1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За сто дена Влада, очекувања како за сто месеци

6 септември 2017

Стоте дена се показател за владиниот курс, но недоволни за решавање на проблеми наталожени повеќе од една деценија, велат аналитичари. Додека Владата набројува остварени резултати, опозицијата гледа само „кошмар“

https://p.dw.com/p/2jPQU
Mazedonien Kabinett von Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Жестоки напади стигнаа од опозицијата за оствареното од Владата во првите сто дена. Партијата која во изминатите месеци ја опструираше работата на Собранието, кочејќи го усвојувањето на законски проекти, сега критикува за неефикасност и застој. Ваквиот манир предизвика жестоки реакции во јавноста. Приврзаници на опозицијата по социјалните мрежи зборуваат за „Сто дена тешка катастрофа“, а оние кои 11 години чекаа промени - тврдат: „Груевски блада за сто дена влада“. Политичките аналитичари укажуваат дека стоте дена се показател за владиниот политичко-оперативен курс, но далеку од доволен период за решавање на проблеми наталожени повеќе од една деценија.

„По се што се случи во Македонија, и особено по настаните во Собранието, од новата Влада има големи очекувања“, вели аналитичарот Назим Рашиди.

„Има движење во сферите на надворешната политика и интеграции. Тоа што е можеби највпечатливо, е дека промената на власта дава некое чувство на послободно општество, имајќи предвид колку државата предходно беше 'заробена'. Од друга страна, се очекуваат конкретни чекори, особено реформи во правосудството. Иако веќе се преземени одредени чекори, сепак, за граѓаните се уште нема опипливи резултати. Овие реформи мора да дадат потврда дека сите злоупотреби ќе се адресираат на начин кој ќе укаже дека има правна држава. Особенода се утврди дали по затворите лежат невини луѓе. Ако тоа не се случи, ќе остане само сенсот на ослободување, но луѓето ќе тонат во идејата дека нема да биде држава од Македонија. Во последните денови, фокусот на владините коалиционери е во локалните избори, што прави да се губи фокусот за решавање на проблемите во економијата, здравството, образованието“, посочува Рашиди.

Mazedonien Nikola Gruevski VMRO-DPMNE
Груевски ја критикува новата владаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Груевски: Ова е цунами!

„Сто дена дена лаги, неспособност, хаос и понижување“, обвини лидерот на најголемата опозициска партија, Никола Груевски, со должина на обраќање во фиделкастровски стил, кое не го издржа еден од членовите на партискиот подмладок што стоеја зад него, и - падна, без да добие помош од присутните. 

„Сто дена партизација, кадровски дебакл, незаконско работење и уривање на институциите. Сто дена укинување и блокирање на проекти, економско тонење, задолжувања, неработење и непромислени и површни потези. Ова е тоа што го трпеше Македонија и граѓаните на Македонија изминативе сто дена. Ова што го прави СДСМ на сопствениот народ и држава е рамно на цунами. Ова сите ние заедно можеме да го прекинеме и ќе го прекинеме. Овој кошмар може да се прекине на 15-ти октомври!“, рече Груевски, најавувајќи пораз за СДСМ на локалните избори.

„Кошмарот заврши на денот кога Груевски замина во опозиција“, му одговорија социјалдемократите.

„Со лажни вести, лажни ветувања и лажна загриженост, Груевски уште еднаш докажа дека работи против интересите на граѓаните и државата. Колку се грижи за граѓаните, се покажа на неговата прес-конференција, кога младо момче зад него колабираше, а ниту еден, вклучително и Груевски, не се ни обиде да му помогне. Груевски отворено кажа дека е против покачување на минималната плата и со тоа отиде против интересите на 70.000 граѓани. Груевски не може да побегне од политиките на деструкции и внатрешни и меѓународни конфликти. Не може да се помири со фактот што парите на граѓаните повеќе не завршуваат во неговиот џеб, туку се користат за повисоки плати, пензии, нови работни места, поголема помош за земјоделците и за решавање на статусот на стечајците“, му одговорија од СДСМ, нотирајќи ја разликата помеѓу „криминално-насилничко-расипничко владеење на претходната, и одговорното работење на новата Влада.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Премиерот Заев поднесе отчетна листа за првите 100 дена на владатаФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Доволно или недоволно?

Во отчетната листа на премиерот Заев за сработеното во изминатите 100 дена се најдоа законските измени за зголемување на минимална плата за околу 70.000 вработени, враќањето на евтината струја, трајното решавање на проблемот на 3.000 стечајни работници, поголема помош за претпријатијата, дополнителни 10 милиони евра помош за земјоделците, започната процедура за укинување на радиодифузна такса, најава дека и за македонските инвеститори ќе важат истите правила како за странските... Освен во правосудството, реформи ќе следат во социјалната политика, но и во образованието, каде укинувањето на екстерното тестирање беше еден од првите чекори на Владата.

„Укинувањето на екстерното тестирање е едно од позитивните реализирани ветувања на Владата“, вели Здравко Савески од „Левица“. Како позитивни ги смета и најавите за зголемување на минималната плата и решавањето на статусот на стечајците, кои влегоа во собраниска процедура.

„Но оценката за нив зависи од квалитетот на законските решенија: дали платите ќе бидат државно субвенционирани или не, а во вториот случај, дали со законот ќе се опфатат само дел или сите стечајци, без разлика дали доаѓаат од претпријатија во приватна или државна сопственост. Позитивно е и подобрувањето на меѓусоседските односи, и ние како 'Левица' тоа го поздравуваме“, вели Савески. Но според него, тоа не е доволно. 

„Владата за проектите се уште зборува во идно време. Навистина во изминатиот период се соочуваа со опструкции од ВМРО-ДПМНЕ, но и покрај тоа, можеа да сработат повеќе од она што го сработија досега“, смета Савески. На скалата од 1 до 5, тој за првите сто дена Владата ја оцени со „тројка“. Врз оценката влијаат забелешките за негативните потези.

„Негативно беше лишувањето од слобода на невини лица присутни на НАТО - изложбата на оружје, додека две лица осомничени за криминал им избегаа. Негативно е вработувањето без конкурс, нешто што претходно го критикуваа, и тоа што имаат ист број министри без ресор, како и претходната влада. Негативно е формирање 'министерство на вистината ' што ќе стражари над секоја критичка мисла и тоа што се 'вадат' на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се преземе ништо за намалување на надоместокот за патни трошоци на пратениците“, набројува Савески.

Мини- анкети меѓу граѓаните, покажуваат дека кај нив највисоко котираат законските проекти што го подобруваат стандардот - зголемување на минималната плата, помош за бизниси, субвенции, продолжување на рокот за легализација на дивоградби, но и воведувањето двосменско работење во градинките и некои државни институции.

Оценките што ги даваат за работата на Владата се движат најчесто се 3 или 4, има по некоја „петка“, но не изостанува и по некој „кец“. Но, претежно се согласуваат дека сто дена не се доволни за релевантна оценка.

„За сто дена очекуваме резултати како за сто месеци. Само ако нема опструкции сѐ може да оди побрзо“, вели пензионер од Скопје.

Таа едноставна лекција досега не е научена.