1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За расплетот во третиот чин

19 јуни 2019

Засега сѐ уште шансите за почеток на преговори се повисоки од веројатноста тоа да не се случи. Колумна на Петар Арсовски.

https://p.dw.com/p/3Khq0
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Член на ЦДУ за ФАЦ изјави дека не разбира зошто во Северна Македонија има толкава нервоза за одложувањето на одлуката за доделување датум за преговори за три месеци. Од таа перспектива, се чини логично да биде збунет: земјава чека пред портите на ЕУ веќе безмалку 15 години, од кои најмалку 10 години се враќаше назад, подалеку од европските вредности и перспективи. Оттаму, навистина изгледа банално кога ова последно одложување толку нѐ погодува, имајќи предвид дека за само три години како да го надоместивме изгубеното. Притоа, сите вести се охрабрувачки, со јасна индикација за посветеноста кон нашите евроатлантски интеграции. 

Затоа, изненадувачки изгледа фактот што дома, неизвесноста за одредувањето датум е проследена со една хипер-хистерија, од сите страни на политичкиот живот и од сите публики. Унисоно, и опозицијата и власта, и „проевропската” и „патриотската” јавност, заеднички мантраат дека одложувањето е предавство, изневерување, најава за криза, и генерално - пропаст на нашите перспективи. Се прашувам дали е ваквата хистерија оправдана, или има подлабоки причини за непропорционалната нервоза со која ги очекуваме вестите од Брисел.

Суштинскиот проблем

Мислам дека една од главните причини за оваа нервоза, сепак е длабока лутина која можеби не сакаме да ја признаеме. Настрана објаснувањата за вековната жртва на нашиот национален идентитет, која патолошки се врзува сега за Преспанскиот договор, зошто сме толку лути? Прво, мислам дека имаме право да се чувствуваме изневерени. Факт е дека јуни 2019 како датум беше експлицитно споменат во последните заклучоци на советот на министри на ЕУ, со тоа потврдувајќи го, експлицитниот или имплицитен, како сакате, договор кој го имавме со меѓународната заедница: решете го спорот, а ние ќе испорачаме евроатлантски интеграции. Сакала ЕУ тоа да го признае или не, тоа беше „дилот”. Недостатокот на испорака од страна на ЕУ, за нас само ќе биде потврда на она што евроскептиците постојано го повторуваат: ЕУ нема да испорача, бадијала правиме реформи. Токму овој став е и причина за вториот најголем страв кај критичката јавност, а тоа е дека без импулс кон евроатлантските интеграции, ние во суштина немаме капацитет да создадеме уредена држава. Тоа нѐ врзува во суштински циклон на недоверба и незадоволство, кој се заканува да прерасне во нов бран на евроскептичен популизам.

Други колумни од авторот:

За дршката

Под површината

Во интерес на вистината, иако последна земја поради која се одложува датумот за одлука е Германија, мислам дека таа не е нашиот суштински проблем. Мислам дека стратегијата за спојување со Албанија, која засега е поддржана и од Меркел, е поттикната од стравот - што би се случило со влијанието на радикалниот екстремизам доколку надвор од процесот останат само Албанија, Косово и Босна, каде има значително муслиманско население. Оттаму, желбата за пакет е всушност желба за стабилизација. Но, доколку во наредниот период нема суштинско поместување во Албанија (а по сѐ изгледа нема да има), Германија сепак ќе прифати само Македонија да напредува, зашто кај нив желбата за проширување е автентична. Поголем и посериозен проблем е Франција, која сѐ уште нема стратешка одлука за проширување, односно инсистира на реформи пред зголемување на Унијата, како и политичките калкулации на Бугарија и Грција (или Кипар, сеедно) кои се повеќе врзани за домашна агенда одошто за геополитика.

Суштинската дилема

Сепак, како што поминува времето, мислам дека шансите ќе ни се подобрат. ЕУ ќе се соочи со една едноставна одлука: или и Македонија и Албанија ќе останат нестабилни, или само Албанија. Србија е заглавена во популизам, Босна не оди никаде брзо, а по сѐ изгледа дека ситуацијата во Албанија ќе ескалира без оглед на динамиката на евроатлантските процеси. Така, во септември мислам дека ќе се одлучува дали, без оглед на регионот, барем Македонија ќе се стабилизира. Таму мислам дека шансите ни се засега сѐ уште добри. 

На крајот, суштинската дилема – дали недостатокот на преговори по автоматизам значи откажување од реформската и ЕУ-агендата веднаш. Јас мислам не. Не може оваа ситуација да се спореди директно со 2009, кога по неуспехот во Букурешт, македонскиот политички дискурс западна во еден целосен популистички декадентен национализам. Сепак сметам дека оваа влада нема на тој начин да реагира дури и ако не ги почнеме преговорите оваа година. Проблемот е што граѓаните ќе станат разочарани, и сегашната власт најверојатно ќе загуби поддршка за натамошни реформи. Така, постои ризик и во Скопје и во Атина да владеат партии кои суштински се противат на направениот компромис. Тоа е веќе сериозен ризик за трајниот курс на државата, како и за натамошното градење доверба помеѓу двете држави. За среќа, засега сѐ уште шансите за почеток на преговори се повисоки од веројатноста тоа да не се случи, и покрај нашите најдобри напори.