1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој сѐ е губитник од елиминацијата на германските фудбалери

Хенрик Беме
30 јуни 2018

Убаво летно време и светско фудбалско првенство - идеална комбинација за пивниците, гастрономите, трговците. Но германската репрезентација е елиминирана уште во групната фаза. Вистинска катастрофа за многу стопанственици

https://p.dw.com/p/30Tw0
Fotoshooting mit Mercedes-Benz, DFB-Trainingslager Südtirol
Фотографија: picture-alliance/GES/M. Schmalzl

Пивниците, кафулињата, рестораните во средата вечерта насекаде во Германија беа преполни со навивачи на германскиот национален тим, полни со очекувања. Вечерта пак, по завршниот свиреж на загубениот натпревар против Јужна Кореја и со тоа елиминацијата на репрезентацијата уште во групната фаза на Мундијалот - големо отрезнување. Кај навивачите, но и кај организаторите на јавно следење на фудбалски мечеви, сопствениците на пивници и кафулиња. Сите тие инвестираа големи пари, на пример во нови телевизори, во изнајмување гигантски мобилни екрани, што не е евтино, посебно во време на Светско првенство, кога побарувачката е исклучително голема. Сите тие мора да сметаат на големи загуби.

Повеќе: 

Зошто Јоахим Лев сега треба да поднесе оставка

Фудбалската репрезентација е слика на Германија

Адидас мора да се надева на други тимови

Првпат во историјата, откако Германците учествуваат на турнирот, германскиот тим е елиминиран во почетната фаза. „Кој уште би сакал да носи Адидас, ако тие отпаднат уште во почетокот?“, праша Роберт Халфер, експерт за стратешки акциски влогови во Бадер банката, во разговор за Дојче веле непосредно по почетниот загубен натпревар на германската национална фудбалска екипа против Мексико. Сега се случи токму тоа. Производителот на спортска опрема, гигантот Адидас, уште сега треба да ги приземји своите амбициозни очекувања од висок обрт, иако, за волја на вистината, на турнирот остануваат сѐ уште тимови со негова опрема, како Аргентина, Шпанија, Шведска и Мексико. Во секој случај, акцијата на Адидас забележа пад. 

Повеќе: Фотографија на денот: Фудбалски дресови за мали пари

И на германските производители на пиво, кои годинава досега беа задоволни со зголемување на продажбата од 0,7 проценти во првиот квартал, елиминацијата на безволните момчиња на Јоги Лев ќе им го расипе расположението. Во 2006. година, пред и за време на СП во Германија, тие продадоа пет проценти повеќе пиво, а за време на светските првенства во 2010. и во 2014. година - околу четири проценти. Некои пиварници организираа вонредни работни смени за да можат да ја задоволат зголемената побарувачка. 

Овде не помага ни пиво за утеха!

Бидејќи уште во мај владееше топло време кое мамеше на седење во кафулињата, магацините на пиварниците се наполнети до врв, се вели од пиварницата „Велтинс“. Во мај тие продале 315.000 хектолитри пиво, десет проценти повеќе отколку во претходниот месец. Конкурентот „Кромбахер“, најголемиот германски производител на пиво, продал 650.000 хектолитри пиво, рекорд за оваа година. Но, со оглед на тоа што човек не може да испие толку многу пиво за утеха, изгледите за остатокот од годината се сѐ освен розови. 

WM 2018 - Public Viewing - Fanmeile Berlin
Разочарани навивачи, помала потрошувачка?Фотографија: picture-alliance/dpa/B. von Jutrczenka

Друг проблем: реклами на телевизијата, во дневните весници, на интернет-порталите. Кој уште ќе сака да го гледа Томас Милер кој рекламира купување кај супермаркетот Реве? Или Јоахим Лев во рекламниот спот за производителот на прозорци Шико? Тоа е осудено на неуспех. Но, Шико не сака да се откаже од Јоги Лев. И Мерцедес бенц, до крајот на годината генерален спонзор на Германскиот фудбалски сојуз, може да ги уништи или сторнира снимените реклами со репрезентацијата. Никој веќе не сака да ги гледа. Од 2019. година, патем, спонзорската улога ја презема концернот Фолксваген, кој е во потрага по нов почеток, што е можеби среќна околност.

И за Германскиот фудбалски сојуз, СП 2018 е зделка со загуби. Според проценките, можен е минус од 1,7 милиони евра, зашто наспроти приходите од 9,1 милион евра стојат трошоци од речиси 11 милиони евра за мисијата одбрана на титулата светски првак. За да се оствари добивка, милионски вредните ѕвезди ќе требаше да стигнат најмалку до полуфиналето. Дали од нив ќе се бара надомест? Секако не.

Освен тоа, надежта на трговијата на мало како синџирите супермаркети Реве, Едека или Реал, да профитираат од доброто расположение за време на Мундијалот, може исто така да се распрсне во воздух, исто како и надежта на електромаркетите како Сатурн или Медиа маркт да продадат некој телевизор повеќе. Меѓутоа, Ролф Бирки од Нирнбершкото друштво за истражување на потрошувачката е сигурен дека елиминацијата на германскиот тим на СП 2018 во Русија нема трајно да го закочи потрошувачкото расположение на Германците. Сепак, тој признава: „За жал или за среќа, немаме никакви искуства со вакво рано испаѓање од едно СП.“

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58