1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Бруно... од нашето маало

Синоличка Трпкова
29 јуни 2018

Моите пријатели со попреченост ми помагаат мене повеќе одошто јас ним! Нивната немоќ и судири со институционалните и други општествени и физички пречки кај нив отвориле една нова димензија на гледање на работите.

https://p.dw.com/p/30WwJ
Sinolicka Trpkova
Фотографија: Privat

Пред неколку дена бев на вториот настан организиран од невладината организација „Пркос” за лицата со попреченост. Беше под ведро небо во дворот на градинката „Грин хаус”. Се стемнуваше кога пристигнав и сѐ беше подготвено за проекција на филмот „Devocean”. Настанот се викаше „Нуркање под ѕвезди”. По подолг период на лични премрежја, за првпат се почувствував спокојна и ослободена. Во мигот кога ги здогледав моите пријатели од „Пркос“, товарот на моите плеќи исчезна. Нурнавме заедно во„океанот под ѕвездите”. И тие во колички, и тие без нив станаа едно, дишејќи ја без здив приказната за - Бруно. 

Филмот ја раскажува приказната за Бруно, кој бил исклучителен спортист, авантурист и одличен сурфер, што не знаел да мирува. Во една од неговите авантури, овој млад маж, во тешка сообраќајка, сосема ја изгубил способноста за одење. Но тука всушност започнал неговиот друг живот, и филмот отвора прозорец во светот на Бруно, оној свет - што за голем дел од оние надвор од него е невозможен и недостижен. Токму затоа овој филм не е наменет само за луѓето со попречност, туку пред сѐ за оние што не можат ни да замислат што значи да се биде неподвижен. Додека ја следев приказната заедно со луѓето околу мене со големи срца, на чии лица се гледаше озареност и насмевка, почувствував како заедно допливавме до островот на слободата. Луѓето бараат секакви оправдувања за сопствените грешки, одбегнувајќи да погледнат во себе, во својот океан од вистини. Се жалат, плачат, офкаат, лелекаат, за сѐ и сешто. Со очи заматени од солзи, не можат често да се видат можностите и слободите пред нас, а го изодуваме животот со врзани очи, не знаејќи каде одиме, оставајќи ја нашата судбина во туѓи раце.

Океанот е простор полн со метафори. Застрашува, но и восхитува. Бесконечен е, темен и неистражен, а сепак те мами со своите егзотични тајни. Можеш да се нурнеш во него, да ги јавнеш брановите, да пловиш, или едноставно можеш и да не правиш ништо, да му се предадеш, да лебдееш на површината, и да му дозволиш на океанот да те нишка како перце. Бруно го прави сето ова. Оди секојдневно сам со свое прилагодено возило до брегот на океанот, се спушта со својата количка до плажите, ја врзува штицата за сурфање и му се препушта на океанот. Неговата битка со брановите додека сурфа легнат, со нозете врзани една со друга, за да го „слушаат”, рамо до рамо со останатите сурфери - е една од најсилните метафори за животот на секој човек. Иако сите соговорници и пријатели во филмот му помагаат и му се восхитуваат на Бруно, сепак публиката не може лесно да скокне во прегратката на восхитот. Пред сѐ, зашто се соочува не само со личната ограниченост во разбирање на кругот на живот, туку и со ограниченоста и уплашеноста на сите нас што не сме „попречени”, а најчесто се задоволуваме само да „шлапкаме”, а не целосно да се предадеме на океанот... од знаење, љубов, радост, тага, милност....живот!

Не може секој да биде Бруно

Крајот на филмот и одјавната шпица брзо нѐ врати на „копно”, во реалноста. Не може секој да биде Бруно. Всушност ретко кој може да биде Бруно, но секој може да учи од него, може да проба да ја преиспита својата сила и да се бори за себе во нашиот институционален „океан”. Упорноста на Бруно ги надминала границите и пречките, и му отворила можност да живее најдобро што може. Не знаеме меѓутоа дали тој е среќен кога не е пред камера, но како гледачи сме уверени дека тој никогаш не мирува и дека секогаш има нови планови и цели за остварување.

Други колумни од авторката:

За нашиот државен пубертет

За олигарсите и уметноста

Деца за љубење или за губење

Немавме за што да дебатираме по проекцијата, зашто сите се чувствувавме олеснето од нашата секојдневна сурова реалност. Разменивме идеи и скроивме план за нареден настан и средба. „Пркос” знае каде оди и кои се неговите очекувања во ова иреално опкружување. Како уметник можам да кажам дека одлично се снаоѓам во водите во кои плива „Пркос“ заедно со сите оние што имаа можност да нуркаат со нас. Не, никако не зборувам за бегство или моментална утеха, туку напротив - за длабоко и свесно заедничко осмислување и делување за тоа што сѐ може да се направи за овие „ретки” лица и како. Тоа што најмалку можеме и мораме да направиме како општество е да им го олесниме барем достапот до сите објекти што имаат скали со пристапни рампи, по кои може полесно да се дојде во колички.

Повеќе кажано одошто направено

Но исто морам да признаам дека моите пријатели со попреченост ми помагаат мене повеќе одошто јас ним! Нивната немоќ и нивните судири со институционалните и други општествени и физички пречки кај нив отвориле една нова димензија на гледање на работите, што ве враќа на почеток –  кога очите и душата се отворени за сѐ, без предрасуди, без умисли и без стравови. Овие мои пријатели ја крепат искреноста и невиноста на детето во мене. Зашто нив никогаш не ги напушта насмевката, но ги знам и нивните солзи, и таги (а и тие моите), зашто нашата комуникација е непосредна и отворена. Јас сум им благодарна за тоа. Честопати, чувството дека не можам конкретно и директно да им помогнам ме прави понемоќна од нив. Не верувам ниту во институциите и оној вонинституционален апарат што на хартија постои исклучиво за нив. Тој е сведен на збор, на некакви програми запишани на хартија, но не и на конкретно делување. Често слушаме што се планира да се прави и навидум се прави, но тоа реално не го гледаме. После сѐ што е кажано и направено  – повеќе е кажано одошто направено. Тоа не смее да продолжи така. Не смее да постои оправдување и друг приоритет од нивното најосновно човечко право – да бидат вклучени во „нашиот” свет како еднакви со нас. На многумина од нив помошта од родителите, децата, пријателите, соседите, случајните добронамерници им го менува животот повеќе од „општествената грижа” за нив.

Ваквите лекции за оние како Бруно мораат да станат задолжителни лекции на училиште, со кои децата се воспитуваат од мали нозе. И ние имаме овде онакви како Бруно што можат да ни помогнат да научиме како да ги прифаќаме и заедно да живееме со оние што се навидум различни од нас. Но, за тоа да се случи ќе треба прво ние да им помогнеме ним. За да можат, ако ништо друго, барем непречено да излезат од своите домови и да се почувствуваат како рамноправни граѓани.

П.С.

Само како информација, што верувам ќе ве натера да ја преиспитате смислата на постоењето на многу невладини и владини, солидно избуџетирани фондови - овој настан чинеше само 5.000 денари... за едно „нуркање под ѕвездите”.

Кафуле кое урива предрасуди