1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

За 24 часа – 24 починати од Ковид-19

ДТЗ /ДВ
3 ноември 2020

Регистрирани се 913 новозаразени од коронавирус во земјата. Во кафеана до 21 часот, без групирање и без непотребно излегување во текот на вечерните часови, одлучи Владата.

https://p.dw.com/p/3kpZm
Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

24 лица починале од Ковид-19 во изминативе 24 часа. Министерството за здравство доцна вечерва информираше дека се регистрирани 913 нови случаи на Ковид- 19, со што вкупната бројка на дијагностицирани е 33.908. Оздравени се 421 пациенти.

Дури шестмина од починатите се од Струмица на возраст од 37 до 75 години, додека четворица се од Прилеп. Останатите починати се од Скопје, Куманово, Велес, Битола, Гостивар и Пробиштип. На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 7 пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 160 пациенти. На кислородна поддршка се 130 пациенти

Изминатата недела бројот на заразени од Ковид-19 се зголемил за дури 70%. Биле направени 17.299 тестови за Ковид-19, информира Министерството за здравство, повикувајќи се на извештајот на Институтот за јавно здравје. Регистрирани сe 5.800 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 70,1% споредено со неделата претходно. Најголем дел од регистрираните случаи и натаму се од Скопје (46,4%).

Нови мерки

Во кафеана до 21 часот, без групирање и без непотребно излегување во текот на вечерните часови. Ова се новите мерки кои ги усвои Владата на денешната седница за спречување на ширењето на коронавирусот. Се скратува работното време на угостителските објекти, кои ќе треба да затворат по 21 часот, освен за достава и шалтерска продажба на храна, а се забранува и групирање на повеќе од четири лица. На граѓаните им се препорачува во вечерните часови да останат дома.

Оваа одлука важи и за угостителските објекти на бензинските станици, а исклучени се угостителските објекти на ТАВ аеродромите во Скопје и Охрид.

Владата соопшти дека е донесна и препорака за граѓаните да не се групираат во домовите по повод семејни прослави, слави или други собири во групи поголеми од четири лица, кои не живеат во иста заедница.

И Армијата се вклучува во обезбедување на болниците

На предлог на Министерството за здравство Владата вечерва побара од претседателот Стево Пендаровски да даде согласност за вклучување на  припадниците на Армијата во обезбедувањето на болниците како дополнителна испомош на полицијата.

Извори од Министерството за здравство за Дојче веле велат дека барањето за ангажман на припадниците на Армијата се однесува само на Клиничкиот центар во Скопје, кадешто поради големиот обем на пациенти, е потребно одржување на редот и упатување на граѓаните до бараните услуги.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема