање на прашањето на проширувањето односно повторното обединување на целиот континент. Во спротивно, овој процес како ни односот нема да преживеат. И сите треба да се прашаат- која е алтернативата?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема