1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загатка околу основачот на Алибаба: Каде е Џек Ма?

Томас Колман
8 јануари 2021

Основачот на Алибаба всушност обожува помпезни настапи и да си го инсценира животот како бизнис-легенда. Но, од почетокот на ноември, Џек Ма како да исчезна од лицето на земјата. Околу причините жестоко се шпекулира.

https://p.dw.com/p/3neHe
Frankreich Paris | Jack Ma CEO von Alibaba
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Lopez

Веќе два месеца луѓето во Кина и останатиот дел од светот се прашуваат- каде е Џек Ма? На почетокот на ноември, кинеското државно и партиско раководство го повика харизматичниот основач на гигантскиот интеренет портал Алибаба за да му покаже дека во Кина државното и партиско раководство секогаш го имаат последниот збор – без разлика колку милијарди долари има некој на своето конто. Џек Ма на 24 октомври во еден говор во Шангај ги оквалификува кинеските власти како старомодни и заостанати и побара поголема регулаторна слобода за финтек-концерните како Ант Груп.

Ма тогаш го извлече подебелиот крај и практично во последна секунда беше одложено рекордното излегување на берза со акции со волумен од 37 милијарди долари на Ант Груп, сестринска фирма на концернот Алибаба.

Оттогаш се стиши инаку комуникативниот Џек Ма. Молк владее дури и на неговите профили на социјалните мрежи. Неговата последна објава на платформата Веибо е од 17 октомври. Во ноември, непосредно пред одржувањето, беше откажано неговото учество како член на жири на кинеското ТВ шоу „Бизнис хероите на Африка“ и експресно му беше најдена замена.

Во меѓувреме, кинеските регулаторни власти продолжија да постапуваат против разгранетата бизнис империја на Џек Ма.

Повеќе на темата:

Богатството на супербогатите Кинези се зголемило како никогаш досега

Шефот на Алибаба си даде „отказ“

Алибаба: Свртување кон секојдневието

Основачот на „Алибаба“ е најбогатиот Кинез

Но, каде се наоѓа тој? Дали кинеските власти го држат милијардерот некаде против негова волја, или е во домашен притвор бидејќи отиде предалеку со неговите вербални напади против финансиските регулатори и државните банки?

„Верувам дека му е речено да се држи настрана,“ смета Данкан Кларк, шеф на технолошко-консултантската фирма БДА Кина во Пекинг. „Ова е прилично невообичаена ситуација која повеќе има врска со големината на Ант и сензитивноста на финансиската регулатива,“ смета Кларк.

Долгата рака на партијата

Колумнистот на ДВ, Јувен Денк многу добро знае што значи да се „закачиш“ со властите во Пекинг. Во 2018 тој во „Њујорк тајмс" објави напис под наслов „Седум совети за Ши Џинпинг“ во кој бараше демократски реформи за Кина и потоа ја загуби работата како уредник во „Стади тајмс“. Во меѓувреме работи како истражувач на Универзитетот Нотингем во Англија. „Пекинг сака да преземе построги мерки против монополистичката положба на некои фин-тек компании, за да им го намали капиталот и да го врати авторитетот на надзорните власти,“ објаснува Денг. Целта е менаџирање на ризиците бидејќи досегашната регулатива беше доста неадекватна и во минатото беше тешко да се контролира експанзијата на финтек- браншата во Кина. Освен тоа Пекинг сака да осигура дека ниту еден технолошки гигант како Алибаба во иднина нема да се осмели да ја оспори моќта на партијата. „Значи Пекинг размислува и политички,“ нагласува Денг.

China Jack Ma beim 10. Geburtstag von Alibaba
Џек Ма на десетгодишниот роденден на АлибабаФотографија: Getty Images/AFP/P. Parks

Во Кина не е новост познати бизнисмени да исчезнат. Тие потоа често завршуваат во затвор на издржување долгогодишни казни. Така на пример во 2010 поранешниот најбогат човек во Кина, Хуан Џијанду, основач на синџирот маркети за електроника – Гоме, беше осуден на 14 години затвор поради корупција. И Гуо Гуанчанг, чиј конгломерат Фосун интернешнал тесно соработува со германската компанија Бионтек која ја разви вакцината за корона, во 2015 еден период беше исчезнат.

И минатата година, милијардерот и тајкун со недвижности Рен Жигианг беше уапсен бидејќи ја критикуваше реакцијата на Кина на коронавирусот. Во септември беше осуден на 18 години затвор.

Не е ни чудо што многу супербогати во Кина очигледно си се држат до познатата кинеска поговорка: „Човек се плаши да стане познат како што прасето се плаши да се здебели.“ Се чини основачот на интернет концернот Тенцент, Ма Хуатенг, за разлика од Џек Ма, строго се придржува до ова: срамежлив е пред медиумите и речиси нема јавни настапи.

Нејасно е каде се наоѓа Ма

Шаун Реин ја има консултантската куќа Чајна маркет рисрч груп во Шангај и одржува редовен контакт со менаџерите на Алибаба и лица од опкружувањето на Џек Ма. Никој од нив не споменал дека милијардерот има правни проблеми. „Му удрија клоца, си ја научи лекцијата и затоа во изминатите два месеца е мирен”, коментира за новинската агенција АП Реин. „Некои негови пријатели ми рекоа дека не им се верува колку глупаво се однесувал”. 

Во секој случај било ризично тоа што во неговиот говор од крајот на октомври минатата година фронтално ги нападнал властодржшците од најгорниот ешалон. 

Покрај претставници на регулаторното тело за финансии, на конференцијата за економија во Шангај во аудиториумот бил и кинескот потпретседател Ванг Кишан. 

Ма критикуваше дека кинеските регулаторни власти имаат застарен „менталитет на заложни куќи” кој ги попречува иновациите за нови технологии за финансиските услуги. Тој апелираше до финансиските регулатори да поддржуваат неконвенционален пристап за да им го олеснат на компаниите и младите лица земањето заем. „Трката во иднина ќе биде трка на иновациите, а не на регулаторните можности”, го цитираше Ма хонконшкиот весник „Епл дејли."

Со таквиот напад Ма очигледно ја пречекорил линијата. Оти меѓу властодржците во Пекинг со години владее страв дека гигантскиот должнички балон на компаниите и домаќинствата во Кина би можел еден ден да пукне. Во најголем дел нерегулирани потрошувачки задолжувања кои фин-тек компании како Ант Груп ги одобруваат со само неколку кликања на интернет, се кошмар за кинеските финансиски регулаторни власти. Потпретседателот Ванг според информации на економскиот магазин „Кајксин" на конференцијата во Шангај предупредил дека новите технологии ја подобрувале ефикасноста, но „ги зголемувале финансиските ризици". 

Кризниот менаџмент во Пекинг

Пекинг очигледно страхува дека растечкото задолжување во Кина би можело да предизвика финансиска криза и дека меѓународни рејтинг агенции би можеле да го намалат бонитетот на кинеските државни побарувања. Кон средината на ноември, на пример, компаниските побарувања на концернот за алуминиум Хонгкјао претрпеа такво намалување. 

Поради тоа кинеските регулаторни органи ги затегаат уздите. На последниот викенд од декември топ менаџерите на Ант Груп беа свикани во Кинеската централна банка и од нив беше побарано „грешките” во кредитните, осигурителните и услугите за управување со финансиски средства да бидат коригирани по најстроги критериуми. 

Без разлика на тоа дали Џек Ма доброволно се повлекол во куќата во Хангжу, на околу 200 километри југозападно од Шангај, или пак таму е во домашен притвор, притисокот од државата врз неговата досега неконтролирана компаниска империја веројатно и натаму ќе расте.