1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го заострува тонот кон Кина

Лара Гор
9 април 2019

Самитот ЕУ-Кина во Брисел веројатно ќе заврши без заедничка декларација, затоа што Кина не го остварува она што ветува.

https://p.dw.com/p/3GSx6
Symbolbild Handelsbeziehungen EU - China
Фотографија: Imago/C. Ohde

Ако им се верува на набљудувачите, на денешниот самит на врвот на ЕУ со кинескиот премиер Ли Кечијанг во Брисел ќе биде „студено“. За разлика од самитот на Кина со африканските држави во септември 2018 година, кого кинеската државна телевизија го оцени како „семејна средба“ и зборуваше за „заеднички соништа“, и „вечно пријателство“.

ЕУ денеска и покрај повеќемесечните подготовки од Кина нема да го одбие она што го бара, а тоа пред сѐ е почитувањето на човековите права, поправедна трговија и инвестициски можности. „Очекувањата се многу мали“, вели експертот за Кина, Мико Хуотари од Институтот за кинески студии Меркатор (МЕРИКС) од Берлин. „Веројатноста да нема заедничка изјава на крајот е многу голема.“

Ќе се разговара за теми како промена на климата, надворешна политика и сајбер-безбедност, но сепак приоритет на 21. самит ЕУ-Кина ќе биде „реципроцитетот“ во делот на трговијата и инвестициите. Тоа значи дека ако кинеските претпријатија профитираат од отворен и транспарентен пристап до европскиот пазар, тогаш тоа треба да важи и обратно.

Peking EU China Treffen Tusk Li Keqiang Juncker
Доколку од средбата на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер (д.), претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск (л.) и кинескиот премиер Ли Кечијанг нема заедничка изјава, тогаш остануваат ветувањата од минатата годинаФотографија: Reuters/T. Peter

Кина ги игнорира барањата на ЕУ

Затоа, ЕУ со Кина преговара за договор за заштита на инвестициите. „Тоа ќе биде одлучувачки инструмент за постигнување еднакви правила на игра, еднакви услови за инвестиции и фер третман на европските претпријатија кои се активни во Кина. Ако сѐ оди како што треба и ако суштинските работи се во ред, тогаш договорот би бил готов наредната година“, изјави пред самитот романската министерка за европски прашања Меланија Габриела Чот.

Дополнително, ЕУ бара од Кина да се држи до правилата на Светската трговска организација (СТО) и да ги ограничи субвенциите за државните индустрии. Освен тоа, странските претпријатија не би требало во иднина да бидат принудувани да ги обелоденуваат своите технологии доколку сакаат да делуваат во Кина.

Многу од овие работи Кина веќе ги вети, но досега не ги спроведе. „Од европски аспект би било успех ако работите кои се ветени минатата година, бидат и исполнети“, оценува експертот за Кина, Мико Хуотари, додавајќи: „Спроведувањето не успева. Во некои сфери дури има и назадување.“

Повеќе:

Кина претпочита просперитетна Европа

Пат на свилата: Кина има план и нема да се откаже

ЕУ и Кина, според неименуван европски дипломат, се неединствени и околу темата човекови права. Доколку од средбата на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск и кинескиот премиер Ли Кечијанг нема заедничка изјава, тогаш остануваат ветувањата од минатата година, нагласува ЕУ-дипломатот. А, што се однесува до кинеските ветувања, ЕУ негува сѐ помалку илузии. Толку малку, што овојпат е подготвена да го заврши самитот без заедничка декларација.

Непосредно по самитот во Брисел, многу шефови на влади на земјите членки на ЕУ повторно ќе се сретнат со кинескиот премиер Ли Кечијанг, и тоа во Хрватска. На т.н. 16+1 формат треба да се разговара за соработката на Кина со земјите од централна и источна Европа. Тие се дел од кинеската „Иницијатива Пат на свилата“, во рамките на која би требало да се надградуваат трговските односи и инфраструктурата.

Критичарите аргументираат дека Кина се обидува да го зголеми своето економско и политичко влијание во регионот. „Погледнете колку долго Ли Кечијанг ќе се задржи во Хрватска! Тоа е многу подолго отколку времето што ќе го помине во Брисел“, нагласува Мико Хуотари. Неговата прогноза гласи: Кинезите натамошно ја зголемуваат соработката и со тоа го поткопуваат европското единство.