1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ ќе и даде пари на Грција, само не се знае кога

16 март 2010

Грција ќе може да смета на финансиска помош од нејзините партнери од eврозоната, доколку таква помош и биде потребна. Министрите за финансии на земјите членки на еврозоната се договорија за модалитетите на планот.

https://p.dw.com/p/MU5T
На Грција до крајот на годината ќе и требаат најмалку 50 милијарди евраФотографија: DW-Montage/bilderbox.de

По петчасовни разговори во Брисел, претседателот на еврогрупата Жан Клод Јункер излезе пред новинарите и кусо соопшти: „На Грција ќе и’ се помогне, ако се појави потреба од тоа. Ние се` уште мислиме дека нема да дојде до тоа, но подготвени сме координирано и под раководство на Европската комисија да и` ставиме на Грција билатерална помош на располагање“, истакна Јункер.

За деталите на помошта, Јункер одби да говори, но нагласи дека механизмите не вклучуваат гаранции за кредити. Конечната одлука, сепак, ќе мора да ја донесат шефовите на држави и влади на членките на Унијата. Според Јункер, потребно е да се разјаснат уште детали, а тоа би можело да потрае и неколку недели. Остана отворено и прашањето дали уште на следниот самит на ЕУ во Брисел, на 25 и 26 март ќе може да се решава за планот за спасување на Грција.

Евентуалниот пакет ќе тежи најмалку 25 милијарди евра!

И покрај штурите информации, се погласно се шпекулира дека пакетот со финансиска помош за Грција би можел да тежи помеѓу 20 и 25 милијарди евра. Тие пари на грчката Влада би требало да и’ се обезбедат до мај, за државата да може да го финансира буџетскиот дефицит кој сега изнесува 300 милијарди евра. Сепак, и таа сума би можела да се покаже недоволна, бидејќи според проценките, на Грција до крајот на годинава ќе и’ требаат најмалку 50 милијарди евра за да ги затвори сите дупки.

Papandreou und Juncker
Жан Клод Јункер и Јоргос ПапандреуФотографија: AP

Сепак, Јункер е оптимист, поради ригорозните мерки на штедење на Атина, можеби пакетот на ЕУ воопшто и нема да биде потребен. „Сметаме дека воопшто нема да ни треба таков инструмент, бидејќи грчките мерки за штедење се уверливи, а и финансиските пазари би можеле да бидат убедени во тоа“.

И покрај жестоките протести на синдикатите, владата во Атина се обидува годинава да го намали буџетскиот дефицит од 12,7 на 8,7 проценти, преку кратења на платите и покачување на даноците. Во ЕУ стравуваат дека доколку Грција не успее, кризата би можела да се прошири и на други земји на Унијата.

„Грчката Влада усвои многу храбар и амбициозен пакет на мерки. Тоа значи дека сега земјата е на вистински пат да го намали државниот буџетски дефицит за четири проценти“, оцени европскиот комесар за економија Оли Рен.

На земји како Грција, смета Рен, треба да им се помогне да го подобрат извозот, додека земји како Германија, која важи за извозна нација, треба да се потруди да ја зголеми домашната потрошувачка.

Како поука од кризата во Грција, министрите за финансии на еврозоната дискутираат и за нови инструменти, со кои во иднина ќе се справуваат со високозадолжените земји.

Автор: БГ/ГЧ/дв/

Редактор: Александра Трајковска