1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Турција постигнаа контроверзен договор за бегалците

Б. Георгиевски/ап/афп18 март 2016

Договорот меѓу Брисел и Анкара предвидува враќање на сите илегални мигранти од Грција во Турција. Турција ќе добие дополнителни средства и концесии од ЕУ. Сомнеж околу легалноста на договорот.

https://p.dw.com/p/1IFxG
Фотографија: picture-alliance/dpa/O.Hoslet

ЕУ и Турција постигнаа договор за изнаоѓање решение за бегалската криза со кој и се даваат на Анкара концесии за подобри односи со Унијата. Веста преку својот Твитер профил прв ја соопшти чешкиот премиер Бохуслав Соботка кој најави дека договорот предвидува „враќање на сите илегални мигранти кои пристигнале во Грција од Турција, од недела 20 март“. Висок турски функционер во меѓувреме ја коригираше изјавата на Бохотка, тврдејќи дека враќањето на мигрантите ќе започне од 4 април.

Се очекува договорот да го потпише и турскиот премиер Ахмет Давутоглу, откако претходно согласност дадоа сите 28 лидери на земјите-членки на ЕУ. Давутоглу вели дека главната грижа на Анкара е судбината на речиси 3 милиони сириски бегалци во неговата земја. Но во истовреме, тој побара досега невидени концесии од ЕУ.
За ЕУ, договорот ќе донесе малку мир по повеќемесечните жестоки кавги меѓу нејзините членки околу мигрантската криза, и на некој начин ќе значи „аутсорсинг“ на бегалскиот проблем во Турција.

Согласно договореното, Анкара ќе ги преземе назад сите илегални мигранти кои ќе преминат кон Грција, вклучително и Сиријците, а во замена, ЕУ ќе преземе илјадници сириски бегалци директно од Турција и на земјата ќе и исплати уште поголема парична помош, ќе дозволи безвизен режим за нејзините граѓани и напредок во преговорите за членство во ЕУ.

ЕУ се согласи и да ја забрза исплатата на 3 милијарди евра кои од претходно и беа ветени на Турција, како и да исплати дополнителни 3 милијарди до 2018 година, откако Анкара ќе понуди листа на проекти кои би се квалификувале за помош од ЕУ.

Во истовреме, ЕУ се соочува и со сериозни правни пречки во однос на планот за враќање на мигрантите во Турција.

На дискусиите за време на самитот преовладуваше сомнеж меѓу земјите-членки и адвокатите на ЕУ околу прашањето дали договорот може да биде легален согласно меѓународното право. И бројни хуманитарни организации го критикуваа планот и го прогласија за предавство на европските принципи.