1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За опозициските работи: Не правам ништо, критикувам сѐ

4 декември 2020

Ако се посветени на државата како што тврдат, опозиционерите ќе понудат решенија и предлози, а не да бегаат од реалноста и да поднесуваат банални амандмани, вели политологот Ана Чупеска. 

https://p.dw.com/p/3mDJd
 Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Фотографија: Regierung Mazedonien

Не стивнуваат реакциите откако минатата недела пратениците од опозицијата (ВМРО- ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива) поднесоа над 3.000 амандмани за измените во Деловникот, со кои треба да се овозможи онлајн учество на седници за пратениците кои се во изолација или болни од Ковид-19. Како тоа да не беше доволно, па вчера пристигна и нова тура од 500 амандмани - сега за измените на Законот за здравствена заштита.

Реакциите се жестоки. Едни го бранат филибастерингот, други укажуваат дека во овој кризен здравствен момент тоа е најмалку потребно.

„Блокирањето со окoлу 3.000 амандмани и т.н. филибастеринг очигледно немаат конструктивна цел“ вели д-р Ана Чупеска, професорка на Институтот за политички науки при Правниот факултет „Јустинијан Први“ на УКИМ.

„Јасно е дека станува збор за бегање од одговорност и од учество во решавањето на актуелните проблеми со кои се соочува земјата, иако од опозициите во целиот демократскиот свет се очекува да бидат тоа - конструктивни во критиката. Ако се посветени на државата како што тврдат, опозиционерите ќе понудат решенија и предлози, а не да бегаат од реалноста и да поднесуваат банални амандмани. Дополнително, тоа е навредливо и за нивните гласачи и за граѓаните воопшто“, вели Чупеска.

Mazedonien Ministerpräsident Zoram Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, потенцира дека и британскиот парламент, кој многу наши пратеници го посочуваат како пример, веќе подолг период овозможува онлајн учество на седниците

„Никој не бара сите да седиме дома. Онлајн учество на седница треба да биде овозможено само по исклучок за наши колеги пратеници кои се во изолција поради заболен член од семејството, или ако тие се засегнати од болеста. Сите други ќе бидеме физички присутни во парламентот. Реалноста бара да најдеме соодветни, алтернативи решенија“, вели Џафери.

Инфантилно политиканство

Сегашниот однос на опозицијата, според содржината на дел од амандманите, укажува дека е изгубена одговорноста, и чувството за тежината на моментот во кој го затрупаа парламентот со амандмани.

„Условите на криза и глобална пандемија налагаат општа одговорност на сите, а особено на политичките фактори, но, тие упорно самите се изземаат од одговорноста. Онлајн работата на Собранието во ова време е нужност“, потенцира Чупеска.

Повеќе:

-30 години од првите плурални избори: Првиот парламент беше и единствениот слободен

Според професорката, додека целиот парламентарен свет се адаптира на новите околности, а РСМ влезе во НАТО благодарение на ИТ алатките (со последната ратификација преку онлајн седница на шпанскиот парламент- н.з.), нашата опозиција е во „denial“ и во негационизам.

Mazedonien Parlament
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Евентуалната деловничка измена во правец на онлај работење е тесно и темпорално поврзана со пандемијата, а не е производ на волунтаризам и произволност. Контестот е таков. Тоа е нужност што произлегува од реалноста со која мора да се соочиме. Уште повеќе, Уставот налага функционално Собрание, а не негова суспензија и неработење. Доколку тие не го доживуваат парламентот како место на делиберација, нека истапат од функциите и нека дејствуваат вонпарламентарно, ако е тоа нивна политичка одлука. Но, во отсуство на визија, храброст, идеолошка конзистентност и одговорност, тераат инфантилно политиканство во духот на ‘не правам ништо, а критикувам сѐ’. А тоа е штетно за сите, вклучувајќи ги и нив самите, и нивните гласачи. Сепак, најмногу ме загрижува тоа што покажуваат отсуство на елементарна перцепција и чувство за состојбата во која реално се наоѓаат не само нашите граѓани, туку целиот свет", укажува Чупеска.

На штета на граѓаните

СДСМ реагира што сето ова се случува во време на сериозна светска здравствена криза. Во 500-те амандмани за измените на Законот за здравствена заштита, партијата гледа уште еден обид за блокада.

„Среде пандемија, додека државата, сите институции, здравствените работници и граѓаните се борат против коронавирусот, опозициската ВМРО-ДПМНЕ со поднесување 500 амандмани ги блокира измените на Законот за здравствена заштита. Срамно и неодговорно е опозицијата да се обидува да ја блокира работата на парламентот, да работи на штета на интересите на граѓаните. Ова е продолжение на опструкциите што ВМРО-ДПМНЕ со месеци ги прави врз здравствениот систем и во борбата против коронавирусот. Јавноста ова го гледа и цени. Затоа ВМРО-ДПМНЕ трипати по ред е казнето од граѓаните на избори, затоа Мицкоски е во опозиција и уште долго ќе остане таму“, реагираат од СДСМ.

Nord-Mazedonien Skopje | Proteste gegen Regierung
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Од ВМРО-ДПМНЕ пак обвинуваат дека законот што тие го предложиле се чува во фиока во Собранието, и дека претседателот Џафери намерно не ја продолжува седницата. Со него предлагаат да се формира Комисија која ќе биде составена од најдобрите експерти во државата, кои нема да бидат предложени од политички партии, туку од оние кои најдобро ја познаваат здравствената проблематика.