1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За богатите... и даноците

26 јануари 2019

Зошто предлозите за зголемување на даночните стапки за приходите на најбогатите ги доведуваат до ужас оние што имаат многу пари? И зошто ниските даноци драматично ја зголемуваат нееднаквоста?

https://p.dw.com/p/3CEYT
Stempel mit der Aufschrift Reichensteuer
Печат со натпис „данок на богатство“Фотографија: Imago/C. Ohde

Александра Окасио-Кортез е вистинска сензација во американскиот Конгрес. Оваа 29-годишна њујорчанка од Бронкс преку ноќ ја освои Америка, прво кога го победи на примарните избори во нејзината Демократска партија деценискиот член на Претставничкиот дом, а потоа како тајфун го однесе и републиканскиот ривал на ноемвриските избори. Секој потег на оваа насмеана и енергична девојка е следен како да е во прашање вистинска холивудска ѕвезда. Таа е паметна и образована, таа е дел од новата генерација политичари, таа е дел од стотината жени од Демократската партија во новиот Конгрес. Таа е сосема спротивна од сета онаа политичка класа на која се навикнати Американците. И плус, се претставува како демократ-социјалист.

Кога неодамна во едно телевизиско интервју предложи дека треба да се воведе маргинална даночна стапка од 70 отсто за сите оние што заработуваат над 10 милиони долари годишно настана вистински лом во Америка. Конзервативците од републиканската страна ја напаѓаат како најцрн комунист кој сака да го поткопа капитализмот, левичарскиот дел од општеството и познатите економисти велат дека нема ништо нелогично во нејзиниот предлог кој може да биде само мал чекор во исправањето на драматичното ниво на нееднаквост во американското општество.

Дебатата за предлогот на Окасио-Кортез се пренесе и во коридорите на Светскиот економски форум во Давос, каде што супербогатите покажаа застрашеност, па дури и паника, дека некој би сакал да чепне во нивното екстремно богатство за да биде распределено и за други потреби во општеството.

Alexandria Ocasio-Cortez
Предлогот на Александра Окасио-Кортез за воведување маргинална даночна стапка од 70 отсто за сите оние што заработуваат над 10 милиони долари годишно предизвика голема прашинаФотографија: picture-alliance/dpa/AP/Sg

Секогаш било тешко да се прават макар и минимални споредби за една општествена дебата што се случува во Македонија и за начинот како таа се одвива во американската демократија. Некогаш дури е и неумесно да се споредуваат работите. Па, сепак, понекогаш е корисно да се прикаже разликата. Дебатата околу најавата на СДСМ уште во изборната кампања за воведување прогресивен данок и најпосле неговото законско ефектуирање се претвори во килава расправа. Де колку треба да бидат маргиналните даночни стапки, де за која висина на платата да важат, де од кога да се спроведува... За на крај, кога стана извесно дека владата ќе ја спроведе таа идеја со големо амортизирање на првичниот предлог, во чија срж беше создавање поправедно општество, тоа да се претвори во некаков крик на бизнисот да не се чепка во неговото богатство. Една комора, друга комора, трета комора, некои економски институти, по некој директор, економистите од опозицијата – повеќето се трудеа да ги скријат солзите што внатре ги ронеа затоа што ќе мора оној еден отсто од богатите да плаќа поголем данок. Вината беше од сите страни – и од Владата, и од коморите, и од економската фела. Како што елегантно објасни еден наш познат економист: „Набљудувано од аспект на количеството и квалитетот на дебатата, напуштањето на рамниот данок и воведувањето на прогресивното оданочување во Македонија не помина сјајно. Тоа е болката на македонското општество. Ние не изградивме начин и традиција како да им приоѓаме на важни општествени прашања, немаме желба да идентификуваме личности кои би презентирале изградени ставови и би служеле како стожерни точки за заземање позиција во дебатата, без оглед на чии било политички преференци“.

Паника од Њујорк до Давос

Затоа да видиме што се случуваше во САД, па и во Давос, затоа што е јасно дека американските кругови преку Атлантикот доаѓаат на европското копно. Ако можеше популизмот на Трамп да најде плодна европска почва, не е исклучено ни високите даноци да се закотват во Европа (иако тие одамна се начин на живеење во скандинавските општества). Александра Окасио-Кортез се залага секој Американец што заработува 10 милиони долари годишно да се оданочува со повисока стапка. Тоа значи дека 10-милионитиот долар и тие над него ќе потпаѓаат под стапката од 70 отсто. Таа предлага тие пари да се собираат во фондот наречен „Зелен нов договор“, главно насочен за справување со климатските промени. Реакциите од десницата беа слични како овдешните. Некои економисти тој предлог го споредија со ропство, други зборуваат да се „одземе 70 отсто од вашиот приход и да им се даде на левичарските програми на фантазијата“. Овие забелешки првенствено беа „моралистички“ отколку емпириски.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Емпиријата преку статистиката има егзактни податоци. Само 3.755 Американци имале плата поголема од 10 милиони долари во 2017 година. Нивната вкупна заработувачка е 82 милијарди долари. Според сегашните даноци што ги воведе администрацијата на Трамп, со 37 отсто стапка се оданочуваат приходите од 500.000 долари па нагоре. Според планот на Окасио-Кортез со новата даночна стапка би се собрале дополнителни 14,8 милијарди долари, што е 0,0007 отсто од сите заработувачки. Оваа бројка, според планот на младата конгресменка, нема да направи никаква разлика во американската економија. Таа е само почеток за замислениот „Зелен нов договор“ (асоцијација на Новиот договор на Рузвелт). Таа бројка е помала од она што САД го издвојуваат за НАСА, а е само два отсто од буџетот на армијата. Буџетот на САД сега изнесува 4,4 билиони долари, па таа сума е како игла во стог сено. Најинтересно е што во оваа листа што би се оданочувала не спаѓаат најбогатите, туку претежно банкарите. На пример, Ворен Бафет, еден од најбогатите Американци со богатство од 90 милијарди долари, има годишна плата од 100.000 долари. Неговото богатство лежи во имот и акции. Слично е и со другите богаташи.

Други колумни од авторот:

Кусата рака на Кремљ

До последниот здив

Популизмот ги храни сипаниците

Неутралните економисти ги отфрлија „моралистичките“ забелешки за „ропство“ како некохерентни. „Никој не те тера да заработуваш 10 милиони долари. Да се биде толку богат е избор“, нагласуваа тие. Во објаснувањето за огромната нееднаквост беа претставени запрепастувачки податоци. Богатството само на трите најбогати семејства во Америка од 1982 година пораснало за 6.000 отсто. Трите најбогати смејства во САД се Волтонс од „Волмарт“, семејството што ја држи кондиторската индустрија „Марс“ и браќата Кох, кои имаат енергетски конгломерат. Сите тие се претпријатија изградени од нивните дедовци и родители и оставени на денешните наследници. Овие три семејства имаат богатство од 348 милијарди долари, што е четири милиони пати повеќе од просечното американско семејство. За истото тоа време, од 1982 година до денес, кога нивното богатство пораснало за 6.000 отсто, богатството на едно средно семејство се намалило за три отсто.

Од демократија кон плутократија

Сега тие, и сличните на нив, се згрозени од предлогот на Александра Окасио-Кортез. Но не мислат сите така. Сега повторно се посочува на сведочењето на еден од најбогатите, Ворен Бафет, од пред неколку години во Конгресот, кога побара пошироко и поголемо оданочување. „Династичкото богатство, непријателот на меритократијата, е во пораст. Можноста за еднаквост е во опаѓање. Прогресивното и разумно однаочување е потребно за да се заузда движењето од демократија кон плутократија“, изјави тогаш Бафет пред конгресмените.

Нобеловецот Пол Кругман, професор по економија на Универзитетот во Њујорк, во својата редовна колумна во „Њујорк тајмс“ вели вака: „Републиканците речиси универзално ги бранат ниските даноци на богатството и тоа го засновуваат на тврдењето дека даночните олеснувања на најбогатите ќе имаат големи корисни ефекти врз економијата. Овие тврдења се засноваат врз истражувањето на... па, никој. Нема ниеден сериозен труд кој ќе ги поддржи даночните идеи на десницата, бидејќи доказите целосно претежнуваат против овие идеи“. И Кругман, и другите познати економисти, во оваа дебата го посочуваат познатото истражување на нобеловецот Пол Дајмонд (водечкиот светски експерт за јавни финансии) и професорот од Беркли, Емануел Саез (водечки американски експерт за нееднаквоста) во кое тие емпириски докажуваат дека оптималната даночна стапка е 73 отсто за годишни приходи над 300.000 долари.

Symbolbild Reichtum Goldene Gabeln
Богатите не сакаат да им се чепка во она што го поседуваатФотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas

Во Давос, Скот Минерд, глобален шеф за инвестиции на „Гугенхајм партнерс“, компанија вредна 265 милијарди долари, им изјави на новинарите; „Јас сум застрашен од предлогот на Александра Окасио-Кортез“. И верува дека тој предлог ќе стане реалност во наредниот период. Такви стапки не се ништо чудно за Америка, бидејќи постоеја и во 1920-тите, 1930-тите, 1950-тите, 1960-тите, сѐ до доаѓањето на Роналд Реган. Ако Минерд и неговите колеги богаташи се застрашени, овој предлог за Окасио-Кортез доби голема поддршка кај обичните Американци. Една анкета оваа недела покажа дека 59 отсто од Американците го поддржуваат оданочувањето со 70 отсто на богатите, а меѓу нив се дури 45 отсто од републиканците. Тоа ги шокираше републиканските конгресмени.

Прославениот француски економист, Томас Пикети, еден од најголемите поборници за еднаквост, осудувајќи ги династичките богатства предупреди дека ако не интервенираме за да ја вратиме назад оваа динамика ние се движиме кон „наследнички капитализам“, во кој наследниците на денешните милијардери ќе доминираат со политиката, културата, филантропијата и економијата.

Секаде е исто, па и во Македонија. Само што овде, во едно затворено, сиромашно и претпазливо општество, овие предупредувања малкумина стручни луѓе можат да го кажат. Од најразлични причини. Можеби најважната од нив е конформизмот.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар