1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жртвите од радијацијата во Фукушима ја земаат судбината во свои раце

М. Фриц / Б. Георгиевски11 март 2014

Евакуираните жители на градот Нами во Фукушима беа озрачени со радијација. Грижата за сопственото здравје ја земаа во свои раце. Во меѓувреме, две деца заболеа од рак.

https://p.dw.com/p/1BN9Q
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кога Минако Фуџивара раскажува за својот пес, станува тажна. Малото животно пцовисало минатиот јуни. „Му паднаа влакната, а кожата му стана црна“, раскажува 56-годишната Фуџивара. Слични симптоми имаа и животните во Чернобил. Песот најверојатно умрел од преголемо озрачување, затоа што при евакуацијата на градот Нами, девет километри оддалечен од атомската централа во Фукушума, семејството прво морало да го остави својот пес.

Освен високиот крвен притисок, госпоѓа Фуџивара досега немала други здравствени проблеми. Но локалниот лекар во Нами, Шунџи Секине, стравува од последици за луѓето. Во неговата амбуланта, сместена на работ на населбата од контејнери во кои се сместени семејствата од Нами, Секине речиси секојдневно ги истражува последиците врз штитните жлезди на жителите. Поради големото количество на радиоактивен јод во нивните штитни жлезди, најзагрозени се децата и младите, вели 71-годишниот лекар.

Државата ги крие податоците

„Засега недостасуваат поголеми студии, но сметам дека има голема поврзаност меѓу атомската несреќа и случаите на рак“, вели лекарот, кој сѐ до заминувањето во пензија, работел како специјалист за штитни жлезди и рак на гради. Според официјалните бројки од почетокот на февруари, кај 250 илјади прегледани деца и тинејџери биле откриени 33 случаи на рак, или во просек 13 заболувања на 100 илјади жители. Тоа е речиси четири пати повисоко од светскиот просек во сите старосни групи. Притоа, локалните власти во Фукушима одбиваат да објават какви било релевантни податоци за случаите на рак. Сите обиди на доктор Секине да добие одговори за претходното живеалиште на заболените деца и за нивото на радијација, завршуваат безуспешно, под изговор дека тоа се тајни податоци. Советникот за здравство на локалните власти во Фукушима, Шуниши Јамашита одбива секаков разговор на таа тема: „Сѐ уште не е дојдено времето да се даваат оценки. Мора да се извршат дополнителни испитувања“, вели тој.

Japan Fukushima Tsunami Katastrophe Namie
Барикада пред влезот во НамиФотографија: picture-alliance/dpa

Но жителите на Нами немаат намера да чекаат на поддршка од владата. Тие веќе еднаш беа жртви на неспособноста на државата. Цели четири дена по експлозијата на реакторот на 15. март 2011 година пристигна наредбата за евакуација во градот Цушима на северозападот на земјата. Притоа, бегалците биле насочени кон невидливите радиоактивни облаци и се здобиле со поголемо озрачување отколку кога би останале во своите домови. Властите во Токио точно знаеле за тоа преку своите компјутерски анализи, но молчеле затоа што се плашеле од уште поголема паника.

Истражувања на сопствен трошок

Токму поради таквите трагични искуства, жителите на Нами самите ги истражуваат последиците од несреќата, вели локалниот шеф на здравствената служба Норио Коно. „Сакаме да ја имаме контролата врз здравјето на нашите жители“, вели тој. Доколку жителите сакаат да добијат отштета од Тепко, мораат да обезбедат цврсти докази. Затоа тие на сопствен трошок купиле скенер за целото тело кој е сместен во привремената населба. Така, сите жители под 40-годишна возраст добиваат можност една годишно да бидат испитани за присуство на Цезиум 134 и 137. Државата таквата можност ја нуди еднаш во две години.

Bildergalerie Fukishima 2 Jahre danach Medizinische Untersuchung
Докторот Шунџи Секине во својата праксаФотографија: Reuters

Секој втор жител на Нами досега сериозни им приоѓаше на дополнителните испитувања. Но, некои свесно го избегнуваат испитувањето. Казуе Јамаги раскажува за својата 21-годишна ќерка која не сака да ја прегледа својата штитна жлезда. „Таа избега од Фукушима и ги избегнува вестите. Не сака ни да се мажи. Вели дека жртвите веќе немаат никаква иднина“, раскажува мајката. Сепак, состојбата не е толку трагична.

Хибакуша, или во превод жртви од радијација, како и нивните наследници сѐ уште ги чувствуваат последиците од атомските бомби во Хирошима и Нагасаки. Затоа и евакуираните од Фукушима бараат ист статус како и оној на жртвите од атомските бомби, смета здравствениот работник Коно. „И жителите на Нами се чувствуваат како Хибакуша, како жртви на радијација. Нивните контаминирани гени ќе бидат пренесувани со генерации“.