1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ сака и авиокомпаниите да тргуваат со ЦО2

20 ноември 2011

ЕУ во 2005 година воведе правило за трговија со јаглерод диоксид. Ова важи пред се’ за фабриките и атомските централи, но од наредната година треба да важи и за авиокомпаниите.

https://p.dw.com/p/12vqm
Колку ЦО2 смее да се испушта во атмосферата?Фотографија: frank peters-Fotolia.com

На Европската унија и‘ се закануваат проблеми. Имено, доколку кинеските патнички авиони од следната година бидат вклучени во европската трговија со емисијата на штетни гасови, Кина ќе ги откаже нарачките на авиони од типот Ербас. Ова Пекинг го најави уште летово. И САД имаат намера да се заканат со правни механизми против ова правило. Поради тоа, американските компании подигнаа тужба пред Европскиот суд. Авиокомпаниите стравуваат дека ќе имаат големи финансиски трошоци доколку од 2012 година треба да се придржуваат до новото правило за испуштање на штетни гасови. Така на пример тие ќе треба да купат права за емисија на штетни гасови штом нивните авиони слетаат во ЕУ. Меѓутоа, пратеникот на германската ЦДУ, Петер Лизе, тврди дека трошоците нема енормно да се зголемат: „Трошокот е всушност многу мал. За еден патник, според информации на Европската комисија за трансатлантски летови, на пример на релација Франкфурт -Њујорк, треба да се платат две евра.“

Правилата одамна се усвоени

Airbus A321 mit Bio-Kirosin
Ербас 321 што работи со био-керозинФотографија: Lufthansa Bildarchiv

Членките на ЕУ исто така постигнале договор. Но, многумина сметаат дека Европа не треба да држи премногу крут став, бидејќи ризикува стопанска војна. Германската влада јасно се изјасни дека треба да се најде некое неутрално решение кое нема да се одрази врз конкурентноста. Тоа значи дека поголеми трошоци не треба да имаат само земјите на ЕУ, туку сите да ги имаат истите права. Комисијата започна преговори со одделни земји за тоа кои правила треба да се вклучат во постапката. Тоа е во согласност со правната насока. Комесарката на ЕУ за климата, Кони Хедегард вели: „ Ние во моментов преговараме за начинот на примена на тие мерки. Европа не е таа што кажа, кој што треба да работи. Туку, напротив авиокомпаниите бараат воведување на глобално правило, кое треба сите да го спроведуваат. Тоа е добро, бидејќи ние на такво нешто чекаме уште од 1997 година.”

Ќе има ли „стопанска војна“ во ЕУ?

Така, Кина веќе најави дека ќе ја намали емисијата на ЦО2 на своите патнички авиони за 22 насто. На кој начин има намера тоа да го направи се´ уште не е јасно. Комисијата во моментов ја разгледува постапката и дали таа од европска гледна точка може да се примени. Доколку се покаже дека тоа е во ред, во иднина ќе отпадне една од давачките што треба да ги плаќаат Кинезите кога летаат во Европа. Слични преговори се водат и со другите држави. За тоа до каде се стигнати преговорите еврокомесарката Кони Хедегар им поднесе извештај на европските министри за заштита на животната средина на средината од октомври.

Abgase
Штетни издувни гасовиФотографија: KfW / Thomas Klewar

Освен тоа, министрите на ЕУ се договориле да го ограничат отпорот на трети земји, како што изјави еден дипломат од Унијата. Ваквата одлука е донесена и покрај тоа што тие со страв гледаат кон 1. јануари и можните сериозни судири со САД, Индија, Кина и други земји. Во секој случај Европејците ја постигнаа првата победа. Правобранителството на Европскиот суд соопшти дека директивата на ЕУ е во согласност со меѓународните договори. Соодветна пресуда судот ќе донесе во текот на оваа година. Европската комисија соопшти дека сите авиокомпании редовно доставуваат податоци со цел системот за трговија со емисијата на штетни гасови да стартува од 2012 година.

Автор: Кристоф Пресл / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска