1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го презема кормилото за Брегзит

Бернд Ригерт
11 април 2019

За да се избегне тврд Брегзит, ЕУ ја стави Велика Британија на долга клупа на чекање. Повеќе време, помалку хаос? Коментар на Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3GafM
Symbolbild Brexit
Фотографија: picture-alliance/R. Pinney

Театарот околу Брегзит станува сѐ поапсурден. Земјата членка која сака да излезе, но е неспособна да организира уреден развод, сега ќе биде евентуално принудена да учествува на европските избори. На избори за институција на која всушност веќе не сака да припаѓа. Не е чудо што на тврдокорните брегзитери им падна на ум да ја искорисат шансата за саботажа и на ЕУ по изборите одвнатре да ѝ ставаат песок во моторот, кој и онака работи полека.

Сега ЕУ се обидува да ја разубави апсурдноста на ситуацијата со флексибилно продолжување на рокот, кое е поврзано со услови. Доколку Британците конечно се усогласат околу неопходниот договор за излез од ЕУ, тогаш ќе можат да ја напуштат Унијата на први наредниот месец, но тоа важи најдоцна до 31 октомври. Тоа звучи речиси како германски договор за станарина. Прашањето - зошто тогаш е воопшто потребно ограничување, веќе и не се поставува.

Натамошно продолжување не се исклучува

Во текот на овие внатрешнополитички мачни месеци до октомври, со еден сосема раскаран парламент и премиерка без моќ и поддршка, Велика Британија мора да се однесува послушно на масата на ЕУ и не смее да го спречува функционирањето на Унијата. „Take back control!“ (Да си ја вратиме контролата) - оваа волшебна реченица имаше некако поинаков призвук во текот на кампањата за Брегзит.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Во текот на долгиот самит ноќеска ЕУ ѝ диктираше услови на британската премиерка и носеше одлуки околу тоа дали земјата ќе си замине без договор во петок или тоа ќе се одложи за неколку месеци. Меѓутоа, воопшто не е сигурно дека на крајот од ова ново продолжение навистина ќе има договор за Брегзит, кој ќе биде ратификуван од двете страни. Веќе сега е јасно дека на крајот на октомври во случај на потреба ќе има ново продолжение, зашто ЕУ не сака да биде во никој случај виновна за тврд Брегзит.

Единственото чисто решение без големи апсурди би било британската влада да си го повлече барањето за излез. Во таков случај Велика Британија, како членка со сите права и обврски, би го имала сето време на светот да се среди, да започне одново и со ЕУ да испреговара друг договор за развод. Вресокот на тврдите брегзитери би бил силен. Тереза Mеј по повлекувањето на барањето би морала да си замине, но таа тоа и онака го понуди со цел парламентот да постигне согласност.

Сеништата се сѐ уште недвиснати

Несигурноста на граѓаните и на претпријатијата останува. Сѐ лебди. Тоа е отров за инвестициски одлуки. Досега 27-те земји членки на ЕУ беа вчудовидувачки единствени по прашањето на Брегзит. Меѓутоа, тоа единство сега почнува да се разнишува. Франција многу се спротивставуваше на, од страна на големо мнозинство членки, фаворизираното долго продолжување на рокот за Брегзит. Франција, исто како Тереза Меј, сакаше развод на 30 јуни, со цел да се спречи британско учество на европските избори. Германија се залагаше за декември или март, за конечно да ја симне тешката тема Брегзит од насловните страници.

На крајот е постигнат типичен компромис - на средина, на крајот на октомври - кој не е многу образложен со факти.

Меѓутоа, ова продолжение веќе има прекар - Хеловин-Брегзит. Во последната ноќ од октомври царуваат духови и сеништа. Дали е тоа добар предзнак?

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија